Второзаконие 18 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Издржување на свештениците. Кој не е вистински пророк.

1»Да нема дел и наследство во Израилот за свештениците левити, во целото племе Левиево; тие треба да јадат од жртвите за Господа,

2дел од нив нема да има меѓу браќата негови: Самиот Господ е негов дел, како што му рече Он.

3Еве, што треба да биде определено за свештениците од народот, од оние, што принесуваат жртва теле или овца; на свештеникот треба да му се дава рамото, главата и утробата;

4давај му исто така и првина од пченицата твоја, од виното твое и од елејот твој, и првината од стригот на овците твои,

5бидејќи Господ, твојот Бог, него го избра од сите твои племиња да претстои пред Господа, твојот Бог, да служи и да благословува во името Господово, тој и синовите негови во сите денови.

6И ако левит некој дојде од некој од твоите градови, низ целата земја на Израилевите синови, каде што живеел тој, и по желба на душата своја дојде на местото, што ќе го одбере Господ,

7и почне да служи во името на Господа, својот Бог, како и сите негови браќа левити, кои стојат таму пред Господа,

8како храна нека добие еднаков дел, освен добиеното од продажбата на татковиот имот.

9Кога ќе влезеш во земјата, која Господ, твојот Бог, ти ја дава, да не свикнеш да правиш гнасотии, какви што вршеле тие народи;

10да не се најде пред тебе човек што го тера синот свој или ќерката своја преку оган, заради очистување, или да претскажува, да гата, или како маѓепсник,

11чародеец, ни гледач на утробата, ниту, пак, што гледа по знаци, ни таков што повикува мртви;

12зашто, секој, што го прави тоа, е гнасен пред Господа, и токму поради тие гнасотии Господ, твојот Бог, ги изгонува од пред тебе.

13Биди непорочен пред Господа, твојот Бог;

14зашто тие народи, што ти ги наследуваш, ги слушаат гатачите и претскажувачите, а тоа Господ, твојот Бог, не ти го дал.

15Господ, твојот Бог, ќе ти дигне пророк од браќата твои, како мене, – Него слушајте Го, –

16бидејќи ти го молеше Господа, твојот Бог, при Хорив во денот на собранието, велејќи: ‚да не го чујам во иднина гласот на Господа, нашиот Бог, и да не го видам повеќе тој голем оган, за да не умрам.‘

17И ми рече Господ: добро е тоа, што ти го кажале;

18Јас ќе им издигнам пророк од браќата нивни, каков што си ти, ќе ги ставам зборовите Мои во устата Негова и Он ќе им каже сѐ, што Јас ќе му заповедам;

19а кој не ќе ги послуша зборовите што ќе говори оној Пророк од Мое име, Јас ќе му се одмаздам.

20Кој, пак, пророк ќе се осмели да зборува од Мое име, она што не сум му заповедал да говори и оној што ќе зборува од името на други богови, таквиот пророк да биде погубен.

21Но ќе си речеш во срцето свое: ‚како ќе ги разбереме зборовите, што не ги кажал Господ?‘

22Еве како ќе ги дознаете: ако пророкот говори од името на Господа, и зборовите не се збиднат и не се исполнат, тогаш Господ не ги кажал тие зборови, туку ги кажал пророкот по своја гордост, – и не бој се од него.«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help