4 Царства 20 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Болеста на Језекија и неговото оздравување. Крај на владеењето на Језекија.

1Во тие дни се разболе Језекиј на смрт; и дојде при него Амосовиот син, пророкот Исаија и му рече: »Вака вели Господ: ‚среди ги работите за домот свој, зашто ќе умреш, нема да оздравиш.‘«

2Се сврти Језекиј со лицето кон ѕидот и Му се помоли на Господа, велејќи:

3»О Господи, спомни си, дека јас одев пред лицето Твое верно и со предано на Тебе срце, и го вршев она, што беше угодно пред очите Твои.« И заплака Језекиј силно.

4Исаија уште не беше излегол од средниот двор, и би словото Господово кон него:

5»Врати се и кажи му на Језекија, владетелот на Мојот народ: вака вели Господ, Бог на твојот татко Давида – Ја чув молитвата твоја, ги видов солзите твои. Јас ќе те излекувам; на третиот ден ќе отидеш во домот Господов;

6и ќе додадам кон деновите твои петнаесет години, и ќе те спасам од рацете на асирскиот цар тебе и твојот град, и ќе го заштитам тој град заради Себеси и заради Мојот слуга Давида.«

7Тогаш рече Исаија: »Земете суви смокви.« И зедоа, и ги наложија на чирот; и тој оздраве.

8Језекиј му рече на Исаија: »Каков е знакот, дека Господ ќе ме излекува и дека на третиот ден ќе одам во домот Господов?«

9Исаија одговори: »Еве ти знак од Господа, дека Господ ќе го исполни словото, што го кажал – сакаш ли напред да оди сенката десет степени или десет степени назад?«

10И рече Језекиј: »Лесно е да се помести сенката десет степени напред; не, нека се врати сенката десет степени назад.«

11Повика пророкот Исаија кон Господа, и Он ја врати сенката назад десет степени според Ахазовите степени, по кои се спушташе.

12Во тоа време вавилонскиот цар Мародах Валадан, син на Валадана, му испрати писмо и подароци на Језекија, зашто беше чул, дека Јазекиј бил болен.

13Језекиј, откако ги слушна пратениците, им ги покажа ризниците свои, среброто и златото, и ароматите, и скапоцените масла, и целата своја оружарница и сѐ што се наоѓаше во скровиштата негови; и не остана ништо, што да не им го покажа Језекиј во домот свој и во целото свое владение.

14Пророкот Исаија дојде при царот Језекија и го праша: »Што кажаа тие луѓе, и од каде дојдоа при тебе?« Језекиј одговори: »Од далечна земја дојдоа тие, од Вавилон.«

15Исаија пак праша: »Што видоа тие во домот твој?« Језекиј одговори: »Видоа сѐ што е во мојот дом; не остана ништо, што да ни им го покажав во ризниците свои.«

16Тогаш Исаија му рече на Језекија: »Чуј го словото Господово:

17,Еве, ќе дојдат дни, и си што е во твојот дом, и што го собрале татковците твои до денес, ќе биде однесено во Вавилон; ништо нема да остане – вели Господ.

18Ќе земат од синовите твои, што ќе произлезе од тебе, што ќе ги родиш, и тие ќе ти бидат слуги во дворецот на вавилонскиот цар.«

19А Језекиј му рече на Исаија: »Добро е словото Господово, што ти го изрече.« И продолжи: »Да биде мир и доброчестивост во моите дни!«

20Другата работа за Језекија, за сите негови подвизи, дека направи езера и водовод и спроведе вода во градот, опишано е во летописите на јудејските цареви.

21И почина Језекиј при татковците свои, а место него стана цар синот негов Манасиј.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help