Откровение 6 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Отворање на првите шест печати.

1И видов кога Агнецот скрши еден од седумте печати, и чув едно од четирите животни да зборува како со глас на грмотевица: »Дојди и види!«

2И видов, ете, бел коњ, и на него јавач со лак; и Му беше даден венец, и тој излезе како победник, за да победи.

3А кога го извади вториот печат, го чув второто животно да зборува: »Дојди и гледај!«

4И излезе друг коњ, црвен; и на јавачот му беше дадено да го одземе мирот на земјата, та еден со друг да се убиваат; и му беше даден голем меч.

5А кога се отвори третиот печат, го чув третото животно да зборува: »Дојди и види!« И видов, ете вран коњ, а на него јавач со мерила во раката своја.

6И чув глас среде четирите животни, кој зборуваше: »Шиник пченица за динариј, и три шиника јачмен за динариј; но растителното масло и виното ќе ги нема!«

7А кога се раскрши четвртиот печат, го чув гласот на четвртото животно како зборуваше: »Дојди и гледај!«

8И видов. И ете сив коњ, а на него јавач, чие име беше смрт; и адот врвеше по него, и му се даде власт над четвртина од земјата – да убива со меч и глад, со помор и земни ѕверови.

9А кога го симна петтиот печат, под жртвеникот ги видов душите заклани заради словото Божјо и за сведоштвото, што го имаа

10и викаа со висок глас, велејќи: »До кога, Владико, свети и вистинити, нема да судиш и да им се одмаздуваш за нашата крв на оние, што живеат на земјата?«

11И на секого од нив им се дадоа бели облеки, и им се рече да починат уште малку време, додека не се дополни бројот на нивните сотрудници и браќа, што ќе бидат убиени, како и тие.

12И видов, кога се крена шестиот печат. И, ете, настана голем земјотрес, и сонцето стана црно како вреќа од кострет, и месечината стана како крв;

13ѕвездите, пак, небески паднаа на земјата, како што смоквата, лулана од силен ветар, ги исфрла пупките свои;

14и небото се оттргна како книга свиткана, и секоја гора и секој остров се поместија од местата свои;

15и царевите земни, и благородниците, и богатите, и војводите, и силните, и секој роб и слободен се сокрија во пештери и горски камењари,

16велејќи им на планините и на карпите: »Паднете врз нас и сокријте нѐ од лицето на Оној, Кој седи на престолот и од гневот на Агнецот,

17зашто дојде големиот ден на Неговиот гнев, и кој може да устои?«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help