1Слово што дојде до Јеремија од Господа, кога вавилонскиот цар Навуходоносор, сета војска негова, сите земни царства, подвластени под негова рака, и сите народи се бореа против Ерусалим и против сите негови градови –
2Така вели Господ Бог Израилев: оди, кажи му на јудејскиот цар Седекиј и речи му – вака вели Господ: еве, Јас ќе го предадам овој град во рацете на вавилонскиот цар, и тој ќе го изгори со оган;
3и ти нема да избегаш од рацете негови, туку ќе бидеш фатен и предаден во рацете негови и очите твои ќе ги видат очите на вавилонскиот цар, и устата негова ќе ѝ зборува на твојата уста, па ќе појдеш во Вавилон.
4Ислушај го словото Господово, царе јудејски, Седекија. Вака вели Господ за тебе – ти нема да умреш од меч;
5ти ќе умреш во мир, како и таковците твои, царевите поранешни, кои беа пред тебе и за кои при погребението гореа благопријатни мириси, така ќе горат и за тебе и ќе те исплачат – »о, господаре!« заради тоа што Јас го реков овој збор, вели Господ.
6Пророкот Јеремија му ги кажа сите овие зборови на јудејскиор цар Седекија во Ерусалим;
7а војската на царот вавилонски удираше на Ерусалим и против сите јудејски градови, кои уште се држеа, против Лахис и Азек; бидејќи од јудејските градови само тие останаа поцврсти.
8Слово Господово што дојде до Јеремија, откако царот Седекија склучи договор со сиот народ, што беше во Ерусалим, за да прогласат слобода,
9па секој да го пушти својот роб на слобода и робинката, Евреин и Еврејка, така што никој од нив да не го држи во ропство, Јудеецот братот свој.
10И послушаа сите кнезови и сиот народ, што беа пристапиле кон заветот, така што секој да го отпушти на слобода својот роб и секој – робинката своја, па во иднина да не ги држат како робови; послушаа и ги отпуштија.
11Но потоа, откако размислија, почнаа да ги враќаат робовите и робинките, што беа ги пуштиле на слобода, и ги принудија пак да бидат робови и робинки.
12И би слово Господов до Јеремија:
13така вели Господ, Бог Израилев: Јас склучив завет со вашите татковци, кога ги изведов од Египетската земја и од домот на ропството, па реков –
14»Во крајот на седмата година отпуштај го братот свој Евреин, кој ти се продал; нека ти работи шест години, а потоа отпушти го од кај тебе на слобода.« Но татковците ваши не го приклонија увото свое и не Ме послушаа.
15Вие сега се повративте и постапивте справедливо пред очите Мои, што му објавивте секој од вас на ближниот свој слобода, и склучивте пред Мене завет во домот, над кој се призовува името Мое;
16но отпосле се предомисливте и го обесчестивте името Мое, па ги зедовте назад секој својот роб и секој својата робинка, кои бевте ги пуштиле на слобода, кому каде му беше угодно, и ги принудивте сега пак да ви бидат робови и робинки.
17Затоа, вака вели Господ: вие не Ме послушавте да објавите слобода на братот свој и на ближниот свој; затоа, еве, Јас, вели Господ, ви објавувам слобода за да бидете предадени на меч, за помор и на глад и ќе ве предадам на поруга пред сите цареви земни;
18и ќе ги предадам оние, што го престапија заветот Мој и не ги исполнија зборовите на заветот, што го склучија пред лицето Мое, откако пресекоа теле на две половини и минаа меѓу расечените делови,
19јудејските кнезови и ерусалимските кнезови, дворјаните и свештениците и сиот народ на земјата, кој мина меѓу расечените делови на телето,
20ќе ги предадам во рацете на непријателите нивни и во рацете на оние, кои ја бараат душата нивна, а труповите нивни ќе бидат храна за птиците небески и за ѕверовите земни.
21И Седекија, царот јудејски, и кнезовите негови ќе ги предадам во рацете на непријателите нивни и во рацете на оние, кои ја сакаат душата нивна, и во рацете на војската на вавилонскиот цар, која остапи од вас.
22Еве, Јас ќе заповедам, вели Господ, и ќе ги вратам кон овој град и тие ќе го нападнат, ќе го преземат и ќе го изгорат со оган, и градовите на Јудеја ќе ги направам пустиња без луѓе.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.