1Кога лавот му ги говореше овие зборови на орелот, јас видов,
2дека глават веќе не се јавуваше, оти останаа заедно со четирите крилја, кои беа преминале кон неа и се издигаа, за да царуваат, но нивното царување беше слабо и полно со расправии.
3Видов и, ете, тие исчезнаа, и целото тело на орелот изгоруваше; ужас ја опфати земјата, а јас во беспокој, избезуменост и голем страв се разбудив и му велев на својот дух:
4»Ете, ти ми го причини ова преку твоето истражување, на патиштата на Севишниот.
5Ете, срцето мое уште трепери и духот мој многу ослабна, и во мене не остана сила од големиот страв што ме порази таа ноќ.
6Но ќе Му се помолам на Севишниот, да ме поткрепи до крај.«
7И реков: »Владико Господи, ако сум придобил благодат пред твоите очи, ако си ме нашол поправичен од мнозина, и ако мојата молитва навистина достигнала до Твоето лице,
8поткрепи ме и покажи ми го мене, на Твојот слуга, значењето на ова страшно видение, та душата моја наполно да се успокои;
9зашто ти ме сметаше за достоен да ми ги покажеш последните времиња.« А Он ми рече:
10»Значењето на тоа видение е вакво:
11орелот што го виде да се издигнува од морето, е царството, кое му беше покажано во видение на Данаил, твојот брат;
12но нему не му беше објаснето она, што сега тебе ќе ти го објаснам.
13Ете, доаѓаат денови, кога на земјата ќе настане царство, пострашно од сите царства, што биле пред него.
14Во него ќе царуваат – еденподруг – дванаесет цареви.
15вториот од нив ќе почне да царува и ќе царува повеќе отколку сите други дванаесетмина.
16Тоа е значењето на дванаесетте крилја, што ги виде.
17А што слушна глас што говори, кој не излегуваше од главите на орелот, туку од средината на неговото тело,
18тоа значи, дека во времето на тоа царство ќе произлезат не мали расправии и царството ќе биде изложено на опасност да пропадне, но тоа тогаш нема да пропадне, туку ќе се состават во својата првобитна состојба.
19А тоа што виде осум мали поткрилни перја, соединети со крилјата, тоа значи,
20дека во царството ќе се издигнат осум цареви, чии времиња ќе бидат лесни и годините брзи и дека двајца од нив ќе загинат.
21А кога ќе почне да наближува средното време, четворица ќе се запазат од она време кога ќе биде близу крајот, а двајца ќе се запазат до крајот.
22А тоа што виде три глави што мируваат, тоа значи,
23дека во последните дни на царството Севишниот ќе издигне три царства и ќе им потчини многу други, тие ќе владеат над земјата и над нејзините жители, и тоа
24со поголеми измачувања, отколку сите други, што беа пред нив; затоа тие се наречени глави на орелот,
25зашто тие ќе ги завршат неговите беззаконија и ќе му стават крај.
26А тоа што виде дека големата глава веќе не се јавува, тоа значи дека еден од царевите ќе умре на својата постела, и тоа во маки,
27а другите двајца меч ќе ги проголта:
28мечот на едниот ќе го проголта оној што е со него, но и тој по извесно време од меч ќе умре.
29И откако виде дека двете поткрилни перја преминаа кон главата, што беше на десната страна,
30тоа се оние кои Севишниот ги запазил до крајот на царството, односно царство сиромашно и преполно со жалост.
31Лавот што го виде да излегува од гората со рикање, да гвори со орелот и да го изобличува за неговите неправди со сите негови зборови што ги слушна,
32тоа е Помазаникот, запазен до Севишниот до крајот против нив и против нивните беззаконија, Кој ќе ги изобличи и ќе им ги покаже нивните притеснувања.
33Он ќе ги изведе пред суд на живите и, откако ќе ги изобличи, ќе ги казни.
34По својата милосрдност, Он ќе го избави остатокот на Мојот народ, оние што се запазиле во Моите предели, и ќе ги зарадува додека настане крајот – судниот ден, за кој ти бев кажал од почетокот.
35Таков е сонот што го виде и такво е неговото значење.
36Само ти беше достоен да ја дознаеш оваа тајна на Севишниот.
37Сето ова што го виде, напиши го во книга, а книгата остави ја на скришно место;
38за ова научи ги мудрите од народот, чии срца ќе ги најдеш способни да ги прифатат и да ги пазат овие тајни.
39А ти остани овде уште седум дена, за да ти биде покажано она што ќе Му биде угодно на Севишниот да ти каже.«
40Откако изминаа седумте дена и сиот народ беше слушнал дека не сум се вратил во градот, се собраа сите од мало до големо, и, откако дојдоа при мене, ми рекоа:
41»Со што згрешивме против тебе и со што те навредивме, та нѐ остави и седиш на ова место?
42Од сиот народ само ти ни остана како грозд од лоза, како светлина на темно место, како пристаниште за избавување на кораб.
43Зар се малку неволјите, што нѐ снајдоа?
44Подобро ќе беше за нас да бевме изгореле тогаш кога гореше Сион,
45зашто не сме подобри од оние што таму изумреа,« и плачеа тие со висок глас, а јас им одговорив и реков:
46»Израиле, надевај се и не тагувај, доме Јаковов,
47зашто Севишниот си спомнува за вас и Силниот не ве заборавил во вашите неволји.
48Ни јас не сум ве оставил, не сум отишол од вас, но дојдов на ова место, за да се помолам за разурнатиот Сион и да просам милост за вашата понижена светиња.
49Сега секој од вас нека си појде дома и јас ќе се вратам при вас по тие дни.«
50Народот си отиде во градот, како што му реков.
51Јас останав во полето, како што ми беше заповедано и во сите тие дни се хранев само со полски цвеќиња, и тревата ми беше храна.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.