3 Царства 11 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Жените на Соломон; неговите надворешни непријатели; бунтот на Јеровоам и крајот на неговото царување.

1Цар Соломон засака, освен фараоновата ќерка, и многу жени – туѓинки – Моавки, Амонитки, Идумејки, Сидонки и Хетејки, –

2од оние народи, за кои Господ им беше рекол на Израилевите синови: не влегувајте при нив, и тие да не влегуваат при вас, за да не го приклонат срцето ваше кон своите богови. Кон нив се прилепи Соломон со љубовта своја.

3Тај имеше седумстотини жени и триста наложници; и неговите жени го развратија срцето негово.

4Кога Соломон остаре, неговите жени го приклонија срцето негово кон други богови, и срцето негово не беше наполно предадено на неговиот Господ Бог, како срцето на татка му Давида.

5И Соломон почна да ѝ служи на Астрата сидонската богинка, и на Милхом, амонитски гад.

6И Соломон го вршеше она, што беше неугодно пред очите на Господа, и не го следеше наполно Господа како татко му Давид.

7Тогаш Соломон изгради многубожечко светилиште на Хамос, моавски гад, на гората, што е пред Ерусалим, и на Молох, амонитски гад.

8Така направи тој за сите свои жени туѓинки, кои кадеа и принесуваа жртви на своите богови.

9И Господ се разгневи на Соломона поради тоа што го отстрани срцето свое од Господа, Бога Израилев, Кој на двапати му се беше јавувал

10и му беше заповедал да не оди по други богови; но тој не го исполни тоа, што му го беше заповедал Бог.

11Тогаш Господ му рече на Соломона: »Затоа што тоа се врши кај тебе, и ти не го зачува Мојот завет и Моите наредби, што ти ги бев заповедал, ќе го одземам царството од тебе и ќе го дадам да твојот слуга;

12но во твоите дни Јас нема да го направам ова поради татка ти Давида: од рацете на синот твој ќе го одземам;

13но нема целото царство да го одземам: едно племе ќе му дадам на синот твој заради Мојот слуга Давида и заради Ерусалим, што сум го избрал.«

14И Господ му воздигна на Соломона противник – идумеецот Адада, од идумејски царски род.

15Кога Давид беше во Идумеја, и војводата Јоав дојде да ги погребе убиените, откако беше испотепал сѐ машко во Идумеја, –

16бидејќи Јоав и сите Израилци престојуваа таму шест месеци, додека не истребија сѐ живо во Идумеја, –

17тогаш Адад избега во Египет и со него неколкумина Идумејци, што беа служеле при татка му; Адад тогаш беше дете.

18Кога тргнаа од Мадијам, тие дојдоа во Фаран и зедоа со себеси луѓе од Фаран и стигнаа во Египет при Фараонот – египетскиот цар; Адад влезе при Фараонот, и тој му даде дом, му одреди плата и му даде земја.

19Адад се здоби со голема милост кај Фараонот, така што го ожени со сестрата на жена си, сестра на царицата Тахпенеса.

20Тахпенесината сестра му роди син Генуват. Тахпенеса го воспитуваше во Фараоновиот дом; и Генуват живееше во Фараоновиот дом заедно со Фараоновите синови.

21Кога Адад чу, дека Давид починал при татковците свои и дека војводата Јова умрел, му рече на Фараонот: »Пушти ме да појдам во земјата своја?«

22Фараонот му рече: »Зар си незадоволен од мене, па сакаш да одиш во земјата своја.«

23Господ крена против Соломона и друг противник – Резона, Елијадовиот син, кој беше избегал од својот господар Адраазар, сувскиот цар,

24и, откако собра околу себеси луѓе, стана старешина на чета, откако Давид го беше победил Адраазара; и тие отидоа во Дамаск, се настанија таму и господареа во Дамаск.

25Тој беше противник на Израилот во текот на сите дни на Соломона. Освен злото, извршено од Адада, тој секогаш му правеше пакост на Израилот и стана сириски цар.

26И Наватовиот син Јеровоам, Ефермецот од Сарида, – името на мајка му, вдовица, беше Серуа, – Соломонов слуга, крена рака против царот.

27Еве по кој повод тој крена рака против царот: Соломон го градеше Милон, ги поправаше урнатините во градот на татка си Давида.

28Јеровоам беше силен човек. Соломон, откако забележа, дека тоа момче го бива за работа, го постави за надзорник над задолжените работици од Јосифовиот дом.

29Во она време на Јеровоам му се случи да излезе од Ерусалим; по патот го сретна пророкот Ахија Силомец, облечен во нова облека. Тие беа само двајцата во полето.

30И Ахија ја зеде новата облека, што беше на него, ја раскина на дванаесет делови,

31и му рече на Јеровоама: »Земи си десет делови, зашто така вели Господ, Бог Израилев: ‚Ете го истргнувам царството од раката на Соломона и десет племиња ти давам тебе,

32и едно племе ќе му остана нему заради Мојот слуга Давида и заради градот Ерусалим, што го избраа од сите Израилеви племиња!‘

33Ова е поради тоа, што тие Ме оставија и почнаа да ѝ се клањаат на Астарта, сидонската богинка, и на Хамоса, моавскиот бог, и на Мелхома, амонитскиот бог, и не одеа по Моите патишта, за да го вршат она, што е угодно пред Моите очи, и да ги пазат Моите наредби и Моите заповеди, како татко му Давид.

34Јас не го одземам целото царство од раката негова, туку го оставам да владее до крајот на својот живот заради Мојот слуга Давида, кого го избрав и кој ги пазеше Моите заповеди и Моите наредби;

35но ќе го одземам царството од раката на синот негов и десет племиња од него ќе ти ги дадам тебе;

36а на синот негов ќе му дадам едно племе, за да остане светилото на Мојот слуга Давида во сите дни пред лицето Мое во градот Ерусалим, што го избрав, за да остане засекогаш таму името Мое.

37Тебе те избирам, и ти ќе владееш со сѐ, што ќе посака душата твоја, и ти ќе бидеш цар над Израилот;

38и ако пазиш на сѐ, што ќе ти заповедам, ако одиш по патиштата Мои и ако го вршиш она, што е угодно пред очите Мои, пазејќи ги Моите наредби и Моите заповеди, како што правеше Мојот слуга Давид, Јас ќе бидам со тебе и ќе ти воздигнам крепок дом, како што му создадов на Давида, и ќе ти го дадам Израилот;

39ќе го понизам Давидовиот род за тоа, но не за секогаш.«

40А Соломон сакаше да го убие Јеровоама, но Јеровоам стана, та избега во Египет при Сусакима, египетски цар, и живееше во Египет до смртта Соломонова.

41Другите дела на Соломона и сѐ што вршеше тој, и мудроста негова, се опишани во книгата на делата Соломонови.

42Времето, во кое Соломон царуваше во Ерусалим над целиот Израил, беше четириесет години.

43И Соломон почина при татковците свои и беше погребан во градот на татка си Давида; а место него се зацари синот негов Ровоам.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help