Исаија 5 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

За неродното лозје Господово.

1Ќе му ја запеам на мојот Возљубен Неговата песна за лозјето негово. Мојот Возљубен имаше лозје на врвот од плодороден рид;

2Тој го огради и го исчисти од камења, насади во него одбор од лозови прачки, изгради кула во средината негова, направи големи крбли; очекуваше да роди добро грозје, а тоа роди диво грозје.

3Па сега, жители ерусалимски и мажи Јудејци, пресудете меѓу Мене и Моето лозје.

4Што уште требаше да направам за Моето лозје и не го направив? Зошто, очекував принос од добро грозје, тоа даде диво грозје?

5Сега ќе ви кажам што ќе направам со лозјето Свое: ќе ја иставам оградата, и тоа ќе биде опустошено; ќе му ги разрушам ѕидиштата, и ќе биде газено:

6ќе го оставам да запусти: нема ни да го режат, ни да го копаат, – ќе обрасне во трње и боцки, ќе им заповедам на облаците да не истураат дожд врз него.

7Лозјето на Господа Саваот е домот Израилев, а луѓето на Јуда – Негова љубена градина. И чека Он правосудие, но ете – крвопролевање; чека правда, а ете – пискот.

8Тешко ви вам, што притурате куќа кон куќа, што присоединувате нива кон нива, така што за другите да не останува место, како да сте само вие населени на земјата!

9Во ушите мои – Господ Саваот рече: – тие многубројни домови ќе бидат пусти, тие големи и убави куќи ќе бидат без жители;

10десет дулуми лозје ќе дадат едно буре, а еден шиник посеано семе, одвај ќе донесе една ефа.

11Тешко им е на оние, кои од рано утро бараат сикер и до доцна вечер се згорештуваат со вино;

12на нивните гоштавки има и гитара, и гусле, и тимпани, и свирка и вино; а кон делата на Господа тие и не погледнуваат, ниту помислуваат за делата на Неговите раце.

13Затоа мојот народ ненадејно ќе отиде во ропство; неговите големци ќе гладуваат, богаташите негови ќе се мачат од жед.

14Затоа пеколот се раширил и без мерка ја отворил устата своја: таму ќе слезе нивната слава и нивното богатство, вревата нивна и сѐ што ги весели

15И ќе се раскае човекот, ќе се смири мажот, и очите на гордите ничкум ќе поникнат;

16а Господ Саваот се возвеличи во суд, светиот Бог ќе ја соопшти светоста Своја во правда.

17И овците ќе си пасат по волја, и туѓи ќе се хранат со оставените плодни пасишта на богатите.

18Тешко им на оние, што влечат по себе беззаконие со јажиња на суетноста и грев – како со колски ремења;

19кои велат: »Нека побрза Он и нека го забрза делото Свео, за да видиме, нема се приближи и нека се исполни решението на Светецот Израилев, за да дознаеме!«

20Тешко им на оние, кои злото го нарекуваат добро и доброто – зло, темнината ја сметаат за светлина, и светлината – за темнина, горчливото – за слатко, а слаткото – за горчливо!

21Тешко им на оние, кои се мурди во своите очи и разумни пред самите себеси!

22Тешко им на оние, кои се храбри вино да пијат и се во сила да приготвуваат жесток пијалок,

23кои за подароци го оправдуваат виновниот и ги лишуваат праведните од законитото!

24Затоа, како што огнот ја јаде сламата, и пламенот го истребува сеното, така ќе загине коренот нивни, цветот нивни ќе се разнесе како прав; зашто тие го отфрлија законот на Господа Саваот и го презреа словото на Светецот Израилев.

25Затоа гневот на Господа ќе се разгори против Неговиот народ, ќе ја протегне раката Своја против него и ќе го порази, така што горите ќе затреперат и труповите нивни ќе бидат како ѓубре по улиците. А при сето тоа гневот Негов нема да се одврати и раката Негова уште ќе биде протегната.

26И ќе крене знаме за далечни народи и ќе им даде знак на оние што живеат на крајот од земјата, и ете, тие лесно и брзо ќе дојдат;

27кај нив нема да има ни умерен, ни премален; ниеден нема да задреме и нема да заспие; нема да се отпаше појасот од половината негова и нема да се одврзе ремен од чевлите негови;

28стрелите негови се изострени, сите лакови – им се затегнати; копитата на коњите нивни се како кремења, а колцата нивни – како виор;

29рикањето нивно е како рикањето на лавица; тој рика како лавче и ќе зарика, ќе го зграпчи пленот и ќе го однесе и никој нема да му го одземе.

30Во оној ден ќе зарика против него како божем рикање на разбеснето море; ќе погледне Он на земајта, и ете, темнина и жалост, а светлината потемнела во облаците.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help