Мудрост Сирахова 30 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Одгледување деца.

1Кој синот свој го сака, често го казнува – та на крајот да му се радува.

2Кој синот свој добро го воспитува – помош ќе има од него; меѓу своите познати со него ќе се фали.

3Кој синот свој го поучува – предизвикува завист кај својот непријател, а пред пријателите ќе се радува поради него.

4А кога умре неговиот татко, како и да не умрел; зашто сличен на себе оставил;

5Додека живеел, гледајќи го, со него се радувал, а на умирање не се натажил;

6за непријателите тој одмаздник оставил во него, а за пријателите – син што благодарен ќе им биде.

7Кој синот свој го милува – раните негови ќе ги лекува, а од секое негово офкање – срцето ќе му се потресува.

8Нескротен коњ останува див, а запуштен син – станува тврдоглав.

9Разгали го твоето дете, тоа ќе те вчудовиди; играј се со него и тоа ќе те ожалости.

10Не смеј се со него, за да не плачеш со него и најпосле и со заби да чкрташ.

11Не давај му слобода во младоста; грешките негови – не простувај му ги;

12свиткај му го вратот додека е мал, гмечи ги ребрата негови додека е млад, за да не биде бунтовен и непослушен.

13Воспитувај го синот свој и внимавај над него, за да не те огорчуваат неговите непристојни постапки.

14Подобро е да си сиромав, здрав и силен, отколку богат – со истоштено тело.

15Здравјето и силата на телото поскапи се од злато, и крепко тело подобро е од неизмерно богатство,

16нема богатство поголемо од здравјето на телото, ниту радост поголема – од радоста на срцето.

17Подобра е смртта од тажен живот и постојана болест.

18Добри јадења принесени пред затворена уста – исто се што и јадењата ставени на гроб.

19Зошто му се на идол жртви? Тој ни јаде ниту мириса:

20така е и со оној кого Господ го прогонува,

21со очите гледа и воздивнува, па е сличен на евнух, кој девојка милува и воздивнува.

22Не предавај се на жалоста, со мрачни мисли не измачувај се.

23Срце весело – живот е за човекот, а радоста – животот му го продолжува.

24Сакај ја својата душа, утешувај го своето срце; прогонувај ја жалоста;

25жалоста многумина убила, никаква корист од неа нема.

26Љубомората и гневот животот го скратуваат: грижите носат предвремена старост.

27Искреното и добро срце и за храната своја се грижи.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help