Исус Навин 21 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Градови за левитите.

1Левитските старешини на татковските домови дојдоа кај свештеникот Елеазар, кај Исуса, синот Навинов, и кај племенските старешини на Израилевите синови,

2и им рекоа во Силом, во Хананската земја, велејќи: »Господ беше заповедал преку Мојсеја да ни дадете градови за живеење и околни нивни предградија за добитокот наш.«

3И синовите Израилеви им дадоа на левитите од деловите свои, според заповедта на Господа, овие градови со нивните околни предградија.

4И се фрли жреб за Катовите родови и според жребот на синовите од свештеникот Арон, кои беа левити, им се паднаа тринаесет градови – од Јудиното племе, од Сименовото племе и од Венијаминовото племе;

5а на другите Катови синови според жребот за родовите на Ефремовото племе, на Дановото племе и на полуплемето Манасиево им се паднаа – десет градови;

6на Гирсоновите синови од племето Исахарово, од Асировото племе, од Нефталимовото племе и од полуплемето Манасиево во Васан со жреб им припаднаа – тринаесет градови;

7на Мерариевите синови, според родовите нивни, од Рувимовото племе, од Гадовото племе и од Завулоновото племе – дванаесет градови.

8Синовите Израилеви им ги дадоа на левитите тие градови и предградијата нивни со жреб, како што беше заповедал Господ преку Мојсеја.

9А синовите од племето Јудино и од племето Симеоново и од племето Венијаминово им ги дадоа овие градови што се набројуваа според имињата свои:

10на Ароновите синови, од родовите Катови, меѓу синовите Левиеви, бедејќи нивниот жреб беше прв.

11Им го дадоа Киријет-Арва, односно градот на Арво, Енаковиот татко, инаку градот Хеврон, во Јудината гора, заедно со околиите негови;

12а полето на тој град и селата негови му ги дадоа во наследство на Јефониевиот син Халев.

13И така, на синовите на свештеникот Арон им го дадоа градот Хеврон, со околиите негови, како град-прибежиште за убијците, и Левна со околината нејзина,

14Јетер со околината негова, Естем со околината негова,

15Олон со околината негова, Давир со околината негова,

16Аин со околината негова, Јета со околината нејзина; Ветсамис со околината негова – девет градови од тие две племиња;

17од Венијаминовото колено: Гаваон со околината негова, Гаве со околината нејзина,

18Анатот со околината негова, Алмон со околината негова – четири града.

19Сите градови на синовите Аронови, свештениците, се тринаесет градови со околините нивни.

20И на родовите од Катовите синови, левитите, – што уште беа останале од Катовите синови, според нивниот жреб, им се паднаа градовите од пределите на племето Ефремово:

21им го дадоа Сихем со околината негова, како град прибежиште за убијци, во Ефремовата гора, и Газер со околината негова.

22Кавсаим со околината негова, Веторон со околината негова – четири града;

23а од Дановото племе: Елтекон со околината негова и Гаветон со околината негова,

24Елон со околината негова и Гетремон со околината негова – четири града;

25од полуплемето Мансиево: Танах со околината негова, и Ветсам со околината негова – два града.

26Сите градови што им се паднаа на другите Катови синови, се десет града со околините нивни.

27А на Гирсоновите синови, сродници на левитите, им ги дадоа: од полуплемето Манасиево Голан во Васан со околината негова, град прибежиште за убијци, и Вестера со околината нејзина – два града;

28од Исахаровото племе: Кисон со околината негова, Деврат со околината негова,

29Јермот со околината негова, Ен-Ганим со околината негова – четири града;

30од Асировото племе: Масал со околината негова, Авдон со околината негова;

31Телкат со околината негова, Реов со околината негова – четири града;

32од Нефталимовото племе: Кедес во Галилеја со околината негова, – град прибежиште за убијци, Ематор со околината негова и Ноемон со околината негова – три града.

33Сите градови што им се паднаа на Гирсоновите синови, според племињата нивни, се тринаесет градови со околините нивни.

34На другите левити, од родовите на Мерариевите синови, им ги дадоа од Завулоновото племе: Јекнам со околината негова, Карта со околината нејзина.

35Дамна со околината нејзина, Налол со околината негова – четири града;

36од онаа страна на Јордан спроти Јерихон од Рувимовото племе им беше даден градот прибежиште за убијци Восор, во пустињата Мисор, со околината негова, Јазир со околината негова,

37Гедсон со околината негова, Масфа со околината нејзина – четири града;

38од Гадовото племе: Рамот со околината негова, градот прибежиште за убијци, Рамот во Галад, Манаим со околината негова.

39Есевон со околината негова, Јазир со околината негова – града четири.

40Сите градови, што им се паднаа со жреб на другите левитски родови, од Мерариевите синови, според домовите нивни, се дванаесет града.

41Сите левитски градови, што беа во наследствата на синовите Израилеви, беа четириесет и осум града со околините нивни.

42При тие градови околу секој град имаше околина; така беше кај сите тие градови. Кога Исус ја заврши делбата на земјата според пределите нејзини, Израилевите синови му дадоа дел на Исуса по заповед на Господа, му го дадоа градот, кој само го бараше, му го дадоа Тамнасахар, во Ефремовата гора; тогаш Исус го изгради градот, што го беше побарал, и живееше во него. И ги зеде Исус камените ножеви, – со кои ги беше обрезал Израилевите синови, родени по патот во пустињата, бидејќи тие не беа обрезани во пустињата, – и го постави во Тамнасахар.

43И така Господ му ја предаде на Израилот целата замја, за која им се заколна на нивните таковци дека ќе им ја даде; тие ја наследија и се населија во неа.

44И Господ им даде спокојство отсекаде, како што им се беше заколнал на татковците нивни, и никој од непријателите нивни не устои против нив; сите нивни непријатели Господ им ги предаде во нивни раце.

45Не остана неисполнет ниеден збор од сите добри зборови, кои Господ им ги беше рекол на домот Израилев: сѐ се исполни.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help