2. Коринтјаните 11 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Продолжение. Апостоловите страдања и опасности при основањето на црквите.

1Да го бевте истрпеле моето безумие! Но и истрпете ме!

2Оти за вас ревнувам со ревност Божја; зашто ве обручив за маж, за да ве претставам пред Христа како чиста девица.

3Но се плашам, да не би како што змијата со своето лукавство ја измами Ева, така и вашите мисли да се одвратат поради вашата простота во Христа;

4зашто, ако некој дојдеше да проповеда друг Исус, кого ние не сме го проповедале; или, ако добиевте друг дух, кого не сте го добиле, или друго благовестие, кое не сте го примиле, вие добро ќе го поднесевте.

5Но јас мислам дека во ништо не сум помал од врховните апостоли;

6иако сум прост во проповедта, во знаењето не сум. А насекаде и по сѐ сме ви добро познати.

7Погрешив ли што се понизував за да ве издигнам вас, бидејќи дарум ви Го проповедам Евангелието Божјо?

8Други цркви оштетив, добивајќи од нив издршка, та вам да ви служам, и додека бев при вас, иако бев во скудност, никому не дотегнав,

9оти немаштијата моја ја употполнија браќата, што дојдоа од Македонија. Па и во сѐ друго се пазев и ќе се пазам, да не ви бидам на товар.

10Како што е вистината Христова во мене, така и оваа пофалба нема да се одземе од мене во краиштата ахајски.

11А зошто? Затоа ли што не ве сакам? Бог знае! Но, она што го правам, ќе го правам,

12за да не им дадам повод на оние, кои бараат причина, та во она, за кое се фалат, да се покажат како ние.

13Оти таквите се лажни апостоли, лукави работници, кои се преобразуваат во Христови апостоли.

14И не е за чудење: бидејќи самиот сатана се преобразува во ангел на светлината;

15та затоа не е голема работа, ако и слугите негови му се преобразуваат како слуги на правдата; но нивниот крај ќе им биде според делата нивни.

16Велам пак: никој да не ме смета за безумен; ако ли не, барем како безумен примете ме, та и јас да имам со што да се пофалам.

17А она, што го зборувам, не го зборувам по Господа, туку како безумен, во овој вид пофалба.

18Бидејќи мнозина се фалат по телото, ќе се пофалам и јас.

19Оти вие, како мудри луѓе, љубезно ги примате безумните;

20вие ги поднесувате: ако некој ве натера да бидете слуги, ако некој ве јаде, ако некој од вас зема, ако некој се гордее, ако некој ве удира по образ.

21За срам зборувам: како да сме биле немоќни? Но ако некој се осмели, во безумство велам, ќе се осмелам и јас.

22Евреи ли се? И јас сум. Израилец ли е? И јас. Семе Авраамово ли се? И јас.

23Служители Христови ли се? Во безумство зборувам, јас сум повеќе. Повеќе се трудев, повеќе рани поднесов, повеќепати бев затворан во темница, и многупати на умирање.

24Од Јудејците примив петпати по четириесет без еден удар;

25трипати сум удиран со стапови, еднаш каменуван, трипати претрпев бродолом, и ноќ и ден поминав во длабочина;

26многупати сум патувал, сум бил во опасност од реки, во опасност од сонародници, во опасност од разбојници, во опасност од друговерци, во опасност по градови, во опасност по пустини, во опасност по море, во опасност меѓу лажни браќа;

27во труд и мака, во често неспиење, во глад и жед, во многу постење, на студ и голотија.

28Освен надворешните непријатности, тука се уште и секојдневните напади против мене, како и грижата за сите цркви.

29Кој ослаби, и јас да не ослабам? Кој се соблазни, и јас да не се распалам?

30Ако треба да се фалам, со слабоста своја ќе се пофалам.

31Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, Кој е благословен во веки, знае, дека не лажам.

32Во Дамаск управителот на цар Арета, друговерец, го пазеше градот Дамаск со стража, сакајќи да ме фати; и јас во кош бев спуштен и преку прозорец низ ѕид избегав од рацете негови.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help