2. Ездра 1 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Востановување богослужение и празнување на Пасхата. Војната со Египет и смртта на Јосија. Наследниците на Јосија и уривање на на храмот и на Ерусалим.

1Јосија му направи Пасха на својот Господ во Ерусалим, го закла пасхалното јагне во четириниаесетиот ден на првиот месец

2и поставија во храмот Господов на смени свештеници во одежди.

3И им кажа на левитите, свештенослужители Израилеви: »Осветете се пред Господа, за да го поставите светиот Господов ковчег во храмот, направен од цар Соломона, син Давидов.

4Нема зошто да го носите на раменици: служете Му сега на Господа, вашиот Бог, и грижете се за народот Негов, Израилот, наредете се по вашите родови и племиња, според наредбата на Давида, цар Израилев, и според великолепието на синот негов Соломона;

5и откако ќе застанете во светилиштето, според родовите свои левитски, распоредете ги пред браќата свои, синовите на Израилот,

6заколете го пред уставот пасхалното јагне, пригответе жртви за браќата свои и направете Пасха според заповедта Господова, дадена на Мојсеја.«

7Јосиј му подари на народот, што се најде таму, триесет илјади јагниња и козли и три илјади телци; тоа беше дадено по ветување од царските стада на народот, свештениците и левитите.

8Хелкја, захарија и Јеил, начланици на храмот, им дадоа на свештениците за Пасха две илјади и шестотини овци и триста вола.

9А Јехонија, Самеј, Натанаил, негов брат, Асавија, Охиил и Јорам, илјадници, им дадоа на левитите за Пасха пет илјади овци и седумстотини вола.

10И кога стануваше тоа, свештениците и левитите стоеја благолепно, по поколенија и родови предимства, држејќи безквасници пред народот,

11за да му принесуваат жртви на Господа, според она како што е заповедано во Мојсеевата книга. Тоа се вршеше рано изутрина.

12Тогаш го испекоа пасхалното јагне на оган, како што беше редот, а жртвите ги зготвија во бакарни садови и котли со пријатен мирис, и им принесоа на сите луѓе.

13А потоа зготвија за себеси и за своите браќа свештеници, синови Аронови.

14Зашто свештениците принесуваа лој до доцна, а левитите поради тоа готвеа за себеси и за своите браќа свештеници, синови Аронови.

15А свештениците, синови Асафови, беа по местата свои, според Давидовата наредба, и Асаф, и Захарија, и Единус, кој беше од царот.

16И на вратите при секоја порта не се дозволуваше да ја пропуштат смената своја, зашто готвеа за нив браќата нивни, левитите.

17И во тој ден се сврши сѐ, што спаѓаше во принесувањето жртви на Господа при извршувањето на Пасхата,

18и кон принесувањето на сепаленици врз Господовиот жртвеник, според заповедта на царот Јосија.

19И синовите Израилеви, што се наоѓаа во тоа време таму, славеа Пасха и – празникот Бесквасници седум дена.

20Таква Пасха не беше празнувана во Израилот од времето на пророкот Самуила.

21И ниеден од сите Израилски цареви не направил таква Пасха, каква што направи Јосиј, заедно со свештениците, левитите, Јудејците и сите Израилци, што се наоѓаа тогаш во Ерусалим.

22Таа Пасха беше празнувана во осумнаесеттата година од царувањето на Јосија.

23И делата Јосиеви беа управени кон вистински пат пред Господа, полни со благочестивост.

24А она што беше станало во негово време, односно за оние, што грешеа и постапуваа нечестиво против Господа повеќе од секој народ и царство, и како тие свесно Го оскрбуваа, и како зборовите Господови се кранаа против Израилот, – запишано е во поранешните летописи.

25По сите работи на Јосија, се случи, Фараонот, царот египетски, да отиде да војува во Каркамист при Ефрат, и Јосиј му излезе во пресрет.

26Египетскиот цар испрати да му кажат: »Што има меѓу мене и тебе, цару јудејски?

27Не сум испратен против тебе од Господа Бога; мојата војна е Ефрат, и сега Господ е со мене и Господ ме поттикнува; отстапи и немој да Му се противставуваш на Господа.«

28Но Јосија не се врати во колата своја, туку реши да војува со него, а да не ги послуша зборовите на пророкот Јеремеија од устата Господова.

