1Во единаесеттата година, во првиот ден од првиот месец, би слово Господово до мене:
2»Сине човечки, поради тоа што Тир ликуваше над Ерусалим: ‚о, о‘, се скрши вратата на народите, и тие се обрнаа кон Мене; ќе се збогатам – тој е опустошен.
3Така вели Господ Бог, еве, Јас сум против тебе, граде Тире, и ќе кренам против тебе многу народи како морето што ги крева брановите свои.
4И ќе ги разбијат ѕидовите на Тир и ќе ги разрушат кулите негови; и ќе го изметам правот негов и ќе го направам гол камен.
5Ќе биде место за простирање мрежи во морето; зашто Јас го реков тоа, вели Господ Бог, и ќе биде разграбен од народите.
6А ќерките негови, што се во земјата, ќе бидат со меч убиени и ќе познаат, дека Јас сум Господ.«
7Оти така вели Господ Бог: »Еве, против Тир ќе го доведам од север Навуходоносор, вавилонскиот цар, царот над царевите, со коњи и со коли, со коњаница и со војска и со многуброен народ.
8Тој со меч ќе ги убие ќерките твои во земјата, ќе подигне против тебе опсадни кули, ќе направи опкоп против тебе и ќе постави штитови против тебе;
9Ќе донесе машини за разбивање ѕидови до самите ѕидови и ќе ги разруши кулите твои со секири.
10Од многуте негови коњи прав ќе те покрие, од шумот на јавачите, на тркалата и на колите ќе се затресат ѕидовите твои, кога ќе влезе во портите твои, како што се влегува во разбиен град.
11Со копитата на коњите свои ќе ги изгази твоите улици, народот твој со меч ќе го убие и спомениците на твојата сила на земјата ќе ги соборува.
12И ќе го разграбат твоето богатство, ќе ја пленат твојата стока, ќе ги разрушат твоите ѕидови, ќе ги урнат твоите убави домови, твоите камења и твоите дрвја и земјата твоја ќе ја фрлат во вода.
13И ќе престане гласот од твоите песни и звукот од твоето гусле нема повеќе да се слуша;
14и ќе те направам гол камен, ќе станеш место за простирање мрежи; нема да бидеш одново изграден, зашто Јас, Господ, го реков тоа«, вели Господ Бог.
15Така вели Господ Бог кон Тир: »Од потресот на твоето паѓање, од офкањето на ранетите, кога ќе се извршува над тебе убивањето, нема ли да затреперат островите?
16И ќе слезат од престолите свои сите кнезови на морето, ќе ги соблечат од себе своите наметки, ќе ги симнат од себе своите везени облеки, ќе се облечат во трепет, ќе седнат на земја и секоја минута ќе треперат и ќе се чудат заради тебе.
17И ќе почнат да плачат за тебе и ќе ти речат: ‚Како пропадна, славни граде, во кој живеат поморци, народ силен по морето, ти и жителите твои кои влеваа страв на сите оние, што живееја во тебе!‘
18Сега, во денот на твоето паѓање, затреперија островите, островите морски се смутија од твојата погибел.
19Оти така вели Господ Бог: кога ќе те направам запустен град, како ненаселените градови, кога ќе ја подигнам против тебе бездната и ќе те покријат големи води,
20тогаш ќе те соборам со оние, што слегуваат во гроб, при оние што порано постоеле, и ќе те ставам во долната земја, во вечната пустиња, со спуштените во гроб, за да не бидеш веќе населен; и ќе ја објавам славата во земјата на живите.
21За ужас ќе те направам, и нема да те има; ќе те бараат, но повеќе нема да те најдат никогаш«, вели Господ Бог.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.