2 Царства 1 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Давид наредува доносителот на круната Саулова да се погуби.

1По Сауловата смрт, кога Давид се врати по разбивањето на Амаликијците и престојуваше во Секелаг два дена,

2ете, на третиот ден доаѓа човек од Сауловиот логор; облеката му е испокината и на главата има прав. Штом дојде кај Давида, падна на земја и му се поклони.

3И Давид го праша: »Од каде доаѓаш?« Тој одговори: »Избегав од Израилскиот логор.«

4Давид пак го праша: »Што стана? Раскажи ми.« А тој одговори: »Народот се разбега од битката, и многу народ падна и изумре; умреа и Саул и синот негов Јонатан.«

5Давид го праша момчето што му раскажуваше: »Од каде знаеш дека Саул и синот негов Јонатан умреле?«

6А момчето, што му раскажуваше, рече: »Јас случајно отидов на Гелвујската гора, и ете, Саул падна врз копјето свое, а колите и коњаниците го стигнаа.

7Тогаш тој се сврте назад и, откако ме виде, ми викна.

8И јас реков: ‚Еве ме.‘ Тој ме праша: ‚Кој си ти?‘ Јас му одговорив: ‚Јас сум Амаликиец.‘

9Тогаш тој ми рече: ‚Дојди кај мене и убиј ме, зашто смртна тага ме опфатила, но душата моја сѐ уште е во мене.‘

10И јас се приближив до него и го убив, бидејќи знаев, оти тој нема да остане жив по паѓањето свое; и го зедов царскиот венец, што беше на главата негова, и гривната, што беше на раката негова, и ги донесов тука на господарот свој.«

11Тогаш Давид се фати за облеката своја и ја раскина, исто така и сите луѓе, што беа со него, ги раскинаа алиштата свои,

12и липаа, и плачеа и постеа до вечерта за Саула и за синот негов Јонатан, и за народот Господов и за домот Израилев, поради тоа што беа загинале од меч.

13Давид, пак, го запраша момчето, што му раскажуваше: »Ти од каде си?« А тој му одговори: »Јас сум син на еден придојден Амаликиец.«

14Тогаш Давид му рече: »Како не се исплаши да кренеш рака, за да убиеш помазаник Господов?«

15И Давид повика еден од момците и му кажа: »Дојди и убиј го!« И оној го уби, и тој умре.

16И Давид му рече: »Твојата крв нека биде врз главата твоја, бидејќи твојата уста сведочеше против тебе, кога велеше: ‚Го убив помазаникот Господов.‘«

17Потоа Давид го оплака Саула и синот негов Јонатана со оваа плачевна песна,

18заповедајќи им на синовите Јудини да научат да фрлаат лак, како што е напишано во книгата на праведникот, и рече:

19»Твојата убавина, о Израиле, е погубена врз твоите височини! Како паднаа силните!

20Не раскажувајте во Гет, не разгласувајте по улиците на Аскалон, да не се радуваат ќерките филистејски, да не ликуваат ќерките на необрезаните.

21Гори Гелвујски, да не паѓа на вас ни роса, ни дожд, ниту да има по вас полиња со плодови, зашто таму е фрлен штитот на Саула, како да не беше тој помазан со елеј.

22Без крв од ранети, без мрс од силни, лакот Јонатанов не се враќаше назад, ниту мечот Саулов се враќаше празен.

23Саул и Јонатан, сакани и сложни во животот свој, не се разделија ни во смртта своја; тие беа побрзи од орлите, посилни од лавовите.

24Ќерки Израилеви, плачете за Саула, кој ве облекуваше во пурпурна облека со украси и ги китеше со златни накити облеките ваши!

25О, како паднаа силните во борбата! Загина Јонатан на твоите височини.

26Жалам за тебе, брате Јонатане; ти ми беше многу мил; твојата љубов за мене беше поголема од женската љубов.

27Како паднаа силните, како загина бојното оружје!«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help