29И влезе против него во битка на полето Мегидо. И се собраа началниците при царот Јосија.

30Тогаш царот им рече на слугите свои: »Изведете ме од бојното поле, зашто изнемоштев.« И слугите веднаш го изведоа од стројот.

31Тој се качи на втората кола своја и, откако се врати во Ерусалим, умре, и го погребаа во гробницата на татковците негови.

32И плачеа за Јосија по цела Јудеја, плачеше за Јосија и пророкот Јеремија, и начлниците со жените свои го оплакуваа и до денес. И тоа му беше предадено за секогаш на целиот род Израилев.

33Тоа е запишано во летописите на јудејските цареви, како и она што го изврши Јосија, и славата негова, и како тој го разбираше законот Господов; а поранешните негови дела и оние, што се спомнуваат сега, се опишани во книгата на царевите израилски и јудејски.

34И народот го зеде Јехонија, синот Јосиев, та го постави за цар на место татка му Јосија, кога беше на дваесет и три години.

35Тој царуваше во Јудеја и Ерусалим три месеци, и него го собори египетскиот цар, за да не царува во Ерусалим.

36И му наложи на народот сто таланти сребро и еден талан злато.

37Потоа го постави египетскиот цар братот негов Јоаким за цар на Јудеја и Ерусалим.

38И ги врза големците, а братот негов Заракин го одведе во Египет.

39А Јоаким беше на дваесет и пет години, кога стана цар над Јудеја и Ерусалим, и правеше зло пред Господа.

40Против него излезе вавилонскиот цар, го окова во бакарни вериги и го одведе во Вавилон.

41И откако зеде некои од свештените садови Господови, Навуходоносор ги пренесе и ги постави во своето светилиште во Вавилон.

42Расказите за него и за неговата расипаност и нечесност се запишани во книгата на царските летописи.

43А место него стана цар синот негов Јоаким; тој беше на осумнаесет години кога го поставија за цар.

44Тој царуваше во Ерусалим три месеци и десет дена и правеше зло пред Господа.

45По една година Навуходоносор испрати по него, та го однесоа во Вавилон заедно со свештените садови Господови,

46а за цар на Јудеја и Ерусалим го постави Седекија, кој беше на дваесет и една година. Тој царуваше единаесет години.

47И тој правеше зло пред Господа, не слушајќи ги зборовите кажани преку пророкот Јеремија од Господовата уста.

48И бидејќи врзан од царот Навуходоносор со клетва во името Господово, тој ја наруши клетвата, се одметна, и стана упорен и жестокосрдечен, ги погази законите на Господа, Бога Израилев.

49Исто така и старешините народни и свештениците постапија многу нечесно, надминувајќи ги по сите нечистотии сите незнабошци, и го осквернија осветениот храм Госоподов во Ерусалим.

50А Бог на татковците нивни испраќаше свои пратеници, повикувајќи ги да се обрнат, зашто ги чуваше и нив и своето живеалиште;

51но тие им се смееја на неговите пратеници; во истиот ден, кога Господ им говореше, тие им се подсмеваа на пророците Негови.

52И Он се разгневи на народот Свој поради нечесноста, па им заповеда на халдејските цареви да се кренат против нив.

53Тие ја сотреа со меч младината нивна околу нивниот свет храм, и не ги поштедија ни младичите, ни девиците, ни старите, ни младите, туку сите беа предадени во нивни раце.

54Ги зедоа сите свештени садови Господови, мали и големи, и садовите оф Господовиот ковчег и царските ризници, и ги однесоа во Вавилон.

55и го запалија Господовиот дом и ги разрушија ѕидовите ерусалимски, а кулите негови со оган ги изгореа;

56и сета велелепност ја претворија во урнатини; а избеганите, пак, од меч ги одведоа во Вавилон.

57И тие му беа робови нему и на синовите негови сѐ до владеењето на Персијците, за да се исполни зборот Господов од устата на Јеремија:

58додека земјата не ги отпразнува своите саботи, за сето време на запустувањето свое, во текот на седумдесет години, таа ќе саботничи.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help