Броеви 15 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

За даровите во јадења и пијалоци и за првините од брашно. Гревови и казни. Знак на облеката.

1И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:

2»Кажи им на синовите Израилеви и речи им: ‚Кога ќе влазете во земјата, во која ќе живеете и која ви ја давам,

3и почнете да принесувате на Господа сепаленици, или жртви заклани, или по завет, или од сесрдност, или во текот на празниците ваши, нека биде со пријатен мирис пред Господа, тоа да биде жртва од стадата на говедата или од овците ваши;‘

4тогаш оној, кој ја принесува жртвата на Господа, треба да принесе и дар принос на Господа од една десетина ефа пченично брашно, измешано со четврт ин елеј;

5и вино за прелив принесувај по чеврт ин за сепаленица, или приклана жртва: по едно јагне за благопријатен мирис пред Господа.

6И овен кога принесувате за сепаленица, принесувајте и жртва, принос две десетини ефа пченично брашно, измешано со една третина ин елеј;

7и вино за прелив принеси една третина ин за благопријатен мирис пред Господа.

8Ако принесувате сепаленица од говедата, или клана жртва, за да ти е молитвата поусрдна пред Господа, или жртва за спасение,

9тогаш заедно со телето принесете и принос три десетини ефа пченично брашно, измешано со половина ин елеј,

10и вино за прелив принесете половина ин како жртва, за благопријатен мирис пред Господа.

11Така прави при секој принос на теле, на овен, и на јагне од овците или од козите;

12според бројот на жртвите, што ги принесувате, така правете при секоја од нив, според бројот нивни.

13Секој тукашен така треба да прави, кога сево ова го принесува како жртва за благопријатен мирис пред Господа;

14и кога меѓу вас има придојден или кој и да било меѓу вас во редовите ваши, и принесе жртва за благопријатен мирис пред Господа, и тој треба да прави така, како што правите вие;

15за вас, народот Господов, и за придојдениот, кој живее меѓу вас, наредбата да биде една, наредбата вечна во редовите ваши: што сте вие, тоа да биде и придојдениот пред Господа;

16еден закон и еднакви права да бидат за вас и за придојдениот, кој живее меѓу вас.«

17Му рече уште Господ на Мојсеја, велејќи:

18»Кажи им на синовите Израилеви и речи им: кога ќе влезете во земјата, во која ве водам,

19и ќе почнете да јадете леб од таа земја, оставете и дел за Господа;

20од првините на тестото принесете; леб принесете од гумното.

21Така одвојувајте го лебот, првина на тестото ваше и принесувајте Му на Господа во родовите ваши.

22Ако погрешите и не ги исполнувате сите тие заповеди, кои Господ му ги кажа на Мојсеја,

23си она, што ви заповеда Господ Бог преку Мојсеја, од денот, кога Господ ви заповедал, и за во иднината во родовите ваши, –

24ако грешката е направена неволно од народот, тогаш целото општество нека принесе едно теле без недостаток за сепаленица, за благопријатен мирис на Господа, заедно со тоа и принос за прелив, според наредбите, и едно јаре од козите – жртва за грев.

25И свештеникот да се помоли за целото општество на синовите Израилеви, и ќе им се прости, зашто тоа било грешка, и тие принеле свој дар на Господа, жртва за грев пред Господа, поради своето незнаење.

26И ќе му биде простено на целото општество на синовите Израилеви и на придојдениот, кои живее меѓу нив, зашто целиот народ го направил тоа поради незнаење.

27Ако некој сам згреши поради несакање, нека принесе едногодишна коза заради својот грев.

28И свештеникот да се помоли за таа душа, која не сакајќи направила пред Господа грев, и таа ќе биде очистена и ќе и биде простено.

29Еден закон да биде за вас, како за жителите од синовите Израилеви, така и за придојдениот, кој живее меѓу вас, кога некој ќе погреши не сакајќи.

30Ако некој од тукашните или придојдените изврши нешто со дрска рака, тој хули на Господа; да се истреби таа душа од народот свој,

31зашто тој го презрел зборот на Господа и ја нарушил заповедта Негова, да биде истребена таа душа; гревот нејзин да биде врз неа.«

32Кога синовите Израилеви беа во пустињата, најдоа еден, како собира дрва во саботен ден;

33и оние, што го најдоа, како собира дрва во саботен ден, го приведоа кај Мојсеја и Арона и кај целото општество на синовите Израилеви;

34и го затворија, бидејќи уште не беше решено, што да се прави со него.

35И му рече Господ на Мојсеја: »Тој човек треба да умре; целото општество да го убие со камења надвор од населбата.«

36Тогаш целото општество го изведе надвор од населбата, и го убија со камења, и тој умре, како што му заповеда Господ на Мојсеја.

37И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:

38»Објави им на синовите Израилеви и кажи им да си прават реси по полите на своите облеки во поколенијата свои, и во ресите, што се по полите, да влегуваат нишки од сина преѓа,

39и тие да ви бидат на ресите, па, кога ги гледате, да се спомните на сите заповеди Господови и да ги извршувате и да не се развратувате по срцето свое и очите ваши, со кои се заблудувате.

40Да ги помните и извршувате сите Мои заповеди и да бидете свети пред вашиот Бог.

41Јас сум Господ, Бог ваш, Кој ве изведе од Египетската земја, за да ви бидам Бог. Јас сум Господ, Бог ваш.«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help