Второзаконие 20 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Ослободување од воена обврска. Како да се постапува со непријателските градови.

1»Кога ќе излезеш во војна против непријателите твои и ќе видиш коњи и многу луѓе, повеќе од тебе, не бој се од нив, бидејќи Господ, твојот Бог, Кој те изведе од Египетската земја, е со тебе.

2Кога, пак, ќе влезете во борба, свештеникот нека се приближи и нека му зборува на народот,

3и да му каже: ‚слушај, Израиле, вие денес влегувате во бој против вашите напријатели, да не ослабува срцето ваше, не бојте се, не збунувајте се и не отстапувајте од нив,

4бидејќи Господ, вашиот Бог, оди со вас, за да се бори за вас против вашите непријатели и да ве спаси.‘

5Надзорниците, пак, нека му речат на народот, и нека му кажат: ‚кој изградил нова куќа и не се вселил во неа, нека си оди и да се врати во домот свој, за да не умре во бојот, а друг да се настани во неа;

6и кој насадил лозје и не го обрал, нека си оди и нека се врати во домот свој, за да не умре во бојот, а друг да собере сѐ;

7и кој се свршил и не се оженил, нека си оди и нека се врати во домот свој, за да не умре во бојот, а друг да ја земе свршеницата негова.‘

8Надзорниците нека му кажат уште на народот и нека му речат: ‚кој е плашлив и малодушен, нека си оди и нека се врати во домот свој, за да не ги направи плашливи срцата на браќата свои, како неговото срце.‘

9Откако надзорниците ќе му го кажат тоа на народот, да изберат воени началници и водач на народот.

10Кога ќе се приближиш до некој град, за да го преземеш, предложи му мир.

11Ако се согласи на мир со тебе и ти ги отвори портите, целиот народ што се наоѓа во него, ќе ти плаќа данок и ќе ти работи.

12Ако, пак, не се согласи на мир со тебе, и почне да војува против тебе, опколи го;

13и, кога Господ, твојот Бог, ќе го предаде во рацете твои, погуби со сечилото на мечот сѐ што е машко кај него;

14само жените и децата, добитокот и сѐ што има во градот, запленете го за себе и користи се со пленот на непријателите свои, кои Господ, твојот Бог, ти ги предал.

15Така постапи со сите градови, што се многу далеку од тебе, а кои не се градови на тие народи.

16Но во градовите на оние народи, кои Господ, твојот Бог, ти дава да ја наследиш земјата нивна, не оставај ни една жива душа,

17туку предај ги на заклетва: Хетејците, Аморејците, Хананејците, Ферезејците, Јевусејците и Гергесијците, како што ти беше заповедал Господ, твојот Бог,

18за да не ве научат да ги правите сите нивни гнасотии, какви што им правеле тие на своите богови, за да не грешите и вие пред Господа, вашиот Бог.

19Кога опсадуваш долго време некој град, за да го преземеш и завладееш, не сечи ги дрвјата негови, кои се во шумата, туку користи ги плодовите нивни за храна, и не опустошувај ја околината, бидејќи дрвото во полето не е човек, за да избега од тебе во тврдината;

20но оние дрвја, за кои знаеш дека не даваат никакви плодови, можеш да ги повредуваш и сечеш и од нив да правиш скали за градот, кој ти објавил војна, сѐ додека не го покориш.«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help