2 Царства 12 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Натановата беседа. Давид го признава својот грев. Соломоновото раѓање.

1Господ го испрати Натана, пророкот при Давида, и тој отиде при него и му рече: »Во еден град имаше двајца луѓе – едниот богат, а другиот сиромав;

2богатиот имаше мошне многу ситен и крупен добиток,

3а сиромавиот немаше ништо, освен една овчичка, што ја беше купил мала и ја исхранил, и таа беше пораснала при него заедно со децата негови; таа јадеше од лебот негов, пиеше од чашата негова, спиеше на градите негови и му беше како ќерка;

4при богатиот човек дојде еден странец; и нему не му се свиде да земе од овците или од воловите свои, за да зготви ручек на странецот, кој беше дошол при него, туку ја зеде овчичката на сиромавиот и му ја приготви неа на човекот, што беше дошол при него.«

5Давид многу се разгневи против тој човек и му рече на Натана: »Жив ми Господ! Смрт заслужува оној човек, што го направил тоа;

6и за овчичката тој треба да плати четворно, зашто го направил тоа и затоа што немал милост.«

7Тогаш Натан му кажа на Давида: »Ти си оној човек што го изврши тоа. Така говори Господ, Бог Израилев: ‚Јас те помазав за цар над Израилот, те спасив од рацете Саулови,

8ти го дадов домот на твојот господар и жените на господарот твој во твоја прегратка, ти го дадов домот Израилев и Јудин и, ако ти е тоа малку, би ти придал уште повеќе;

9а ти што го пренебрегна зборот на Господа, извршувајќи зло пред очите Негови? Урија Хетеецот го порази со меч, жената негова ја зеде за своја жена, а него го уби со амонитски меч;

10затоа мечот нема да отстапи од твојот дом засекогаш, бидејќи ти ме запостави и ја зеде жената на Хетеецот Урија, за да биде твоја жена.‘

11Така говори Господ: ‚Ете, јас ќе подигнам зло против твојот дом, ќе ги земам твоите жени пред очите твои и ќе ги дадам на ближниот твој, и тој ќе спие со твоите жени под оваа сонце;

12ти го изврши тоа тајно, Јас, пак, ќе го извршам пред целиот Израил на бел ден.‘«

13Тогаш Давид му рече на Натана: »Згрешив пред Господа.« А Натан му кажа на Давида: »И Господ го симна од тебе гревот твој; ти нема да умреш;

14но бидејќи со тоа ти им даде повод на непријателите Господови да Го хулат, затоа синот што ти се роди ќе умре.«

15Натан отиде во домот свој. И Господ го порази детето, што му го беше родила на Давида Уриевата жена, и тоа се разболе.

16Давид Му се молеше на Бога за детето, постеше Давид и осамен ја мина ноќта, легна на земја.

17И влегоа при него старешините на домот негов, да го кренат од земјата; но тој не сакаше и не јадеше леб со нив.

18На седмиот ден детето умре, и слугите Давидови се плашеа да му соопштат, дека детето умрело; зашто си мислеа тие, кога детето беше уште живо, и ние му прозборувавме, а тој не го слушаше гласот наш, како ќе му кажеме: »детето умре«. Тој ќе стори нешто лошо.

19Виде Давид дека слугите негови се дошепнуваат, и разбра оти детето умрело, па ги праша слугите: »Умре ли детето?« Тие му одговорија: »Умре.«

20Тогаш Давид стана од земјата, се изми, се помаза, се преоблече и отиде во домот Господов и се молеше. Кога се врати дома, побара да му донесат леб и јадеше.

21И го запрашаа слугите негови: »Што значи тоа, што постапуваш така? Додека детето уште беше живо, ти постеше и плачеше, и не спиеше; а откако умре детето, ти стана и јадеш леб и пиеш.«

22Давид им одговори: »Додека детето беше живо, јас постев и плачев, бидејќи мислев: кој знае, нема ли да се смили над мене Господ и нема ли детето да остане живо?

23А сега е умрено; зошто да постам? Зар можам да го вратам? Јас ќе отидам при него, тоа нема да се врати при мене.«

24И Давид ја утеши жената своја Вирсавија, и влезе при неа и спиеше со неа; таа зачна и роди син, кому му даде име Соломон. И Господ го возљуби;

25и го испрати пророкот Натана, и тој го нарече: Едидија, според словото Господово.

26Јоав војуваше против Рава Амонитска и туку-речи го презеде тој царски град.

27Испрати Јоав да му кажат на Давида: »Јас напаѓав на Рава и ја освоив водата на градот;

28сега собери го другиот народ и тргни кон градот, и преземи го; зашто, ако го преземам јас, ќе му се даде моето име.«

29Давид го собра сиот народ, тргна кон градот Рава, војуваше против него и го презеде.

30Давид го зеде венецот на царот нивни од главата негова, – а во него имаше талант злато и скапоцен камен, – и го стави Давид на својата глава, и однесе од градот многу голем плен.

31А народот, што беше во него, го изведе и го пренесе преку пили, преку железни гребла, преку железни секири и го фрли во печката за печење тули. Така постапи тој со сите амонитски градови. Потоа Давид се врати со сиот народ во Ерусалим.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help