1Меѓутоа, некојси Елеазар, човек почитуван и познат меѓу свештениците, а веќе во напредната возраст и во животот свој украсен со секакви добродетели, ги повика страците што беа околу него да се обраќаат кон светиот Бог. То се молеше вака:
2»Свети Царе, највозвишен Боже Седжителе, Ти Кој управуваш милостиво со секое создание, Отец наш, погледни милостиво кон семето на Авраама, кон децата на осветениот Јаков, кон народот на Твојот свет дел, кој е туѓинец во туѓа земја и кој неправедно се погубува.
3Ти го погуби Фараонот, некогашниот владетел на Египет, кој имаше множество бојни коли и се креваше со голема дрскост и со горди зборови; Ти го погуби заедно со неговата горда војска и го удави во морето, а на израилскиот род му покажа светла милост.
4Ти го собори жестокиот асирски цар Сенахирим, кој попусто се фалеше со своите безбројни војски, што со својот меч ја покори целата земја и се дигна против Твојот свет град, со гордост и дрски хули, кога Ти јавно им ја беше покажал силата Своја на многу народи.
5Ти ги запази трите момчиња во Вавилон, кои доборволно му ги предадоа своите животи на огнот, за да не им служат на лажните идоли, Ти ја запази и нивната коса неповредена, оросувајќи ја разгорената фурна, а пламенот од фурната го сврти кон непријателите.
6Ти го извади на светлина Даниила неповреден, кој поради завист и клевети беше фрлен во јама, за да биде раскинат од лавови; Ти, Оче наш, и Јона, кој се мачеше безнадежно во утробата на китот, што живее во морските длабочини, го покажа неповреден пред сите негови блиски.
7И сега, Ти, Кој се одмаздуваш за навреди и Кој ги закрилуваш сите, покажи им се скоро на оние од родот на Израилот, навредувани од одвратните безбожни назнабошци.
8А, ако, пак, нашиот живот, по нашето преселување, се наполни со беззаконија, тогаш, откако ќе нѐ избавиш од рацете на нашите непријатели, тогаш, Господи, умртви нѐ со смрт, која ќе биде според Твојата волја,
9та празноверците да не ги прославуваат нивните мртви идоли затоа што загинале Твоите сакани чеда, велејќи: ‚Нивниот Бог не ги избави!‘
10Ти, Вечни, Кој ја имаш сета сила и секаква власт, погледај милостиво на нас;
11смилувај се на нас кои поради безумното насилство на беззакониците сме лишувани од животот како злосторници.
12Преславни, Ти имаш сила да го спасиш потомството на Јакова; нека се уплашат незнабошците од Твојата непобедлива сила.
13Со солзи те моли целото множество деца и нивните родители: нека видат сите назнабошци дека си со нас; Господи, нека видат дека не си го свртил лицето Твое од нас.
14Господи, направи така, како што си рекол, дека ни во земјата на нивните непријатели нема да ги презреш.«
15Штом ја заврши Елеазар молитвата, тогаш пристигнаа до тркалиштето и царот со ѕверовите и сета страшна негова војска.
16Кога го видоа, Јудејците издигнаа пискот до небото, така што нивните гласови се огласија и во блиските долини; сета војска беше опфатена со силно сочувство.
17Тогаш многуславниот Седржител и вистинскиот Бог го покажа Своето лице и ја отвори небеската врата, од каде што слегнаа два светли и страшни ангели; нив ги видоа сите, освен Јудејците.
18Тие застанаа спротив војската, ја исполнија сета војска со смут и страв и сите војници ги врзаа со неподвижни вериги; царот трепереше од страв и ја заборави својата гневна храброст.
19Тогаш слоновите се свртеа против вооружените војници, кои ги придружуваа, ги газеа и ги убиваа.
20Гневот на царот се претвори во жалост и солзи поради она што беше наумил да го направи.
21Кога го слушна пискотот на Јудејците и кога ги виде сите наведнати, готови да бидат погубени, заплака и гневно им се закануваше на своите пријатели, велејќи:
22»Вие ја злоупотребивте власта, а по жестокост ги надминавте и тираните; се обидувате и мене да ме лишите и до власт и до живот, тајно замислувате нешто што е некорисно за царството.
23Тие што верно ги чуваа тврдините на нашата земја, кој ги собра безумно тука, оддалечувајќи ги од нивните домови?
24Овие, кои уште од старо време ги надминуваа сите народи со својата преданост спрема нас во сѐ, а честопати претрпуваа и најтешки измачувања; кој е тој што ги изложи на вакво понижување и на таков срам?
25Разврзете, одврзете ги неправедните вериги, пуштете ги со мир по нивните домови, молејќи ги да ви простат за тоа што сте им го направиле; ослободете ги синовите на небесниот Седржител, нивниот Бог, кој уште од времето на нашите дедовци и досега постојано ни давал благосостојба и слава на нашето царство.«
26Ете, токму ова го рече царот. Во истиот час одврзаните луѓе, откако се избавија од смрт, Го прославија својот свет Спасител – Бога.
27Потоа царот се врати во градот и го повика началникот на државната каса и му нареди во тек на седум дена на Јудејците да им се дава вино и сѐ друго што е потребно за гозба и порача: на исто место каде што ја чекаа својата смрт – да го празнуваат со полна веселба своето спасение.
28Тогаш тие, кои пред тоа беа изложени на поруга и до самиот пекол, или поточно кои слегуваа во пеколот, место страшна и горчлива смрт, приредија гозба во чест на своето спасение; местото што беше одредено за нивната смрт и нивни гробови стана гозбена трпеза.
29Ја оставија жалната и плачевната песна, почнаа да ја пеат песната на нивните татковци, прославувајќи Го Спасителот на Израилот и Чудотворецот – Бога, па оставајќи ги и жалоста и плачот, образуваа хор во знак на спокојна веселба.
30Исто така и царот, откако по тој повод приреди голема гозба, му искажуваше благодарност на небото за славното и свечено дарување на слободата.
31А оние, кои ги беа одредиле за смрт и за храна на грабливите птици и кои ги пребројуваа со радост, сега опфатени од срам, заофкаа и нивната жестока грубост згасна со срам.
32Јудејците, пак, како што рековме, го составија својот хор и празнуваа со радосни славословија и пеење псалми.
33Дури беа донеле општа наредба: во секое нивно населено место од поколение во поколение со радост да бидат празнувани овие денови, не за пиење и прејадување, туку за спомен на тоа како Бог им подари спасение.
34Потоа појдоа кај царот и го замолија да ги пушти по нивните домови.
35Нивното пребројување се правеше со дваесеттиот ден на месецот Пахон до четвртиот ден на месецот Епиф – во текот на четиресет дена; беше определено нивното убивање да се изврши од петтиот до седмиот ден на месецот Епиф, во три дни, во кои Владиката ја покажа славно Својата милост спрема сите нив и ги запази неповредени.
36Празнуваа четиринаесет дена, снабдувани со сѐ од царот, па тогаш му поднесоа молба да им дозволи да се вратат во своите места.
37А царот, откако се согласи, великодушно им го напиша ова писмо до градските началници, со свој потпис – во нивна корист.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.