1И би слово Господово до мене:
2»Сине човечки: кажи збор кон синовите на твојот народ и речи им: ако пратам врз некоја земја меч и народот на таа земја меѓу себе избере човек и го постави за стражар,
3и тој, штом ќе го види мечот кој се протега врз земјата, ќе затруби во труба и ќе го предупреди народот,
4па, ако некој го чуе трубниот глас, но не се претпази тогаш кога ќе дојде мечот и ќе го достигне, крвта негова ќе падне врз главата негова.
5Трубниот глас тој го чул, но не се претпазил, па затоа крвта негова ќе падне врз него; а кој ќе се претпази, тој ќе си го спаси животот.
6Ако, пак, стражарот го види мечот што иде и не затруби со трубата, така што народот нема да биде предупреден, тоа тогаш, кога ќе дојде мечот и некому ќе му го одземе животот, тој ќе биде погоден заради гревот свој, но крвта негова ќе ја барам од стражарот.
7И тебе, сине човечки, Јас те поставив како стражар на домот Израилев: ти ќе слушаш слово од Мојата уста и ќе ги вразумуваш од Мене.
8Кога ќе му речам на грешникот: ‚грешнику, ти бездруго ќе умреш‘, а ти не му кажеш ништо, не го опоменеш беззаконикот да го остави неговиот пат, грешникот ќе умре за својот грев, но крвта негова ќе ја барам од раката твоја.
9Ако, пак, беззаконикот си го предупредил, да се врати од својот пат, а тој не се одвратил од патот свој, тој ќе умре за својот грев, но ти ќе ја зачуваш душата своја.
10Сине човечки, кажи му на домот Израилев – вие велите: ‚нашите престапи и нашите гревови се врз нас, и ние пропаѓаме во нив, како тогаш можеме да живееме?‘
11Кажи им, жив сум Јас, вели Господ Бог: Јас не ја сакам смртта на грешникот, туку грешникот да се одврати од својот пат и да остане жив. Вратете се, вратете се од вашите лоши патишта; зошто да умирате вие, доме Израилев?«
12Сине човечки, кажи им на синовите од твојот народ; преведноста нема да го спаси преведникот во денот на неговиот престап, и грешникот поради беззаконието свое нема да падне во денот, кога ќе се откаже од гревот свој, како и праведникот во денот, кога ќе згреши, не ќе може да остане меѓу живите заради својата праведност.
13Кога ќе му речам на праведникот дека тој нема да биде жив, и тој се надева на својата праведност, па врши неправда, тогаш сите негови праведни дела нема да се спомнат, и тој ќе умре од неправдата своја, што ја извршил.
14А кога ќе му кажам на грешникот: »бездруго ќе умреш«, и тој се откаже од гревовите свои, па врши суд и правда,
15а, ако тој грешник го врати залогот, го поврати ограбеното, оди по законот на животот и не врши ништо лошо, – тогаш тој ќе живее, нема да умре.
16Ниеден од неговите гревови, што ги извршил нема да му се спомнат; тој почнал да врши суд и правда, тој ќе биде жив.
17Синовите на твојот народ велат: »не е прав патот на Господа«, а всушност нивниот пат не е прав.
18Кога праведникот ќе отстапи од својата праведност и почне да врши беззаконие, тој ќе умре заради тоа.
19Кога, пак, грешникот ќе се поврати од гревот свој и ќе почне да врши суд и правда, заради тоа тој ќе остане жив.
20А вие велите: »не е прав патот на Господа!« Јас ќе ви судам, доме Израилев, на секого од вас според патиштата негови.
21Во дванаесеттата година од нашето преселување, десеттиот месец во петтиот ден од месецот, дојде при мене еден од избавените од Ерусалим и рече: »разрушен е градот!«
22Но уште пред да дојде спасениот, вечерта беше раката Господова врз мене и Он ја отвори устата моја, пред да дојде оној утредента при мене; ми се отвори устата и јас веќе не бев безгласен.
23И би слово Господово до мене:
24»Сине човечки, оние, што живеат во запустените места на земјата Израилева, зборуваат и велат: Авраам беше еден и ја наследи оваа земја; а ние сме многумина, па затоа нам ни е дадена оваа земја да ја владееме.«
25Затоа кажи им – вака вели Господ Бог: »Вие ќе јадете со крв, ќе ги кревате очите свои кон идоли и ќе пролевате крв, а сакате да владеете со оваа земја?
26Вие се потпирате на мечот свој, вршите гнасни работи, ја осквернувате жената на својот ближен и сакате да владеете со земјата?
27Еве што ќе им кажеш – така вели Господ Бог: жив сум Јас! Оние, што се по разорените места, ќе паднат од меч; оние, пак, што се наоѓаат во поле, ќе им дозволам на ѕверовите да ги изедат. Кои се, пак, во тврдините и по пештери, со смрт ќе ги поразам.
28И ќе ја направам земјата пустиња над пустињите, и гордата моќ нејзина ќе престане, па ќе запустат планините Израилеви, така што не ќе има кој да минува преку нив.
29И ќе познаат тогаш, дека Јас сум Господ, кога ќе ја направам земјата пустиња над пустињите заради сите нивни гнасни дела, што ги извршиле.
30А за тебе, сине човечки, синовите од твојот народ прикажуваат покрај ѕидовите и пред портите на куќите, и си велат еден на друг, брат на брат: ‚Одете и послушајте какво слово дојде од Господа!‘
31И тие ќе доаѓаат при тебе како на собрание народно и Мојот народ ќе седи пред лицето твое и ќе ги слуша зборовите твои, но нема да ги извршува; оти тие од тоа во устата своја си прават шеги, а срцето нивно се вовлекува по нивната лакомост.
32Па, ете, за нив ти си пеач со пријатен глас и кој убаво свири: тие ги слушаат твоите зборови, но не ги исполнуваат.
33А кога ќе дојде тоа, – а, еве, веќе иде, – тогаш ќе познаат, дека меѓу нив имало пророк.«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.