1По три години, до Јуда и оние што беа со него, стигна вест дека Димитриј, синот на Селевк, допловил до пристаништето Триполис со голема сувоземна и поморска војска;
2тој, откако ја завладеал земјата, ги убил Антиоха и неговиот настојник Лисија.
3А некојси Алким, кој порано бил првосвешеник, а потоа, во текот на немирните времиња, доброволно се осквернил, гледајќи дека за него нема никакво спасение и дека зесекогаш му е оневозможено приближувањето до светиот жртвеник,
4во сто педесет и првата година отиде кај царот Димитриј и му однесе златна круна и маслинова гранка, кои се сметаа како сопственост на храмот; инаку тој ден Алким не презема ништо друго.
5Но при една погодна прилика за неговата безумна замисла, кога потоа го повика Димитриј во собранието на советот и го запраша за расположението и намерите на Јудејците, тој одговори:
6»Јудејците, нарекувани Асидеи, чиј водач е Јуда Макавејски, постојано војуваат и креваат востанија, не давајќи му мир на царството.
7Затоа и јас, кој сум лишен од честа на моите дедовци, односно од свештеничкото достоинство, сега дојдов при тебе;
8ги имам на ум, пред сѐ, царските права, ги имам предвид и моите сограѓани, зашто поради неразумноста на тие луѓе – сиот народ многу страда.
9А ти, цару, откако го слушна сето ова, според твојата љубов што ја имаш спрема сите луѓе, погрижи се и за нашата земја и за нашиот измачен народ;
10сѐ додека е жив Јуда, во државата не може да има мир.«
11Кога ги изрече овие зборови, другите царски свештеници, кои беа непријателски расположени спрема Јуда, почнаа уште повеќе да го разгневуваат царот против него.
12Тој веднаш го повика Никанора, под чија рака беа слоновите и, откако го постави за управител на Јудеја,
13го испрати со заповед да го убие Јуда, и неговите луѓе да ги разгони, а Алкима да го постави за првосвештеник на великиот храм.
14Тогаш сите незнабошци, кои беа избегале од Јудеја поради Јуда, во голем број му се придружија на Никанора, надевајќи се дека страдањата и незгодите на Јудејците ќе се свртат во нивна полза.
15А Јудејците, кога чуја за походот на Никанора и за тоа дека кон него се придружиле и незнабошците, ги посипаа своите глави со пепел и почнаа да Му се молат на Оној, Кој го одбрал Својот народ засекогаш и постојано го бранел.
16По заповед на својот водач, тие тргнаа веднаш и се судрија со нив кај селото Десау.
17Симон, братот на Јуда, влезе во бој со Никанора, но набргу потоа, поради ненадејниот напад од непријателите, претрпе пораз.
18Но Никанор, откако слушна за храброста на оние, што беа со Јуда во битките за татковината, се уплаши исходот на војната да го реши со пролевање крв.
19Затоа ги испрати Посидониј, Теодот и Мататија да склучат мир со Јудејците.
20По сестрано разгледување на тие предлози, Јуда им ги соопшти на народот, па тогаш сите пројавија еднодушна желба да се согласат на преговорите.
21Штом го определија денот кога требаше да се сретнат и кога дојде тој ден, поставија седиште за секого.
22Јуда постави вооружени луѓе на погодни места, за веднаш да се спречи секакво злодело од страна на непријателите. Разговорите се завршија мирно.
23Никанор остана извесно време во Ерусалим, и не направи никакво зло, а ги отпушти и луѓето што се беа собрале околу него.
24Јуда, пак, го имаше постојано покрај себеси, зашто чувствуваше душевна наклоност спрема него;
25тој го убеди да се ожени и да има деца. Јуда потоа се ожени, живееше во благосостојба и му се радуваше на животот.
26А Алким, кога ги виде нивните заемни односи и направениот сојуз, се уплаши, па појде кај Димитрија и му рече, дека Никанор има непријателски намери спрема царството, бидејќи го постави Јуда, непријателот на царството, за свој наследник.
27Царот, разгневен од клеветите на тој лош човек, му напиша на Никанора писмо дека е многу незадоволен од таквиот договор и му заповеда веднаш да му го испрати Макавеја во окови во Антиохија.
28Кога го прими писмото, Никанор се ожалости многу што треба да го раскине склучениот сојуз со човекот, кој не се огрешил во ништо.
29Но бидејќи не можеше да не ја исполни царската наредба, побара погодна прилика тоа да го направи со лукавство.
30Кога забележа дека Никанор се однесува студено со него, дека станува за време на средбите сѐ погруб, Макавеј заклучи оти таа грубост не доаѓа од нешто добро, па собра околу себе не мал број свои приврзаници и почна да го одбегнува Никанора.
31А Никанор кога дозна дека овој маж итро го надмудрил, отиде во големиот и светиот храм, токму тогаш кога свештениците принесуваа редовни жртви и им нареди да му го предадат Јуда.
32Па, кога тие се заколнаа и му рекоа, дека не знаат каде е човекот што го бара,
33тој ја пружи десната рака кон храмот, се заколна и рече: »Ако не ми го предадете Јуда врзан во вериги, овој Божји храм ќе го срамнам со земјата, ќе го разурнам жртвеникот и на ова место ќе му изградам храм на Диониса.«
34И штом го рече тоа, си отиде. А свештеницте, кревајќи ги своите раце кон небото, кон Оној, Кој отсекогаш го заштитувал нашиот народ, велеа:
35»Господи, Ти Кој немаш потреба од ништо, си благоизволил овој храм да биде Твој дом меѓу нас.
36И сега, Господи, Ти си светоста на секоја светиња, запази го засекогаш чист и неосквернет овој неодамна очистен дом и затвори ја неправедната уста.«
37Тогаш на Никанора му го предложија некојси Разис, еден од ерусалимските старешини, човек што ги сакаше своите сограѓани и беше на многу добар глас, па поради неговата добрина го нарекуваа татко на Јудејците.
38И во претходните немирни времиња тој се беше истакнал во јудејското движење и до сѐ срце и со сета своја душа постојано се жртвуваше за својот народ.
39Никанор, сакајќи да покаже колкава е неговата омраза спрема Јудејците, испрати повеќе од петстотини војници да го фатат,
40зашто си мислеше дека, ако го фати, ќе им зададе тежок удар и ќе им направи непријатности.
41И кога народот јуреше кон кулата и речиси ја беше освоил, кршејќи ја портата, кога беше заповедано да донесат оган за да ја изгорат, тој, наоѓајќи се во неизбежна опасност, со меч се прободе,
42сакајќи повеќе храбро да умре, отколку да падне во рацете на безбожниците, да поднесува навреди недостојни за неговата благородност.
43Но, бидејќи ударот поради брзината беше неуспешен, а народот навлегуваше низ портата, смело се искачи на ѕидот и храбро се фрли врз народот.
44А кога сите што стоеја брзо се потргнаа, па остана празен простор, тој падна среде нив на земјата.
45Уште жив и пламнат од негодување, не гледајќи ја сопствената крв, која течеше од него, ниту тешките рани, тој се исправи, потрча кон народот, па застана на една стрмна карпа.
46И кога крвта речиси му беше веќе истекла, си ја извлече утробата со обете раце и ја фрли врз народот. молејќи Му се на Господарот на живото и на духот, пак да му даде живот и дишење. Така го заврши тој својот земен живот.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.