2 Царства 7 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Давидовата молитва.

1Кога царот живееше во својот дом, и Господ го беше успокоил од сите негови околни непријатели,

2тогаш царот му рече на пророкот Натан: »Ете, јас живеам во кедров дом, а Божјиот ковчег стои под шатор.«

3А Натан му одговори на царот: »Оди, прави си, што ти е на срце, зашто Господ е со тебе.«

4Но во истата ноќ дојде ова слово Господово кон Натана:

5»Оди, кажи му на мојот слуга Давида: Вака говори Господ: ‚Ти ли ќе Ми изградиш дом, за да живеам во него,

6кога Јас не сум живеел во дом, откако ги изведов синовите Израилеви од Египет, и до денес но минував во шаторот и во скинијата.

7Каде и да одев со сите синови Израилеви, му кажав ли барем еден збор на некое од племињата, на кое сум му наложувал да го пасе Мојот народ Израилот: зошто не ми изградивте кедров дом?‘

8А сега, кажи му така на мојот слуга Давида: Вака вели Господ Саваот: ‚Јас те зедов од овчото стадо, за да бидеш водач на Мојот народ Израилот;

9и секогаш бев со тебе, каде и да одеше, ги истребував од пред лицето твое сите твои непријатели, и го возвеличував името твое, како името на големите луѓе на земјата.

10Јас ќе одредам место за Мојот народ, за Израилот, ќе го утврдам, и тој спокојно ќе живее на местото свое и нема повеќе да се обеспокојува, и нечестиви луѓе нема повеќе да го измачуваат, како порано,

11кога Јас определив судии над својот Израил; и Јас ќе те успокојам од сите твои непријатели. И Господ те известува, дека Он ќе ти подигне дом.

12А кога ќе завршат твоите дни, и ти ќе починеш кај татковците свои, Јас ќе го воздигнам по тебе твоето семе, што ќе произлезе од твоите бедра, и ќе го зацврстам царството негово.

13Тој ќе изгради дом на името Мое, и Јас ќе го утврдам престолот на царството негово засекогаш.

14Јас ќе му бидам татко, и тој ќе Му биде син; и ако згреши, ќе го казнам со стап човечки и со удари на синови човечки;

15но милоста Своја нема да ја кренам од него, како што ја кренав од Саула, кога Јас го отфрлив пред лицето твое.

16И ќе биде непоколеблив твојот дом и твоето царство засекогаш пред лицето Мое, и престолот твој ќе остане засекогаш.‘«

17Сите овие зборови и целото тоа видение Натан му го кажа на Давида.

18Тогаш отиде цар Давид, застана пред лицето на Господа, и рече: »Кој сум јас, Господи, и што е домот мој, та толку ме возвеличи!

19Па и тоа дури се покажа малку во Твоите очи, Господи мој, Господи; но Ти извести уште за домот на Твојот слуга далечна иднина. Тоа е веќе по човечки, Господи мој, Господи!

20Што уште може да ти каже Давид? Ти го познаваш Твојот слуга, Господи мој, Господи!

21Ти го правиш ова заради зборот Свој и по срцето Свое, откривајќи му ги на слугата Свој сите големи работи.

22Во сѐ си голем Ти, Господи мој, Господи, зашто нема сличен на Тебе и нема Бог, освен Тебе, по сѐ што сме слушале со ушите свои.

23И кој е подобен на Твојот народ Израил, единствен народ на земјата, за кој доаѓал Бог да Си го придобие за народ, да го прослави името Свое и да изврши големи и страшни чуда пред Својот народ, кој Ти си го придобил од Египтјаните, прогонувајќи ги народите и боговите нивни?

24И Ти го одреди за Себе Твојот народ Израилот како Свој сопствен народ засекогаш, и Ти, Господи, стана негов Бог.

25А сега, Господи Боже, утврди го засекогаш зборот, што си го изрекол за Твојот слуга и за домот негов, и исполни го, она што си го изрекол.

26Нека се возвеличи името Твое засекогаш, та да велат: ‚Господ Саваот е Бог над Израилот.‘ И домот на Твојот слуга Давида да биде цврст пред Твоето лице.

27Бидејќи Ти, Господе Саваоте, Боже Израилев, му откри на Твојот слуга, велејќи: ‚Ќе ти воздигнам дом‘, Твојот слуга го подготви срцето свое да Ти се моли со таа молитва.

28И така, Господи мој, Господи! Ти си Бог, и Твоите зборови се неизменливи, и Ти му вети на Твојот слуга големо добро.

29А сега благоволи и благослови го домот на Твојот слуга, та тој да биде вечно пред Твоето лице, зашто Ти, Господи мој, Господи, го објави тоа, и со Твојот благослов домот на Твојот слуга ќе стане благословен за да биде пред Тебе засекогаш.«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help