Броеви 19 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

За водата од пепелта на црвената јуница.

1И им рече Господ на Мојсеја и Арона, велеќи:

2»Еве ја наредбата на законот, што Господ ја заповеда, кога рече: јави им на синовите Израилеви да ти доведат јуница црвеникава, без повреда, без недостаток, и која не била впрегнувана;

3дајте ја на свештеникот Елеазар, и да ја изведат надвор од населбата на чисто место, и да ја заколат пред него.

4И нека зема свештеникот Елеазар од крвта нејзина и нека попрска од нејзината крв седумпати пред скинијата на сведоштвото.

5И потоа да ја изгорат пред очите негови: и кожата нејзина, и месото нејзино, и крвта, а и нечистотиите нејзини – да ги изгорат.

6И свештеникот да зема кедрово дрво, и исоп, и нишка од темноцрвена волна и да ги стави во средината на огнот каде што гори јуницата.

7А свештеникот да ја испере облеката своја и да го измие телото свое со вода, а потоа да влезе во населбата, и свештеникот ќе биде нечист до вечерта.

8И оној, што ја изгорел, да ја испере облеката своја со вода, и да го измие телото свое со вода, и да биде нечист до вечерта.

9А некој чист да ја собере пепелта од јуницата и да ја остави надвор од населбата на чисто место, и таа да се чува за општеството на синовите Израилеви, за приготвување очистителна вода.

10А оној, пак, што ја собрал пепелта од јуницата, да ја испере облеката своја, и да биде нечист до вечерта. Тоа нека биде вечно озаконение за синовите Израилеви и за придојдените, што живеат меѓу нив.

11Оној што ќе се допре до мртво тело на кој и да било човек, да биде нечист седум дена:

12тој треба да се очисти со таа вода на третиот ден и на седмиот ден, и ќе биде чист; ако, пак, не се очисти на третиот и седмиот ден, нема да биде чист.

13Секој, што се допрел до мртво тело на кој и да било умрен човек и не се очистил, ќе ја оскверни скинијата Господова; тој човек да се истреби од Израилот, зашто не е попрскан со вода за очистување, тој е нечист, нечистотата е си уште на него.

14Еве го законот: ако човек умре дома, тогаш секој, што ќе влезе во домот, и си што е во шаторот, да биде нечисто седум дена;

15секој откриен сад, незаврзан и непокриен, е нечист.

16Секој, што ќе се допре в поле до ранет, или до умрен, или до човечка коска, или до гроб, да биде нечист седум дена.

17За нечистиот да земат пепел од онаа изгорена жртва за очистување и да сипаат над неа изворска вода во сад.

18И некој чист нека зема исоп и нека го потопи во вода и да го попрска домот и сите садови и луѓе, што ќе се најдат таму, и оној, што се допрел до човечка коска, или до ранет, или до умрен, или до гроб;

19и чистиот да го попрска нечистиот на третиот и седмиот ден и во седмиот ден тој ќе се очисти; и да ја испере облеката своја, и да го измие телото свое со вода, и нечист ќе биде до вечерта.

20Ако некој се оскверни и не се очисти, тој човек да се истеби од народот, зашто тој го осквернил светилиштето Господово: тој не е испрскан со вода за попрскување, нечист е.

21Тоа нека ви биде вечна наредба. И оној, кој прска со вода за попрскување да ја испере облеката своја; и оној кој се допрел до вода за попрскување, да биде нечист до вечерта.

22И сѐ, до што ќе се допре нечистиот, да биде нечисто, и човек кој се допрел, ќе биде нечист до вечерта.«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help