1Во десеттата година, десеттиот месец, во дванаесеттиот ден од месецот, би слово Господово до мене:
2»Сине човечки, сврти го лицето свое кон Фараонот, египетскиот цар, и изречи пророштво против него и против цел Египет.
3Говори и кажи им – вака вели Господ Бог: еве, Јас сум против тебе Фараоне, цару египетски, голем змеју, кој лежиш по реките свои и велиш: ‚моја е реката и јас ја создадов заради себе.‘
4Но Јас ќе ставам јадица во твоите челусти и на твоите лушпи; и ќе те извлечам од реките твои со сета риба на твоите реки, што се залепила на твоите лушпи;
5ќе те фрлам во пустиња, тебе и сета риба од твоите реки; ти ќе паднеш на откриено поле; нема да те земат и соберат; ќе допуштам да те изедат ѕверовите земни и птиците небески.
6И ќе познаат сите жители на Египет, дека Јас сум Господ, оти тие беа на домот Израилев потпорна трска.
7И кога се фатија со раката своја за тебе, ти се раскина и целото нивно рамо беше избодено; и кога се потпреа на тебе, ти се скрши и им ги изнарани сите нивни бедра.«
8Затоа, вака вели Господ Бог: »Еве, Јас ќе испратам против тебе меч и ќе ги истребам кај тебе луѓето и добитокот.
9Египетската земја ќе стане пустиња и степа; па ќе познаат, дека Јас сум Господ. Бидејќи тој вели – моја е реката и јас ја создадов,
10затоа, еве, Јас сум против твоите реки и Египетската земја ќе ја направам пустиња над пустињите од Мигдол до Сиена, до пределот на Етиопија.
11Нема да оти по неа човечка нога и нога на добиток нема да стапне на неа, и нема да се живее на неа четириесет години.
12И ќе ја направам земјата Египетска пустиња меѓу запустени земји; и градовите нејзини меѓу запустени градови, ќе бидат пусти четириесет години и ќе ги растурам Египтјаните меѓу народите и ќе ги распрснам по земјата.
13Оти вака вели Господ Бог: откако ќе изминат четириесет години, Јас ќе ги соберам Египтјаните од кај народите, каде што ќе бидат растурени.
14И ќе ги вратам египетските заробеници и ќе ги доведам назад во земјата Патрос, во земјата на нивното потекло и тие таму ќе преставуваат слабо царство.
15Тоа ќе биде послабо од другите царства и нема веќе да се гордее над народите; ќе ги смалам, за да не владеат над народите.
16И во иднина, тие нема да бидат потпора на домот Израилев, за да го спомнуваат нивното беззаконие, кога се обрнуваа кон него; и ќе познаат, дека Јас сум Господ Бог.«
17Во дваесет и седмата година, првиот месец, во првиот ден од месецот, би слово Господово до мене:
18»Сине човечки, Навуходоносор, царот вавилонски, ја истошти војската своја со големи работи при градот Тир: секоја глава оќелаве и секое рамо беше изнарането; но ни за него, ни за војската немаше награда од Тир за трудот што тој го употреби против него.«
19Затоа, така вели Господ Бог: »Еве, Јас му ја давам на вавилонскиот цар Навуходоносор земјата Египетска, за да го собере богатсвото нејзино, да изврши грабеж во неа и да однесе сѐ, што грабела таа, и тоа ќе биде награда за неговата војска.
20Како награда за работата, која тој ја изврши во него, Јас му ја предавам земјата Египетска, оти тој го вршеше тоа заради Мене, вели Господ Бог.
21Во тој ден ќе го вратам рогот на домот Израилев и тебе ќе ти ја отворам устата меѓу нив, па ќе познаат дека Јас сум Господ.«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.