1Така фатија и седмина браќа заедно со нивната мајка. Царот нареди да ги бијат со бичеви и воловски жили, сакајќи да ги присилат да јадат од забранетото свинско месо.
2Еден од нив проговори прв и рече: »Што сакаш да прашаш и што сакаш да дознаеш од нас! Ние сакаме повеќе да умреме, отколку да ги згазиме законите на нашите татковци.«
3Тогаш царот силно се разгневи и нареди да се вжештат тави и котли.
4Кога ги нагорештија, царот заповеда веднаш да му го отсечат јазикот на оној што прв проговори, да му ја одерат кожата и да му ги сечат рацете и нозете пред очите на другите негови браќа и пред мајка му.
5И така, откако го осакати сосема, заповеда да го однесат до огнот и да го печат во тава, а кога од тавата се ширеше миризба на далеку, другите синови, заедно со нивната мајка, се поттикнуваа еден со друг, храбро да ги истрпат маките, велејќи:
6»Господ Бог гледа и навистина ќе биде милостви спрема нас, како што изјави Мојсеј во својата песна пред народот: Он ќе се смилува на своите слуги.«
7Кога умре првиот, го изведоа вториот на подбивање и, откако му ја одраа кожата заедно со косата, од главата, го прашаа: »Сакаш ли да јадеш пред дел по дел да го измачиме твоето тело?«
8А тој, одговарајќи им на јазикот на своите татковци, рече: »Не, не сакам!« Затоа и тој ги претрпе истите маки како и првиот.
9Испуштајќи ја својата душа, воздивна и рече: »Мачителе, ти ни го одземаш сегашниот живот, но Царот на славата ќе нѐ воскресне за вечен живот нас што умираме за Неговите закони.«
10Потоа беше изложен на подбивање третиот, па кога му го побараа јазикот, тој го покажа, подавајќи ги без страв и своите раце.
11И јуначки рече: »Од небото сум ги примил и не жалам да ги дадам за Божјите закони; се надевам дека пак ќе ги добијам од Него.«
12И самиот цар, и оние што беа со него, се вчудовидоа од смелоста на младичот, кој ги презираше маките.
13Кога умре тој, на истите маки го подложија и четвртиот брат.
14Пред да умре, тој рече: »Блазе му на оној што умира од човечка рака, тој треба да се надева на Бога – дека Он ќе го воскресне! А ти, мачителе, за тебе ќе нема воскресение за живот.«
15Потоа го доведоа петтиот и почнаа да го измачуваат.
16Тој го погледна царот и му рече: »Иако си смртен, ти имаш власт над луѓето и правиш сѐ што сакаш. Но не мисли дека Бог го напуштил нашиот народ!
17Само почекај, па ќе ја видиш Неговата голема сила: Он ќе те казни и тебе и твојот народ!«
18Потоа го доведоа шестиот, кој, приготвувајќи се за смртта, рече: »Не мами се попусто, ние го трпиме ова поради наша вина, зашто Му згрешивме на нашиот Бог и затоа нѐ снајдоа сите овие маки, достојни работи за чудење.
19Но не мисли – дека ти нема да бидеш казнет, ти кој се осмелуваш да се бориш против Бога,«
20Најдостојна, пак, за восхит беше мајката, која гледајќи ги нејзините седум синови како умираат во еден ден, великодушно претрпуваше затоа што се надеваше на Бога.
21Исполнета со благородни чувства и поткрепувајќи го својот дух со машка храброст, таа го поттикнуваше секого од нив со јазикот на нивните татковци, велејќи:
22»Јас не знам како се најдовте во мојата утроба; јас не ви ги подарив ни духот ни животот, ниту преку мене се образувал составот на секого од вас.
23Затоа, Создателот на светот, Кој го создал човечкиот род и на сѐ му дал почеток, пак милостиво ќе ви даде и дух и живот затоа што сега не се штедите заради Неговите закони.«
24Антиох помисли оти го презираат, сфаќајќи дека се подбиваат со него, го советуваше најмладиот, кој беше уште жив, и не само со зборови, туку и со заколнување го уверуваше, дека ќе го направи богат и задоволен, само ако се откаже од Законот на татковците, дека ќе му биде пријател и ќе го постави на висока служба.
25Но бидејќи младичот на внимаваше што му зборува царот, овој ја повика мајка му и почна да ја наговара да го посоветува својот најмал син за да си го спаси животот.
26По долго убедување, мајката се согласи да го посоветува сина си.
27Но кога се наведна над него и потсмевајќи му се на свирепиот мачител, таа му говореше вака на својот татков јазик: »Сине, смилувај се над мене. која сем те носела девет месеци во мојата утроба, три години со млеко сум те доела, сум те хранела, одгледала и воспитала.
28Ти се молам, сине, погледни ги небото и земјата и сѐ што е на нив и знај дека сето тоа Бог го создал од ништо, знај дека така настанал и човечкиот род.
29Не плаши се од убиецот, туку биди достоен за твоите браќа и прими ја смртта за да те придобијам пак, по Божја милост, заедно со твоите браќа.«
30Додека таа уште говореше, младичот рече: »Што чекате? Јас не ѝ се покорувам на царската заповед; јас им се покорувам на заповедите од законот, што им го даде Бог на нашите татковци преку Мојсеја.
31А ти, што си измислил вакви маки за нас Јудејците, знај дека нема да избегаш од Божјата рака.
32Ние страдаме поради нашите гревови.
33Па, ако живиот Бог за извесно време се разгневи на нас, за да ни покара и да ни поучи, Он пак ќе се смилува над нас, Своите слуги.
34А ти, безбожнику и најголем престапник од сите луѓе, не гордеј се попусто, не издигнувај се со празни надежи, кревајќи ја својата рака против слугите Божји,
35зашто уште не си избегал од судот Божји, Кој гледа си.
36Нашите браќа, кои ги претрпеа сега овие преодни маки, според Божјиот завет, добија вечен живот, а ти, според Божјиот суд, ќе добиеш справедлива казна за твојата гордост.
37И јас, како и моите браќа, ги предавам душата и телото за татковските закони, молејќи Му се на Бога, набгру да се смилува над Својот народ, а ти, во маки и страдања, да признаеш дека е Он единствен Бог.
38Со мене и со моите браќа нека заврши гневот на Севишниот, кој со право го постигна нашиот народ.«
39Царот, наполно избезумен, се разгневи на него пожестоко отколку на неговите браќа, доживувајќи го тешко особено подбивањето.
40Така и тој го заврши својот живот, а да не се оскверни, исполнет со надеж во Господа.
41По синовите умре и мајката.
42Ете, толку за обредните идолски жртви и за страшните измачувања.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.