1Ви зборувам вистина во името на Христа, не лажам – тоа го сведочи мојата совест преку Светиот Дух,
2дека ми е многу жал и срцето ме боли постојано;
3оти повеќе би сакал јас да бидам одвоен од Христа за браќата свои, моите сродници, по плот,
4кои се Израилци, на кои и им припаѓа посинувањето и славата и заветите и Законот, и службата кон Бога и ветувањата;
5нивни се и оците, од нив по плот е и Христос, Кој е Бог над сите, благословен во веки. Амин!
6А не е можно зборот Божји да не се оствари: бидејќи не сите што се од Израилот, се Израилци,
7ниту се, пак, сите семе Авраамово, за тоа што се негови чеда; но речено е: »Од Исака потомството ќе се нарече со твое име«.
8Односно, не чедата на телото се чеда Божји, туку чедата на ветувањето ќе се признаат како потомци.
9Бидејќи зборовите на ветувањето се овие: »Во тоа време ќе дојдам, и Сара ќе има син«.
10И не само таа, но и Ревека, која наеднаш зачна од Исака, нашиот татко,
11зашто, уште додека не се беа родиле и не беа направиле ништо добро или лошо за да се знае дека Божјото решение во изборот не е од делата, туку од Повикувачот,
12ѝ беше речено: »Поголемиот ќе му робува на помалиот«,
13како што е напишано: »Јакова го возљубив, а Исава го намразив«.
14Што да речеме пак? Зар има неправда во Бога? Никако!
15Оти Он му рече на Мојсеја: »Кој е за помилување, ќе го помилувам, и кој е за сожалување, ќе го сожалам«.
16И така, тоа зависи не од оној, кој пожелува, ниту од оној, кој трча, туку од Бога, Кој милува.
17Зашто Писмото му вели на Фараонот: »Точно за тоа те издигнав, за да ја покажам над тебе силата Своја и името Мое да биде проповедано по целата земја«.
18Па така, кого го сака, го милува; кого го сака, го прави жесток.
19Но ќе ми речеш: »А зошто уште нѐ кори?« А кој може да се спротивстави на Неговата волја?
20Ама ти, човеку, кој си, та спориш со Бога? Творението зар ќе му рече на својот мајстор: зошто си ме направил такво?
21Или, пак, грнчарот – нема ли право над глината, од едно и исто месиво да направи еден сад за честење, а друг за нечесна употреба?
22Па што, ако Бог, сакајќи да го покаже гневот Свој и да ја јави Својата моќ, со голема долготрпеливост поднесе некои садови на гневот, приготвени за погибел?
23Иако Он, за да го покаже богатството на Својата слава над садовите на милосрдноста, приготвувани од Него за слава,
24нѐ помилува нас, кои нѐ повика не само од Јудејците, туку и од незнабошците,
25како што и Осиј вели: »Ќе го наречам Мој народ оној, кој не беше Мој народ, и омилена – неомилената«.
26И на она место, каде што ќе им се рече: »Вие не сте Мој народ; таму ќе бидат наречени синовите на живиот Бог.«
27А Исаија извика за Израилот: »Иако е бројот на Израилевите синови колку што е морскиот песок, остатокот само ќе се спаси,
28оти ќе го заврши делото и ќе реши по правда: Господ ќе го изврши во потполност словото на земјата«.
29И како што предрече Исаија: »Ако Господ Саваот не беше ни оставил семе, ќе станевме како Содом и ќе заприлегавме на Гомор.«
30Што да се рече пак? Незнабошците, кои не бараа оправдание, добија оправдание преку верата.
31И Израилот, кој бараше закон на правдата, не достигна до Законот на правдата.
32Зошто? Затоа дека бараше не од верата, а од делата на Законот. Оти се сопнаа од каменот за сопнување,
33како што е напишано: »Еве, го полагам на Сион каменот за сопнување и каменот на соблазан; и секој, кој верува во Него, нема да се посрами«.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.