1Слово што дојде до Јеремија за сиот јудејски народ, во четвртата година на јудејскиот цар Јоакима, синот Јосиев. Тоа беше првата година на вавилонскиот цар Навуходоносор,
2кои пророкот Јеремија го изрече пред сиот јудејски народ и пред сите ерусалимски жители, велејќи:
3од тринаесеттата година на јудејскиот цар Јосија, синот Амонов, па до денес, ете веќе дваесет и три години, доаѓа до мене слово Господово, и јас од рано утро ви зборував, но вие не послушавте.
4Господ ги праќаше при вас сите Свои слуги – пророците, од рано утро ги испраќаше, и вие не послушавте и не го наклонивте увото свое за да слушате.
5Вам ви велеа: »отклонете се секој од својот лош пат и од своите лоши дела и живејте во земјата, која Господ ви ја даде вам и на вашите татковци од векот довека;
6и не одете по други богови, за да им служите и да им се клањате, и немојте да Ме разгневувате со делата на рацете свои, па нема да ви направам зло.«
7Но вие не Ме послушавте, вели Господ, и ме разгневувате со делата на рацете свои, за свое зло.
8Затоа, така вели Господ Саваот: поради тоа што не ги послушавте зборовите Мои,
9еве, Јас ќе пратам и ќе ги земам сите северни племиња, вели Господ, и ќе испратам до вавилонскиот цар Навуходоносор, Мојот слуга, и ќе ги доведам против оваа земја и против жителите нејзини и против сите соседни народи; и наполно ќе ги истребам и ќе ги направам за ужас, за потсмев и за вечна пустош.
10И ќе го прекратам во нив гласот на радост и гласот на веселба, гласот на младоженец и гласот на невеста, звукот од веденичен камен и светлината од светило.
11И целата таа земја ќе стане пустиња и ужас; и тие народи ќе му служат на вавилонскиот цар седумдесет години.
12А кога ќе се исполнат седумдесетте години, ќе го казнам вавилонскиот цар и оној народ, вели Господ, за нивното бесчестие, и земајта Халдејска ќе ја направам вечна пустиња.
13И ќе ги исполнам над таа земја сите Мои зборови, што ги реков против неа, сѐ што е напишано во оваа книга, што Јеремиј пророчки го кажа против тие народи.
14Оти и нив ќе ги поробат многубројните народи и големи цареви. И Јас ќе им платам според нивните постапки и според делата на рацете нивни.
15Зашто така ми рече Господ, Бог Израилев: земи ја од раката Моја оваа чаша со вино од јарост и напој ги од неа сите народи, при кои ќе те пратам.
16И тие нека пијат, и нека се смутат и избезумат, кога ќе видат меч, што ќе го пратам против нив.
17Ја зедов чашата од раката Господова и ги напоив од неа сите народи, при кои Господ ме прати:
18Ерусалим и градовите јудејски, и царевите негови, и кнезовите негови, за да ги опустошам и направам ужас, потсмев и проклетство, како што се гледа сега;
19Фараонот, египетскиот цар, слугите негови, кнезовите негови и сиот народ негов;
20сиот измешан народ, и сите цареви на земјата Уц, и сите цареви на земјата Филистејска, Аскалон и Газа, Екрон и другите делови на Азот,
21Едом, Моав и Амоновите синови,
22сите цареви на Тир и сите цареви на Сидон, царевите над островите, што се наоѓаат отаде морето,
23Дедана, Тема, Буза и сите што ги потстрижуваат зулуфите свои,
24сите цареви на Арабија и сите цареви на народите од разни племиња, кои живеат во пустињата,
25сите цареви на Зимврија и сите цареви на Елам, сите цареви на Мидија,
26сите цареви на север, што се блиски еден до друг, а и далечни, и сите земни царства што постојат на земјата, а царот на Сесах ќе пие по нив.
27Па кажи им: вака вели Господ Саваот, Бог Израилев – пијте и опијте се, повраќајте и паднете, и не станувајте, кога ќе го видите мечот, што ќе го испратам против вас.
28Ако се откажат, пак, да пијат од чашата од раката твоја, тогаш кажи им: вака вели Господ Саваот – морате да пиете.
29Оти, еве, на овој град, над кој се призива името Мое, почнувам да му нанесувам зло; па зар вие ќе останете неказнети? Не, нема да останете неказнети; бидејќи Јас повикувам меч против сите, што живеат на земјата, вели Господ Саваот.
30Затоа пророкувај им ги сите овие зборови и кажи им: Господ ќе загрми од висините и од своето свето живеалиште; ќе издигне глас, ќе загрми страшно против својот насад; како оние што гмечат грозје, ќе извика против сите, што живеат по земјата.
31Шумот ќе се протегне од сите краишта земни, бидејќи Господ им суди на сите народи: Он ќе му суди на секое тело, а нечесните ќе ги предаде на меч, вели Господ.
32Така вели Господ Саваот – ете, злото ќе мине од народ кон народ, и голем виор ќе се подигне од краиштата земни.
33А во оној ден ќе има поразени од Господа од едниот крај на земјата до другиот; тие нема да бидат оплакани, ни прибрани ниту погребани, туку ќе бидат како ѓубре по земјата.
34Плачете пастири, и офкајте, посипете се со пепел, водачи на стадото; зашто се исполнија деновите ваши, за да бидете заклани и расфрлани, па ќе паднете како скапоцен сад.
35и не ќе има прибежиште за пастирите и спас – за водачите на стадото.
36Ќе се слуша пискот од пастирите и плач од водачите на стадото, бидејќи Господ ќе ги опустоши пасиштата нивни.
37Јароста на гневот Господен ќе ги истреби мирните трла.
38Како лав го остави живеалиштето Свое; а земјата им стана пустиња од јароста на опустошителот и од Неговиот пламенен гнев.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.