1Кога се зацврсти царствово во рацете на Соломона, Соломон се сроди со Фараонот, египетскиот цар, и ја зеде фараоновата ќерка и ја воведе во Давидовиот град, додека да го изгради домот свој, домот Господов и ѕидовите околу Ерусалим.
2Народот уште принесуваше жртви по обречените места, бидејќи до она време не беше изграден дом на името Господово.
3Соломот го возљуби Господа, одејќи по наредбите на татка си Давида, но и тој принесуваше жртви и кадеше по оброчиштата.
4Затоа царот отиде во Гаваон, за да принесе таму жртва, бидејќи таму беше главниот жртвеник. Илјада сепаленици принесе Соломон врз тој жртвеник.
5Во Гаваон Господ му се јави на Соломона ноќе во сон и му рече: »Барај што сакаш да ти дадам.«
6Соломон одговори и рече: »Ти му направи голема милост на Твојот слуга, татка ми Давида; и поради тоа што тој одеше пред Тебе, по вистината и правдата и со искрено срце пред Тебе, Ти му ја зачува таа голема милост и му подари син, кој ќе седи на престолот негов, како што е тоа денес;
7и денес, Господи, Боже мој, Ти го постави за цар Твојот слуга место татка ми Давид, но јас сум сосема млад, не знам ни да излегувам, ни да влегувам.
8А Твојот слуга е среде Твојот народ, што си го избрал, народ толку многуброен, па поради мноштвото негово не може ни да се преброи, ни да се догледа.
9Подари му, пак, на Твојот слуга разумно срце, за да му служи на Твојот народ и да разликува: што е добро и што е зло; зашто, кој може да управува со тој многуброен Твој народ?«
10Угодно Му беше на Господа, што Соломон го побара тоа.
11Господ му рече: »Затоа што го побара тоа, и не побара за себеси долг живот, не побара богатство, не ги побара душите на твоите непријатели, туку си побара разум, за да умееш да судиш, –
12Јас ќе направам според зборот твој: еве, ти давам мудро и разумно срце, така што подобен на тебе немало пред тебе, и по тебе нема да се издигне сличен на тебе;
13и она што не го побара, Јас ти го давам, – и богатство, и слава, така што нема да има подобен на тебе меѓу царевите во сите твои денови;
14и ако одиш по Мојот пат, пазејќи ги Моите наредби и Моите заповеди, како што одеше татко ти Давид, ќе ги продолжам и твоите дни.«
15Соломон се разбуди, и, ете, тоа беше сон. И отиде во Ерусалим, та застана пред жртвеникот при ковчегот на заветот Господов, принесе сепаленици и жртви благодарствени и богато ги нагости сите слуги свои.
16Тогаш дојдоа при царот две жени блудници и се исправија пред него.
17И едната жена рече: »О, господаре мој! Јас и оваа жена живееме во една куќа, и родив при неа во таа куќа;
18а на третиот ден, откако родив, роди и таа жена; ние бевме заедно, и во куќата при нас немаше никој надворешен човек; само ние двете бевме во куќата.
19Преку ноќ умре синот на оваа жена, зашто беше легнала врз него;
20а таа преку ноќ станала, го зела мојот син од мене, кога јас, твојата слугинка, сум спиела, и го ставила до градите свои, а својот мртов син го ставила до моите гради.
21Утредента станав да го надојам синот свој, и ете, тој беше мртов; а кога на виделина се загледав во него, тоа не беше мојот син, што го бев родила.«
22Другата жена рече: »Не, мојот син е живиот, а твојот син е умрениот.« А таа ѝ велеше: »Не, твојот син е умрениот, а мојот е живиот.« И се препираа така пред царот.
23Царот тогаш рече: »Оваа говори: мојот син е живиот, а твојот е умрениот; а онаа говори: Не, твојот син е умрениот, а мојот син е живиот.«
24Потоа царот рече: »Дајте ми меч!« И му донесоа меч.
25И тогаш царот рече: »Пресечете го живото дете на две половини и дајте ја едната половина на едната, а другата половина на другата.«
26И му одговори на царот онаа жена, чиј беше живиот син, зашто целата нејзина утроба се беше растреперила од жал спрема нејзиниот син: »О, господаре мој! Дајте ѝ го тоа дете живо и не го убивајте«. А онаа другата рече: »Нека биде ни мое, ни твое, сечете го!«
27И царот проговори и рече: »Дајте ѝ го живото дете на првата, и не го убивајте: таа е неговата мајка.«
28И сиот Израил чу за судот, како пресуди царот. И почнаа да се плашат од царот, зашто видоа дека има мудрост Божја во него, за да извршува суд.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.