1Проговори Елифаз од Темна и рече:
2»Ќе одговара ли мудриот со празни знаења и ќе го полни ли стомакот свој со врел ветар?
3Ќе се оправдува ли со бескорисни зборови, и со зборови, што немаат никаква сила?
4Ти пак го заборави стравот од Бога; пред Неговото лице ти трепет немаш.
5Твоите зборови вината Твоја ја покажуваат, се служиш со јазикот на лукавите.
6Тебе те обвинува устата твоја, а не јас; јазикот твој говори против тебе.
7Зар ти си првиот роден од човек и пред ридовите ли си создаден?
8Зарем си ги слушал тајните Божји и за сѐ мудрост си придобил?
9Што знаеш ти, што ние не го знаеме? Што разбираш ти, а што го нема и во нас?
10Меѓу нас има и седокоси, и старци, коишто според деновите го надминуваат татко ти.
11Зар се за тебе малку Божјите утехи? И Неговите благи зборови?
12Кон што те соблазнува срцето твое, кон што така гордо гледаш?
13Зошто го устремуваш против Бога духот свој и со устата своја изнесуваш такви зборови?
14Што е човек, та да биде чист и родениот од жена да биде праведен?
15Ете, Он и на светите Свои не се доверува, и небесата се нечисти во Неговите очи:
16толку повеќе е нечист и разтлеен човекот, којшто го пие беззаконието како вода.
17Јас ќе ти говорам, слушај ме; ќе ти раскажам она што сум видел,
18што го слушале мудрите и не го сокриле слушнатото од татковците свои,
19на кои им била дадена оваа земја, каде туѓинец никогаш не стапнал.
20Нечесниот се мачи себеси преку сите свои денови, годините му се одброени на потисникот;
21звук од ужас секогаш е во ушите негови; додека мирува, погубникот налетува на него.
22Не се надева да се спаси од темнината; пред себеси гледа меч.
23За парче леб скита постојано; знае дека е сосема близу денот на неговата смрт.
24Го плаши нуждата и теснотијата; го надвива; како цар, готов за бој,
25затоа што кревал рака против Бога и Му се противел на Вседржителот,
26се спуштал против Него со гордост, зад дебелите свои штитови;
27затоа што го покрил лицето со маста своја и ги здебелил бедрата свои.
28И тој се населува во разурнати градови, во куќи, каде што не се живее; и што приготвил за себе други ќе однесат.
29Тој нема да се збогати, и имотот негов нема да напредува; ниту поседот негов ќе се рашири по земјата.
30Нема да избега од темнината; пламен ќе ги исуши ветките негови, и со дување пламен од уста ќе изчезне.
31Заблудениот нека не ѝ се доверува на суетата, затоа што суетата ќе биде и платата негова.
32Тој предвреме ќе умре, и ветките негови никогаш нема да се зеленеат.
33Ќе го фрли тој како лоза неузреаното грозје свое, како маслинка ќе го истресе цветот свој.
34Така ќе опустее домот на нечестивиот, и оган ќе ги голтне шаторите на поткупништвото.
35Тој зачна зло и роди лага, во утробата негова подготвува измама.«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.