Второзаконие 13 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Против идолопоклонството.

1»Ако излезе пред тебе некој пророк, или толкувач на соништа, и ти покаже знак или чудо,

2и ако се оствари тој знак или чудо, за кое тој ти говорел, па потоа ти рече: ‚да одиме да служиме на други богови, кои ти не ги познаваш,‘

3ти не го слушај гласот на таков пророк, или на таков толкувач на соништа; бидејќи преку тоа Господ, вашиот Бог, ве искушува, за да дознае, дали Го сакате Господа, вашиот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа.

4Господа, вашиот Бог, следете Го, бојте се од Него, извршувајте ги Неговите заповеди и слушајте го гласот Негов, и Нему служете Му и бидете приврзани кон Него.

5А оној пророк, или оној толкувач на соништа да биде осуден на смрт, поради тоа што те измамил да се откажеш од Господа, твојот Бог, Кој те изведе од Египетската земја и те избави од домот на ропството, зашто сакал да те одврати од патот, по кој Господ, твојот Бог, ти беше заповедал да одиш; така истребете го злото од околината ваша.

6Ако тајно те наговорува братот твој од твојот татко или од мајката твоја, или твојот син, или ќерката твоја, или саканата жена твоја, или пријателот твој, кои е за тебе како душата твоја, па ти рече: ‚да одиме и да им служиме на други богови‘, што не ги познаваше ти и твоите татковци,

7на боговите на оние народи, што се околу тебе, од едниот крај на земјата до другиот, –

8не се согласувај со него и не го слушај; и да не ти се смили окото твое над него, не го жали и не го сокривај,

9туку убиј го; прво твојата рака нека биде врз него, за да го убие, – а потоа рацете на целиот народ;

10убиј го со камења, да умре; бидејќи тој сакал да те отстрани од Господа, твојот Бог, Кој те изведе од Египетската земја, од домот на ропството.

11Целиот Израел да го чуе тоа и да се исплаши, и нема во иднина да прави пред тебе такво зло.

12Ако чуеш за некој од градовите твои, што Господ, твојот Бог, ти ги дава за да се населиш во нив,

13дека во него се појавиле нечесни луѓе пред тебе И ги соблазниле сите жители на нивниот град, велејќи; ‚ајде да им служиме на други богови, кои вие не ги познавате‘, –

14ти испитај и дознај добро: и ако е тоа чиста вистина, дека е направена таква одвратност меѓу вас,

15погуби ги нив и жителите на тој град со сечилото на мечот, проколни го него и си што е во него;

16а сите добра од него собери ги среде плоштадот негов и изгори го со оган градот и сите добра од него пред целиот народ, пред Господа, твојот Бог, и да биде тој вечно пуст, никогаш да не се обнови.

17И до ништо од проколнатото да не се допре раката твоја, за да ја скроти Господовата јарост, па да ти даде милост, да ти прости, и да те размножи, како што ти говореше тебе, кога им се заколна на татковците твои,

18штом го слушаш гласот на Господа, твојот Бог, извршувајќи ги сите заповеди Негови, што сега ти ги кажувам, и вршејќи добро и угодно пред очите на Господа, твојот Бог.«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help