1И на ангелот на Сардската црква напиши му: еве што вели Оној, Кој ги има седумте ѕвезди – ги знам делата твои; носиш име дека си жив, а си мртов.
2Биди буден и утврдувај ги оние, што се на умирање; бидејќи делата твои не ги најдов совршени пред Мојот Бог.
3Помни, пак, како си примил и чул, и пази, и покај се. Ако не бидеш буден, ќе дојдам врз тебе како крадец, и нема да узнаеш, кога ќе дојдам над тебе.
4Но во Сард имаш малку имиња, што не ги осквернија алиштата свои. Тие ќе одат со Мене во бела облека, бидејќи се достојни.
5Кој победува, ќе се облече во бела облека, и нема да му го избришам името негово од книгата на животот, туку ќе го признаам името негово пред Мојот Отец и пред Неговите ангели.
6Кој има уво, нека чуе, што им зборува Духот на црквите.
7И на ангелот на Филаделфиската црква напиши му: вака вели Светиот, Вистинскиот, Оној, Кој го има клучот Давидов, Кој отвора, и никој нема да затвори – и Кој затвори, никој не ќе отвори –
8ги знам делата твои. Ете, ти дадов врата отворена, и никој не може да ја затвори; ти имаш мала сила и сепак го запази словото Мое, и не одречувај се од името Мое.
9Ете, ќе ти дадам некои од сатанската зборница – оние, што велат дека се Јудејци, а не се, туку лажат – ете, ќе направам да дојдат и да се поклонат пред нозете твои и да познаат, дека Јас те засакав.
10Бидејќи ти го запази словото на трпението Мое, и Јас ќе те запазам од часот на искушението, кое ќе дојде над целата вселена, за да ги искуша оние што живеат на земјата.
11Ете, идам скоро: држи, што имаш, за да не го земе никој венецот твој.
12Оној, кој победува, ќе го направам столб во храмот на Мојот Бог, и нема веќе да излезе надвор; и ќе го напишам над него името на Мојот Бог и името на градот на Мојот Бог, на новиот Ерусалим, кој слегнува од небото од Мојот Бог, и Моето ново име.
13Кој има уво, нека чуе, што им зборува Духот на црквите.
14И на ангелот на Лаодикиската црква напиши му: ова го вели Амин, Верниот и Вистинскиот Сведок, Почетокот на Божјото создание –
15ги знам делата твои: ти не си ни студен, ни жежок; о, да беше студен или жежок!
16Така, бидејќи си млак, и не жежок, ниту студен, ќе те изблуам од устата Своја.
17Оти велиш: »Богат сум, и се збогатив, и ништо не ми треба«, а не знаеш дека си беден и проколнат, сиромав, слеп и гол;
18те советувам да си купиш од Мене злато, низ оган пречистено, за да се збогатиш; и бело облекло, за да се облечеш, и да не се гледа срамот на голотијата твоја, и со очна маст намачкај ги очите твои, за да гледаш.
19Кои Јас ги сакам, нив ги карам и казнувам. И така, биди ревностен и покај се.
20Ете, стојам пред вратата и чукам. Ако некој го чуе гласот Мој и ја отвори вратата, ќе влезам при него и ќе вечерам со него, и тој со Мене.
21На оној, што победува, ќе му позволам да седне со Мене на Мојот престол, како што и Јас победив и седнав со Отецот Свој на Неговиот престол.
22Кој има уво, нека чуе, што им зборува Духот на црквите.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.