1Во исто време Антиох срамно се врати од персиските краишта.
2Тој беше навлегол во градот Персепол, обидувајќи се да го ограби тамошниот храм и да го преземе градот. Затоа народот се собра, грабна оружје и Антиох, подгонет од жителите на градот, мораше срамно да се врати назад.
3Кога се доближи до Екбатана, разбра што се случило со војската на Никанора и Тимотеја.
4Тој пламнат од бес, намисли да се одмазди на Јудејците за навредата од оние што го натерале на бегство, затоа му заповеда на коларот од неговата бојна кола непрекинато да вози сѐ додека не стигнат. Но Небесниот суд веќе го следеше, зашто гордо беше рекол: »Од Ерусалим ќе направам гробишта за Јудејците штом ќе отидам таму.«
5Но Севишниот Бог на Израилците го порази со неизлечива и невидлива рана: веднаш штом ги изрече тие зборови, го фатија неиздржливи болки во утробата и страшни внатрешни маки,
6наполно заслужено, зашто и тој им ги измачуваше утробите на другите со многу необични болки.
7Но и тогаш од својата гордост не отстапуваше, туку исполнет уште повеќе со неа и дишејќи со огнена ожесточеност против Јудејците, заповеда да вози уште побрзо, кога одеднаш падна од колата и ги повреди сите делови од своето тело.
8Оној, што мислеше во својата човечка надуеност дека може да им заповеда на морските бранови и да ги измери планинските врвови, лежеше целиот искршен на земјата, од каде потоа го дигнаа на носилка, покажувајќи им ја на сите Божјата сила јавно;
9зашто од телото на овој безбожник, уште додека беше жив, отпаѓаа парчиња месо, така што смрдеата од отпаѓањето и гниењето со мачнотија ја поднесуваше целата војска.
10Само пред малку мислеше да ги дофати небеските ѕвезди, а сега веќе никој, поради ужасната смрдеа, не можеше да го истрпи.
11А сега, целиот скршен од болки, почна да попушта во својата гордост и под ударот на Божјиот бич почна да му доаѓа умот, зашто маките негови стануваат сѐ понеиздржливи секој миг.
12Не можејќи ни самиот да ја издржи смрдеата на своето сопствено тело, тој призна, велејќи: »Право е човек да Му се покорува на Бога и, бидејќи е смртен, да не се изедначува со Бога!«
13Овој безбожник Му се молеше на Бога, Кој не можеше веќе да го сака,
14и велеше: »Светиот град што брзав да го срамнам со земја и да го птретворам во гробишта, го објавувам за слободен;
15Јудејците, кои имав намера да не ги удостојам ни со погреб, туку заедно со нивните деца да ги фрлам на грабливите птици и на ѕверовите, сите ќе ги изедначам со Атињаните;
16светиот храм, кој некогаш го ограбив, ќе го украсам со најскапоцени дарови, ќе ги вратам сите свети садови, и тоа многу повеќе отколку што сум зел, а нужните расходи за жртвите ќе ги плаќам од моите лични приходи;
17и, освен тоа, и јас самиот ќе станам Јудеец, ќе го посетам секое населено место и ќе ја објавам Божјата сила.«
18Но, откако болките никако не престануваа, зашто врз него беше дошол часот на Божјиот праведен суд, во таква очајна положба им напиша на Јудејците писмо со ваква содржина:
19»Царот и воениот заповедник Антиох – на своите добри сограѓани, Јудејците, им испраќам поздрави и добропожелби!
20Ако сте здрави вие и вашите деца, а работите ви одат како што треба, јас Му оддавам најголема благодарност на Бога, имајќи потолна надеж на небото.
21Но јас лежам болен и со љубов си псомнувам за вашата почит и добра расположба спрема мене. На враќање од Персија, тешко се разболев, па најдов за потребно да се погрижам за општата сигурност на сите.
22Не очајувам, иако ми е состојбата многу тешка, цврсто се надевам дека сепак ќе оздравам.
23Но, бидејќи знам дека татко ми, кога војуваше со горните краишта, си беше определил наследник,
24та, ако се случи нешто ненадејно, или некаква незгода, жителите на нашата земја да знаат на кого му е оставено управувањето и да не се вознемируваат;
25освен тоа, забележувајќи дека владетелите на околните држави, гледаат и чекаат да видат каков ќе биде крајот, јас го одредив за цар мојот син Антиох, кого за време на моите походи по горните земји често сум го препорачувал, а сум го претставувал и на повеќемина од вас, а и нему му напишав вакво писмо.
26Па така, ве молам да си спомните за добрините што сум ви ги направил подеднакво на сите вас, така што вашата благодарност спрема мене да ја пројавите и спрема мојот син.
27Јас сум уверен оти тој, следејќи ги моите желби, дека ќе постапува со вас добро и човечки.«
28Така тој богохулник и човекоубиец, откако претрпе најтешки маки, какви знаел да им причинува на другите, својот живот го заврши во туѓа земја, и со најтешка смрт.
29Неговото тело го пренесе Филип, неговиот пријател од детство, кој од страв пред Антиоховиот син, отиде во Египет, кај Птоломеја Филопатор.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.