1Угледајте се на мене, како што и јас на Христа!
2Ве пофалувам, браќа, дека сѐ мое помните и ги држите заповедите така, како што сум ви ги предал.
3Сакам уште да знаете дека глава на секој маж е Христос; а на жена глава е мажот; на Христа, пак, глава е Бог.
4Секој маж, кој се моли или пророкува со покриена глава, ја срамоти својата глава;
5и секоја жена, која се моли или пророкува гологлава, ја срамоти главата своја, зашто сеедно е – како да е истрижена.
6Ако жената не сака да се покрива, тогаш нека се стриже; ако, пак, е срамно жена да се стриже или бричи, тогаш нека се покрива.
7И така, мажот не треба да ја покрива главата своја, зашто е образ и слава Божја, а жената е слава на мажот.
8Оти не е мажот од жената, туку жената од мажот;
9и мажот не е создаден за жената, туку жената за мажот;
10Затоа жената треба да има на главата своја знак од власта на мажот над неа – поради ангелите.
11Но сепак, ниту мажот без жената, ниту жената без мажот ги бива во Господа.
12Оти, како што е жената од мажот, така е и мажот преку жената; а сѐ е од Бога.
13Размислете сами во себе: прилично ли е жена да Му се моли на Бога гологлава?
14Нели и самата природа ве учи дека е срамно за мажот да има долга коса?
15Но, ако жената си ја остави косата, тоа е чест за неа, бидејќи косата ѝ е дадена место покривало.
16Но, ако некој сака да се препира, ние немаме таков обичај, ниту црквите Божји.
17А заповедајќи ви го ова, не ве фалам дека не за подобро, туку за полошо се собирате.
18Прво, пак, слушам дека, кога се собирате в црква, се појавуваат расцепи помеѓу вас, во што донекаде верувам.
19А потребно е меѓу вас да има и раздори, за да се истакнат подостојните меѓу вас.
20Но, собирајќи се така заедно, не значи дека јадете вечера Господова;
21зашто секој брза да ја изеде својата вечера пред другите, така што еден останува гладен, а друг се опива.
22Немате ли куќи за да јадете и пиете? Или ја презирате црквата Божја и ги срамотите оние, што не се имотни? Што да ви речам? Да ве пофалам ли за тоа? Не пофалувам!
23А јас го примив од Господа она, што ви го предадов; а тоа е дека Господ Исус онаа ноќ, кога Го предадоа, зеде леб,
24и, откако заблагодари, го прекрши и рече: »Земете, јадете, ова е телото Мое, кое се крши за вас; правете го ова за спомен Мој!«
25По вечерата, исто така, зеде и чаша, па рече: »Оваа чаша е Новиот завет во Мојата крв; ова правете го, кога ќе пиете за Мој спомен!«
26Оти, кога ќе го јадете овој леб и кога ќе ја пиете оваа чаша, вие ќе ја објавувате смртта на Господа, додека Он не дојде.
27Затоа, оној што недостојно јаде од овој леб и пие од чашата Господова, виновен ќе биде спрема телото и крвта на Господа.
28Но, човекот да се испита самиот себе и потоа да јаде од овој леб и да пие од оваа чаша.
29Зашто, кој јаде и пие недостојно, тој го јаде и пие своето осудување, бидејќи не го разликува телото Господово.
30Па затоа меѓу вас има многу немоќни и болни, а мнозина и умираат.
31Оти, ако бевме се испитувале сами себе, тогаш немаше да бидеме осудени.
32Но судејќи нѐ, Господ нѐ накажа, за да не бидеме осудени заедно со светот.
33Затоа, браќа мои, кога се собирате на јадење, чекајте се еден со друг.
34Ако е, пак, некој гладен, нека јаде дома, за да не се собирате за осудување. А другото ќе го наредам, кога ќе дојдам.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.