1А по ова видов како слегува од небото друг ангел, кој имаше власт голема: и земјата светна од неговиот болскот.
2И извика силно, зборувајќи со висок глас: »Падна, падна Вавилон големиот, и стана ѓаволско живеалиште и засолниште на секаков нечист дух, врталиште на сите нечисти и гадни птици; оти со виното отровно на своето блудство ги напои сите народи.
3И царевите земни блудствуваа со неа, а трговците земни се збогатија од нејзината голема раскош!«
4И чув друг глас од небото да вели: »Излезете од неа, луѓе Мои, за да не учествувате во гревовите нејзини, и да не се заразите од раните нејзини;
5бидејќи гревовите нејзини стигнаа до небото, и Бог си спомна за неправдите нејзини.
6Платете ѝ како што и таа ви плати вам, и дајте ѝ двојно онолку за децата нејзини; со чашата, со која што ве служеше, послужете ја двојно.
7Колку што се прослави и живееше раскошно, толку мака и јад вратете ѝ. Оти во срцето свое вели: ‚Седам како царица, вдовица не сум и мака нема да видам.‘
8Затоа во еден ден ќе ја сполетаат поразите: смрт, жалост и глад, и ќе биде изгорена во оган, зашто силен е Господ, Кој ја суди.
9И ќе заплачат и ќе заридаат по неа царевите земни, кои што блудствуваа со неа и живееја раскошно, кога ќе го видат димот од горењето нејзино;
10и стоејќи од далеку, од страв пред нејзининте маки ќе велат: ‚Тешко, тешко, голем граде Вавилоне, граде силни, оти во еден час дојде пресудата твоја!‘
11И трговците земни ќе плачат и ридаат за неа, бидејќи стоките нивни нема веќе никој да ги купува:
12стоки од злато и сребро, од драгоцени камења и бисери, од висон и порфир, од свила и скерлет, секакво миризливо дрво и секакви работи од слонова коска: секакви изработки од скапоцено дрво, од бакар, железо, мермер;
13и цимет и темјан, миро и ливан, вино и елеј, брашно и пченица, говеда и овци, коњи и коли, тела и души човечки.
14И овошјата, за кои душата ти копнееше, се отстранија од тебе, и сѐ масно и светло исчезна од тебе, и нема веќе да го најдеш.
15Трговците, кои што со тие стоки се збогатија од неа, ќе стојат од далеку заради страв пред маките нејзини, и плачејќи, и ридајќи
16ќе зборуваат: ‚Тешко, тешко тебе, граде голем, облечен во свила, порфир и скерлет, украсен со злато, драгоцени камења и бисери,
17зашто во еден миг пропадна толку големо богатство!‘« И сите сопственици на лаѓи, и сите патници во лаѓите, и морнарите, и оние, што тргуваат по море, застанаа од далеку
18и викаа, па гледајќи го димот од горењето негово, велеа: »Кој беше како овој голем град?«
19И ги посипаа главите свои со пепел, и со плачење викаа и велеа: »Тешко, тешко тебе, граде голем, со чии драгоцености се обогатија сите, што имаа лаѓи по море; оти за еден миг запусте!«
20Весели се поради тоа, небо, и вие свети апостоли и пророци, зашто Бог ги заштити вашите права!
21Тогаш еден силен ангел подигна еден камен, голем како воденички, па го фрли во морето и рече: »Со такво бучење ќе биде сринат Вавилон, големиот град, и ќе го нема веќе!«
22И глас на гуслари, пеачи, свирачи и трубачи во тебе нема веќе да се чуе; никаков уметник од која и да е уметност нема веќе да се најде во тебе, шум од воденичен камен нема веќе да се чуе во тебе.
23И светлина од светила нема веќе да осветлува во тебе, и глас на младоженец и невеста нема веќе да се чуе во тебе, бидејќи трговците твои беа големи луѓе на земјата, зашто преку твоите магии се заблудија сите народи.
24И во него се најде крв на пророци и светии, а и на сите што беа избиени на земјата.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.