Мудри Соломонови Изреки 10 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Мудри изреки – за праведниците и за беззакониците.

1Мудар син го радува татка си, а безумниот син е тага на мајка си.

2Беззакони ризници не донесуваат полза, а правдата од смрт спасува.

3Господ не допушта да гладува душата на праведникот, но на безбожниците го одзема.

4Мрзливата рака донесува сиромаштија, а раката на работливиот збогатува.

5Кој собира преку летото, е разумен син, а кој спие за време на жетвата, е неразумен син.

6Благослов почива врз главата на праведниот, а насилство им ја затвора устата на беззакониците.

7Споменот за праведниот ќе биде благословен, а името на нечестивите ќе биде проколнато.

8Мудриот по срце прима заповеди, а неразумниот, кој брбори, ќе се сопне.

9Кој оди во непорочност, оди без страв; а кој ги искривува патиштата свои, ќе биде казнет.

10Онаа што намигнува со очите, го срамоти мажот свој, а кој глупаво зборува – пропаѓа.

11Устата на праведникот е извор на животот, а насилството им ја затвора устата на беззакониците.

12Омразата предизвикува раздори, а љубовта ги покрива сите гревови.

13Во устата на разумниот има мудрост, а за грбот на глупавиот – стап.

14Мудрите го чуваат знаењето, а устата на глупавиот е близу до смртта.

15Имотот на богатиот е негов утврден град, а пропаст за бедните е нивната сиромаштија.

16Трудот на праведникот води кон живот, успехот на нечестивиот – кон грев.

17Кој ја пази поуката, тој е на патот кон животот; а кој го отфрла разобличувањето – талка.

18Којшто крие омраза, има лажлива уста; а кој шири клетви, е глупав.

19При многу зборување не се избегнува гревот, а разумен ќе бидеш ако ја воздржуваш устата своја.

20Јазикот на праведниот е одбрано сребро, а срцето на нечестивите – нема вредност.

21Устата на праведниот поучува мнозина, а глупавите умираат од недостиг на разум.

22Благословот Господов – збогатува, и не донесува со себеси тага во срцето.

23Глупавиот со веселба го прави она што е престапно, а на разумниот човек мудроста му е својствена.

24Од она од што се плаши нечестивиот, тоа ќе го снајде, а желбата на праведниците ќе се исполни.

25Како што виорот минува, така и нечестивиот ќе исчезне; а праведникот е врз вечни основи.

26Она што е јагуридата за забите и димот за очите, таков е и мрзливиот за оние што праќаат.

27Стравот Господов додава денови, а годините на нечестивите ќе се скратат.

28Очекувањето на праведниците е радост, а надежта на нечестивите ќе загине.

29Патот Господов е крепост за непорочниот, а пропаст за оние, што вршат беззаконие.

30Праведниот нема да се поколеба никогаш, а лошите нема да ја населат земјата.

31Од устата на праведникот тече мудрост, а злоштетниот јазик ќе биде пресечен.

32Устата на праведникот го познава благопријатното, устата на нечеситвите – развратното.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help