4 Царства 3 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Јорамовото владеење во Израилот. Воен поход на Израилците и Јудејците против Моавците.

1Јорам, синот Ахавов, стана цар над Израилот во Самарија во осумнаесеттата година на јудејскиот цар Јосафат и царуваше дваесет години.

2Тој вршеше она што беше неугодно пред очите на Господа, макар и не така, како татко му и мајка му, зашто ја собори статуата на Ваала, што беше ја напарвил татко му;

3при сето тоа тој остана во гревовите на Јеровоама, Наватовиот син, што беше го навел на грев Израилот, и не отстапуваше од нив.

4Моавскиот цар Моса имаше многу добиток и му испраќаше на израилскиот цар по сто илјади овци и по сто илјади неистрижени овни.

5Но, штом умре Ахав, моавскиот цар се одметна од израилскиот цар.

6Во она време царот Јорам излезе од Самарија и ги преброи сите Израилци,

7па отиде и испрати да му кажат на јудејскиот цар Јосафата: »Моавскиот цар се одметна од мене; одиш ли со мене во војна против Моава?« Тој одговори: »Одам; како што ќе отидеш ти, така и јас, како твојот народ, така и мојот народ, како твоите коњи, така и моите коњи.«

8И рече: »По кој пат да одам?« Тој рече: »По патот низ Едомската пустиња.«

9И тргнаа израилскот цар, јудејскиот цар и едомскиот цар, и одеа по заобиколен пат седум дена, и немаше вода за војската и за добитокот, што одеше по нив.

10Тогаш рече израилскиот цар: »Ах! Господ ги изведе овие тројца цареви, за да ги предаде во раката на Моава.«

11Но Јосафат рече: »Нема ли тука пророк Господов, па преку него да го прашаме Господа?« Одговори еден од слугите на израилскиот цар и рече: »Тука е Јелисеј, Сафатовиот син, кој полеваше вода на Илиевите раце.«

12И рече Јосафат: »Во него има слово Господово.« И отидоа при него израилскиот цар и Јосафат и едомскиот цар.

13И му рече Јелисеј на израилскиот цар: »Што имаш ти со мене! Оди кај пророците на татковците свои и кај пророците на мајка си своја.« И му кажа израилскиот цар: »Не, зашто Господ ги изведе овде овие тројца цареви, за да ги предаде во раката на Моава.«

14И рече Јелисеј: »Жив Господ Саваот, пред Кого стојам! Ако не го почитував Јосафата, јудејскиот цар, не би те погледнал и не би те видел;

15туку повикајте ми гуслар.« И кога гусларот свиреше на гуслата, тогаш раката Господова се допре до Јелисеја,

16и тој рече: »Вака говори Господ: ‚Направете ја оваа долина јама до јама;‘

17зашто вака вели Господ: нема да видите ветар и нема да видите дожд, а оваа долина ќе се наполни со вода, од која ќе пиете вие и ситниот и крупниот добиток ваш;

18но тоа е малку пред очите на Господа: Он и Моава ќе го предаде во рацете ваши,

19и ќе ги поразите сите укрепени градови и сите главни градови, и ќе ги исечете сите добри дрвја, и ќе ги запрете сите извори, и сите добри ниви и ќе ги затрупате со камења.«

20Утредента, кога се вознесуваше лебен принос, наеднаш потече вода по патот од Едом, и земјата се наполни со вода.

21Кога слушнаа Моавците, дека царевите доаѓаат да војуваат со нив, беа собрани сите, што носат појас и постари, па застанаа на границата.

22Изутрината станаа рано, кога сонцето изгреа над водата; на Моавците таа вода оддалеку им се прични црвена како крв.

23И тие рекоа: »Тое е крв; се степале царевите меѓу себе и се истребиле еден со друг. А сега на плен, Моаве!«

24И тие дојдоа до израилскиот логор. Станаа Израилците и фатија да ги поразуваат Моавците, кои почнаа да бегаат од нив, а тие продолжуваа да налетуваат врз нив и да ги поразуваат.

25И ги разрушија градовите, и во секоја добра нива секој фрли по еден камен, и ја наполнија, и сите водни извори ги затрупаа, и сите плодни дрвја ги исекоа, така што во Кир-Харемет останаа само камења. И го заобиколија праќкашите и го разрушија.

26Тогаш моавскиот цар виде дека ја губи битката, и зеде со себе седумстотини души, кои ракуваа со меч, за да се пробијат кон едомскиот цар, но не можеа.

27И тој го зеде својот првороден син, кому му се паѓаше да царува место него, и го принесе како жртва сепаленица врз ѕидот. Тоа предизвика големо негодување кај Израилците, и тие се повлекоа од него и се вратија во земјата своја.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help