Исход 14 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Довршување на излегувањето. Пропаста на Египтјаните во Црвено Море.

1И му рече Господ на Мојсеја, велејќи:

2»Кажи им на синовите Израилеви да свртат и да се утаборат пред Пи – Аирот во долината меѓу Магдол и морето, спроти Веел Сепфон. Спроти него утаборете се крај морето.

3И така Фараонот ќе им рече на своите луѓе за синовите Израилеви: ‚Заскитале во земјата, пустињата ги затворила.‘

4А Јас ќе направам да се стегне срцето на Фараонот, и тој да појде во потера по нив. Но Јас ќе се прославам над Фараонот и над сета војска негова. И сите Египтјани ќе познаат дека Јас сум Господ.« Тие така и направија.

5А кога му соопштија на царот египетски дека народот избегал, се измени срцето Фараоново и слугите негови спрема народот, па рекоа: »Што направивме, па ги пуштивме синовите Израилеви, та да не ни работат повеќе.«

6И ја впрегна Фараонот колата своја, и сиот народ го поведе со себе;

7зеде шестотини коли по избор и колку што уште имаше коли египетски, со нивните началници.

8А Господ направи, та со ожесточи срцето на Фараонот, царот египетски, и на слугите негови, и тргна во потера по синовите Израилеви; но синовите Израилеви врвеа под силна рака.

9И се впуштија по нив Египтјаните, и сите коњи Фараонови со колите, и сета војска негова, и ги најдоа во долината крај морето, спроти Веел Сепфон.

10А кога наближи Фараонот, се обѕрнаа синовите Израилеви, и што ќе видат – ете Египтјаните идат по нив. И синовите Израилви се уплашија многу, па извикаа кон Господа,

11и му рекоа на Мојсеја: »Зар немаше гробови во Египет, туку не изведе овде да изгинеме во пустињата? Што ни направи? Зошто нѐ изведе од Египет?

12Нели ти го кажавме ова и во Египет, кога ти рековме: ‚Остави не, да им служиме на Египтјаните?‘ Оти подобро ќе ни беше да им служиме на Египтјаните, отколку да изгинеме во пустињава.«

13А Мојсеј му рече на народот: »Не плашете се, застанете и ќе видите Господ како ќе ве спаси денес: Египтјаните, како што ги гледате денес, нема повеќе никогаш да ги видите довека.

14Господ ќе се бие за вас, а вие бидете спокојни.«

15И му рече Господ на Мојсеја: »Зошто викаш кон Мене? Кажи им на синовите Израилеви нека врват.

16А ти земи го стапот свој и протегни ја раката своја врз морето, и раздели го, и нека минат синовите Израилеви, среде море по суво.

17Но, ете, Јас ќе го стегнам срцето на сите Египтјани, и тие ќе тргнат по нив. А Јас ќе ја покажам славата Своја над Фараонот и над сета војска негова, над колите негови и над коњаниците негови.

18И сите Египтјани ќе познаат дека Јас сум Господ, што ќе се прославам над Фараонот, над колите негови, и над коњаниците негови.«

19И се крена Ангелот Господен, што одеше пред војската на синовите Израилеви, и застана зад нив; се крена и столбот од облак пред нив, и застана зад нив.

20А кога влезе меѓу војската Египетска и меѓу војската на синовите Израилеви застана; на оние им беше темнина и мрак, а на овие им беше светлина, така што преку цела ноќ не се доближија едните до другите.

21И ја подигна Мојсеј раката своја над морето, а Господ го разбрануваше морето со јужен ветар, кој дуваше силно цела ноќ, па се направи во мерето суво и водата се раздели.

22И појдоа синовите Израилеви среде море по суво, и водата им стоеше како ѕид од десната страна и од левата страна.

23А Египтјаните, гонејќи ги, појдоа по нив среде море, сите коњи Фараонови, колите и коњаниците негови.

24А во утринската стража погледна Господ на војската египетска од столбот огнен и обласниот и ја доведе во забуна војската египетска,

25па им ги врза тркалата на колите ниви, та одвај ги влечеа. Тогаш Египтјаните рекоа: »Да бегаме од Израилците, зашто Господ се бие за нив против Египтјаните!«

26Тогаш му рече Господ на Мојсеја: »Пружи ја раката над морето, и нека се собере водата врз Египтјаните, и да ги покрие колите нивни и коњаниците нивни.«

27И Мојсеј ја испружи раката своја врз морето, и пред зори пак се поврати со својата сила, а Египтјаните тргнаа да бегаат кон морето; и Господ ги фрли Египтјаните среде море.

28А кога се поврати водата, ги потопи колите и коњаниците со сета војска Фараонова, се што беше тргнало кон нив, и не остана ниеден од нив.

29Синовите, пак, Израилеви минаа среде море по суво; водата стоеше како ѕид од десната страна и од левата страна.

30И ги избави Господ Израилците во тој ден од рацете на Египтјаните. И ги видоа синовите Израилеви Египтјаните што изумреа на брегот морски.

31Ја виде Израил силата голема, што Господ ја покажа над Египтјаните, и народот се уплаши од Господа, и поверува во Бога и на неговиот угодник Мојсеја.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help