1Макавеј и оние, што беа со него, под водство на Господа, пак го зазедоа храмот и градот,
2и ги урнаа жртвениците и идолските храмови, изградени од туѓинците.
3Откако го очистија храмот, подигнаа друг жртвеник; а потоа, откако добија искри преку удирање камен со камен и до нив распалија оган, принесоа жртви, по тригодишен прекин, направија кадилница, свешници и ставија лебови на трпезата за предложение.
4Откако го направија сето тоа, тие Му се помолија на Господа, паѓајќи ничкум, да не се најдат никогаш во такви неволи, ако некогаш и да згрешат; Господ да ги казни милостивно и да не ги предава на богохулни и безбожни мачители.
5Очистувањето на храмот стана во истиот ден кога беше и осквернувањето негово од незнабошците – во петтиот ден од месецот Хаслев.
6Празнуваа весело осум дена, како што е прилично за празникот Сеници, спомнувајќи како пред извесно време го поминувале овој свет празник, како ѕверови по гори и во пештери.
7Затоа, носејќи стапови, обвиени со бршлен, зелени гранчиња и палми, Му благодарија и Го прославуваа Оној, Кој им помогна да го очистат местото Негово.
8И тогаш заедно одлучија и со заповед наредија – сиот јудејски народ да го празнува овој празник три дена секоја година.
9Таков му беше крајот на Антиоха, именуван Епифан.
10А сега ќе ги изложиме настаните во времето на Антиоха Евпатор, синот на оној безбожник, ограничувајќи се само на воените неволји.
11Кога го презеде царството, тој му го предаде управувањето со државата на некој си Лисиј, главен воен управник на Келе-Сирија и Финикија.
12Птоломеј, нарекуван Макрон, најде за умесно со Јудејците да постапува справедливо; откако над нив беа направени големи неправди, тој гледаше со нив сите работи да ги свршува мирно.
13Затоа беше неклеветен од љубимците на Евпатора, па слушајќи дека го нарекуваат предавник, затоа што го напуштил Кипар, кој му бил доверен од Филопатор, и преминал при Антиоха Епифан, па, откако немаше веќе чест и власт, се отру од очајание и така го заврши својот живот.
14А Горгиј, штом стана воен управител на оние места, држеше наемни војски и постојано војуваше со Јудејците.
15Заедно со него и Идумејците, кои имаа тврдини на добри положаи, ги обеспокојуваа Јудејците, и прифаќајќи ги ерусалимските бегалци, настојуваа да одржуваат постојана војна состојба.
16Макавеј и оние, што беа со него, молејќи Му се на Бога да им биде помошник во војната, ги нападнаа идумејските тврдини.
17И, откако ги нападнаа силно, ги зазедоа тие места, им се одмаздија на сите, кои се бореа на ѕидините, уништувајќи ги сите што ги среќаваа, а убија не помалку од дваесет илјади луѓе.
18Не помалку од девет илјади луѓе побегнаа во две добро утврдени кули, снабдени со сѐ што е потребно против опсадата.
19Оставајќи ги Симона и Јосифа, а и Закхеја со доста луѓе, за да ја продолжат опсадата, Макавеј самиот отиде на такви места, каде што беше повеќе потребен.
20А оние, што беа со Симона, бидејќи среброљубци, дозволија да бидат поткупени од оние што беа опсадени во кулите, па, откако добија седумдесет илјади драхми, им овозможија на некои од нив да избегаат.
21Кога го известија Макавеја за она што станало, тој ги собра народните старешини и пред нив ги прекори, велејќи им дека за пари ги продале своите браќа со тоа што ги пуштиле непријателите против нив.
22Оние луѓе, кои беа на тој начин станале предавници, тој ги предаде на смрт и веднаш потоа ги зазеде двете кули.
23Имајќи успех во оружјето, кое беше во неговите раце, во тие две тврдини изби повеќе од дваесет илјади души.
24А Тимотеј, кој пред тоа беше победен од Јудејците, собра многубројна војска од туѓинци и голем број коњаници од Азија и дојде до Јудеја со цел да ја завладее.
25Кога се приближи, тогаш оние што беа со Макавеја, се обрнаа со молитви кон Господа, главите си ги посипаа со пепел и се препашаа со кострет околу половината.
26Паѓајќи ничкум пред подножјето на жртвеникот, тие Му се молеа на Бога да биде милостив спрема нив, да им биде непријател на нивните непријатели и противник на на нивните противници, како што се вели во законот.
27Откако завршија со молитвата, го зедоа оружјето и отидоа далеку од градот, а кога се приближија до непријателите, тие застанаа.
28Штом почна сонцето да излегува и едните и другите влегоа во бој: едните се надеваа дека Ќе победат затоа што беа храбри и затоа што се надеваа на Господа, а другите – го поставија гневот за предводник во битката.
29Кога започна битката, на противниците им се покажаа од небото петмина прекрасни мажи на коњи со златни узди, а двајцата од нив ги предводеа Јудејците;
30тие го зедоа Макавеја помеѓу себе, за да го запазат неповреден со своето оружје, а на противниците фрлаа стрели и молњи, така што тие беа заслепени и збркани од страв, па почнаа да се убиваат едни со други.
31Беа убиени дваесет илјади и петстотини пешаци и шестотини коњаници.
32Самиот Тимотеј избега во тврдината, наречена Газара, која беше многу укрепена, а со неа управуваше Хереј.
33Макавеј и оние, што беа со него, весело ја опсадуваа тврдината четири дена.
34Оние, пак, што беа во тврдината, уверени дека таа е недостапна, им возвраќаа со лоши и срамни зборови.
35Петтиот ден, кога се зазоруваше, дваесет младичи од војската на Макавеја, пламнати од гнев поради срамните зборови, храбро се искачија на ѕидините и со страшна лутина ги убија сите што ги видоа.
36Набргу потоа и други навлегоа во тврдината, опфатени од истиот гнев, ги палеа кулите, па, откако запалија клади, живи ги гореа хулителите; други ја искршија портата, така навлезе сета војска и ја освоија тврдината.
37А Тимотеја, кој се беше сокрил во една јама, го убија, како и неговиот брат Хереј и Аполофана.
38Откако го извршија тоа, почнаа со песна и славословија да Му благодарат на Господа, Кој Му направи на Израилот толку голема добрина и им подари победа.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.