Проповедник 11 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

За делата на милосрдноста. Суета се и детството и младоста.

1Пуштај го лебот свој по водите, зашто по многу дни пак ќе го најдеш.

2Давај дел на седум души, и дури на осум, зашто не знаеш, какво зло ќе настане на земјата.

3Кога ќе се наполнат облаците, излеваат дожд на земјата; и ако едно дрво падне кој југ или кон север, тоа си останува таму, каде што и паднало.

4Кој го набљудува ветрот, нема да сее, и кој гледа во облаците, нема да жнее.

5Како што не ги знаеш патиштата на ветрот, ниту како настануваат коските во утробата на бремена жена, така не можеш да ги знаеш ни делата на Бога, Кој создава сѐ.

6Изутрина сеј го семето и навечер нека ти мируваат рацете твои, зашто не знаеш, едното, или другото повеќе ќе успее, или едното и другото ќе бидат еднакво добри.

7Слатка е светлината, и пријатно е за очите да гледаш сонце.

8Ако човек проживее и многу години, нека се весели во текот на сите нив и нека си спомнува за темните дни, какви што ќе ги има многу: но сѐ што ќе биде, ќе биде суета!

9Весели се во младоста своја, момче, и срцето твое да вкусува радост во дните на твојата младост; и оди каде што срцето те влече и каде што очите ти гледаат; само знај, дека за сето тоа Бог ќе те изведе на суд.

10Гони ја скрбта од срцето свое и отстранувај го злото од телото свое, зашто детството и младоста се суета!

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help