2 Летописи 14 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Побожноста и верноста на Аса.

1И почина Авија при татковците свои и го погребаа во Давидовиот град. Место него цар стана синот негов Аса. Во неговите дни земјата беше спокојна десет години.

2Аса го вршеше она, што беше добро и угодно пред очите на својот Господ Бог;

3тој ги премавна жртвениците на туѓите богови и идолските светилишта, ги скрши статуите и ги исече младите дубрави;

4им заповеда на Јудејците да Го бараат Господа, Бога на татковците нивни, да го исполнуваат законот Негов и заповедите;

5ги премавна од сите градови Јудините идолски светилишта и статуите на сонцето. И царството негово беше спокојно.

6И бидејќи беше спокојна земјата, тој изгради тврдина во Јудеја; тој не војуваше во тие години, зашто Господ му беше дал спокојство.

7И им рече Аса на Јудејците: »Да ги изградиме овие градови и да ги заградиме со ѕидиште и кули, со порти и клучеви; земјата е уште наша, зашто ние Го побаравме Господа, нашиот Бог; ние Го побаравме, и Он ни даде спокојство од сите страни.« И почнаа да градат, и успеваа.

8Воената сила на Аса беше: од Јудиното колено триста илјади вооружени со штитови и копја, од Венијаминовото колено двесте и осумдесет илјади јунаци, вооружени со штитови и стрелци со лак.

9И се крена против нив Зарај, Етиопјанин, со илјада илјади војска и триста коли, и стигна до Мариса.

10Му излезе Аса во пресрет, и се распоредија за борба во Софатската долина при Мариса.

11Повика Аса кон Господа, својот Бог, и рече: »Господи, нели е во Твоја сила да им помагаш на силни и слаби? Тогаш помогни ни нам, Господи, Боже, наш, зашто ние на Тебе се надеваме и во Твое име излеговме против ова множество. Господи, Ти си наш Бог; да не биде човекот посилен од Тебе.«

12И Господ ги порази Етиопјаните пред Аса и пред Јуда, и Етиопјаните избегаа.

13Аса, пак, и народот со него ги гонеше до Гедор; Етиопјаните паднаа толку, што ниеден не остана жив, зашто беа поразени пред Господа и пред Неговата војска. И собраа прилично голем плен.

14Ги разрушија сите градови околу Гедор, зашто ужас од Господа налета врз нив; и ги ограбија сите градови и изнесоа од нив многу голем плен.

15Ги разрушија и пастирските колиби, ограбија многу стада од ситен добиток и камили, и се вратија во Ерусалим.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help