1И би слово Господово до мене:
2»Сине човечки, кажи му на началникот на Тир – вака вели Господ Бог: затоа што го издигна срцето свое и велиш: ‚Јас сум бог, седам на божји стол, во срцето на морињата‘, и бидејќи човек си, а не бог, го заменуваш твојот ум со умот на Бога,
3ете, како да си помудар од Даниила; и нема тајна, сокриена од тебе;
4со мудроста своја и со разумот свој ти се здоби со богатство и во своите ризници собра злато и сребро;
5со големата мудрост своја преку трговијата своја ти го зголеми богатството свое,
6затоа, вака вели Господ Бог: – Бидејќи го изедначуваш твојот ум со умот на Бога,
7еве, Јас ќе доведам против тебе другоземци, највешти меѓу народите, и тие ќе ги извадат своите мечеви против убавината на твојата мудрост и ќе го помрачат твојот блесок;
8тие ќе те турнат во гроб и ќе умреш во срцето на морињата, со смрт на убиени.
9Ќе речеш ли тогаш пред твојот убиец: ‚јас сум бог‘, кога во раката на оној, што ќе те убива, ти ќе бидеш човек, а не бог?
10Ти ќе умреш од раката на другоземци со смрт како необрезан; оти Јас го реков тоа«, така вели Господ.
11И би слово Господово до мене:
12»Сине човечки, плачи за тирскиот цар и кажи му: – вака вели Господ Бог: ти си печат на совршенство, полнота на мудроста и венец на убавината.
13ти беше во Едем, во Божјата градина; твоите облеки беа украсени со секакви скапоцени камења: рубин, топаз, дијамант, хризолит, оникс, јаспис, сапфир, карбункул, смарагд и злато, сите вешто исткаени и нанижани на тебе, приготвени во денот кога беше создаден.
14Ти беше помазан херувим за да осенува, и Јас те поставив за тоа; ти беше светата Божја гора, одеше среде огнени камења.
15Ти беше совршен во патиштата свои, од денот кога беше создаден, сѐ додека не се најде во тебе беззаконие.
16Од твојата проширена трговија утробата твоја се исполни со неправда и ти згреши; и Јас те соборив како нечист од Божјата гора, те истерав тебе, херувиме, што осенуваше, среде огнени камења.
17Од убавината твоја се возгордеа срцето твое, поради богатството твое си ја загуби мудроста своја; затоа Јас ќе те соборам на земја, ќе те предадам на потсмев пред царевите.
18Со многуте гревови свои во неправедната твоја трговија ти ги оскверни твоите светилишта; и Јас ќе пуштам оган пред тебе, што ќе те проголта; и Јас ќе те претворам во пепел на земјата пред очите на сите, што ќе те видат.
19Сите, што те знаеја меѓу народите, ќе се зачудат за тебе, ти ќе станеш за ужас и нема да те има повеќе.«
20И би слово Господово до мене:
21»Сине човечки, сврти го лицето свое кон Сидон, и пророкувај против него:
22Ете Јас сум против тебе, Сидоне, и ќе се прославам во тебе и ќе познаат дека сум Јас Господ, кога ќе одржам суд над него и ја покажам во него Мојата светост.
23И ќе пратам во него помор и крв на улиците негови и ќе паднат среде него убиени од меч, кој ќе ги нападне сите одреда и ќе познаат, дека Јас сум Господ.
24И во иднина тој нема да биде бодлив трн за домот Израилев и причинител на болка трнлива, повеќе од сите соседи што му сакаат зло и ќе познаат, дека Јас сум Господ Бог.«
25Така вели Господ Бог: кога ќе го соберам домот Израилев меѓу народите, кај кои се распрснал и ќе ја објавам кај нив светоста Своја пред очите на племињата и тие заживеат во земајта своја, која му ја дадов на Мојот слуга Јакова,
26тогаш ќе живеат во неа безопасно и ќе си изградат куќи, ќе насадат лозја и ќе живеат во безопасност, зашто ќе извршам суд над сите наоколу што ги презираа. И тогаш ќе разберат дека Јас сум Господ Бог нивни.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.