Амос 7 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Амос пророкува пропаст.

1Вакво видение ми откри Господ Бог: еве, Он создаде скакулци, кога почна да изникнува доцнежната трева, и тоа беше тревата по царската косидба.

2И, ете, кога завршија да ја јадат тревата по земјата, реков: Господе Боже, смили се; како ќе издржи Јаков? Тој е многу мал.

3И Господ се сожали на тоа: »нема да стане тоа« – рече Господ.

4Вакво видение ми откри Господ Бог: еве, Господ Бог произведе оган за суд – и тој проголта голема бездна, проголта и дел од земјата.

5И реков: Господи Боже, запри: »како ќе се додржи Јаков? Па тој е многу мал.«

6И Господ се сожали на тоа: »и тоа нема да се збидне«, рече Господ Бог.

7Вакво видение ми откри Он: еве, Господ стоеше на ѕид и во раката имаше оловна висулка.

8И ми рече Господ: »Што гледаш, Амосе?« Јас одговорив: »Висулка«. И Господ рече: »еве ќе ставам висулка меѓу Мојот народ Израилев; нема повеќе да му проштевам.

9Опустошени ќе бидат жртвениците Исакови и разрушени ќе бидат светилиштата Израилеви, и ќе се кренам со меч против домот Јеровоамов.«

10И Амасиј, свештеникот ветилски, прати при израилскиот цар Јеровоама, да кажат: Амос крева бунт против тебе меѓу домот Израилев; земјата не може да ги трпи зборовите негови,

11оти тој вака вели: од меч ќе умре Јеровоам, а Израилот бездруго ќе биде одведен од земјата своја во ропство.

12И му рече Амасиј на Амоса: јасновидецу, оди и насели се во земјата Јудина; таму јади леб и таму пророкувај,

13а во Ветил не пророкувај веќе, оти тој е светиња царева и е царски дом.

14Му одговори Амос и му рече на Амасија: јас не сум пророк и не сум син на пророк; бев пастир и собирав диви смокви.

15Но Господ ме зеде од овците и ми рече: оди, пророкувај при мојот народ Израилот.

16А сега ислушај го словото Господово. Ти велиш: не пророкувај против Израилот и не кажувај зборови против домот Исаков.

17Затоа, еве, што вели Господ: жената твоја ќе биде обесчестена во градот, синовите твои и ќерките твои ќе паднат од меч, земјата твоја ќе биде разделена со мерна врвка, ти ќе умреш во нечиста земја, а Израилот ќе биде одведен од земјата своја.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help