1-11Господи Седржителе, Боже на татковците наши, на Авраама, Исака, Јакова и на нивното праведно потомство, а Кој си го создал небото и земјата со сето нивно благолепие, Кој си го поврзал морето со зборот на Твојата заповед, си ја заклучил бездната и си ја запечатил со страшното и славно име Твое, од кое сите се плашат, и треперат од лицето на силата Твоја, зашто никој не може да устои на великолепието на славата Твоја, и неиздржлив е гневот при Твоето заплашување против грешниците. Но безмерна и неиследна е милоста на Твоето ветување, зашто Ти си Господ севишен, добар, долготрпелив, многумилостив и жалиш поради човечките лошотии. Ти, Господи, по големата Своја благост, си ветил покајание и прошка на оние што Ти згрешиле, и по многуте штедрости Свои си определил покајание на грешниците, за спасение. И така, Господи, Боже на праведните, Ти не си определил покајание за праведните – Авраама, Исака и Јакова, кои не згрешија пред Тебе, туку си определил покајание за мене, грешникот, зашто јас направив гревови повеќе од бројот на морскиот песок. Многубројни се моите беззаконија, Господи, многубројни се беззаконијата мои, и јас не сум достоен да погледам и да ја видам висината небеска поради многуте мои неправди. Јас сум подведен од многуте железни окови, та не можам главата да ја кренам, и нема одмор за мене, зашто Те разгневив и извршив зло пред Тебе: не ја исполнив волјата Твоја, не ги запазив заповедите Твои, направив гадотии и ги умножив соблазните. И сега ги приклонувам колената на срцето мое и Те молам за благост. Згрешив, Господи, згрешив и ги знам беззаконијата свои, но просам и Ти се молам: прости ми, Господи, прости ми, и не ме погубувај со беззаконијата мои, не ме осудувај во пеколот. Зашто Ти си, Боже, Бог на оние што се кајат, и над мене покажи ја сета Своја благост, спасувајќи ме мене недостојниот по големата Своја милост, и јас ќе Те прославувам со сите дни на мојот живот, зашто Тебе Те слават сите сили небески, и Твоја е славата во веки веков. Амин.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.
