1 Царства 1 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Раѓањето на Самуил и неговото посветување за служба во Светилиштето.

1Имаше еден човек од Арматем-Сиф, од Ефремовата гора, името му беше Елкана, син Јеремилов, син Илиин, син на Такел, во Насив од Армател, од гората на Ефремовците;

2тој имаше две жени: едната се викаше Ана, а другата Фенана; Фенана имаше деца, Ана, пак, немаше деца.

3И во определени денови тој човек одеше од градот свој за да Му се поклони и да Му принесе жртва на Господ Саваот во Силом; таму беше Илиј и двајцата синови негови Офни и Финес, свештеници на Господа.

4А во денот, кога Елкана принесуваше жртва, ѝ даваше на жената своја Фенана и на сите нејзини синови и ќерки, по еден дар,

5а на Ана, пак, ѝ даваше посебен дар, зашто таа немаше деца, а и ја сакаше Ана повеќе од Фенана, иако Господ ѝ ја беше затворил утробата нејзина.

6Соперничката нејзина многу ја огорчуваше, па ја тераше да негодува, поради тоа што Господ ѝ ја беше затворил утробата нејзина.

7Така стануваше секоја година, кога Елкана одеше во домот Господов: онаа ја огорчуваше, а оваа плачеше и не јадеше.

8И ѝ рече Елкана, мажот нејзин: »Ано!« Таа му одговори: »Еве, ме господару.« И ѝ рече: »Зошто плачеш и зошто не јадеш, и поради што е нажалено срцето твое? Не чинам ли јас за тебе повеќе од десет синови?«

9Откако јадеа и пиеја во Силом, Ана стана и застана пред Господа. А свештеникот Илиј седеше тогаш на стол при влезот во храмот Господов.

10Таа тажеше во душата своја и Му се молеше на Господа и горко плачеше,

11па се заветува, велејќи: »Господи, семоќни Боже Саваоте! Ако погледнаш милостиво кон смиреноста на слугинката Твоја и се сетиш за мене, и не ја заборавиш слугинката Своја и ѝ дадеш на слугинката Своја дете од машки пол, јас ќе Му го дадам на Господа за сите денови на животот негов; и вино и сикер нема да пие и брич нема да се допре до главата негова.«

12Додека таа се молеше долго пред Господа, Илиј ја гледаше во устата;

13и бидејќи Ана говореше во срцето свое, а устата нејзина само се мрдаше, и гласот нејзин не се слушаше, Илиј помисли дека е пијана.

14И ѝ рече Илиј: »До кога ќе бидеш пијана? Истрезни се од виното свое и истави се од лицето Господово.«

15Ана одговори и рече: »Не, господару мој; јас сум жена, која душено страда; вино и сикер не сум пила, а ја изливам душата своја пред Господа;

16не ја сметај слугинката своја за лоша жена, зашто поради големата жалост и поради тагата своја јас говорев досега.«

17Илиј одговори и рече: »Оди си со мир, и Бог Израилев нека ја исполни молбата твоја, за која Го молеше.«

18А таа одговори: »Можеби слугинката твоја ќе најде милост во твоите очи.« И таа тргна по патот свој, и јадеше, и лицето нејзино веќе не беше тажно, како пред тоа.

19И утредента тие станаа, се поклонија пред Господа и се вратија, па отидоа во домот свој во Арматем. И Елкана ја позна Ана, жената своја, и Господ си спомна за неа.

20По извесно време Ана зачна, роди син и му даде има Самуил, бидејќи велеше таа од Господа Бога Саваота го измолив.

21И отиде мажот нејзин Елкана и целата челад негова во Силом, за да Му ја принесе годишната жртва на Господа и заветите свои и сите десетоци од земјата своја.

22Но Ана не отиде со него, велејќи му на мажот свој: »Кога младенчето ќе биде одбиено од градите и ќе порасне, тогаш ќе го одведам, и тој ќе се јави пред Господа и ќе остане таму засекогаш.«

23И ѝ рече Елкана, мажот нејзин: »Прави, она што ти е угодно; остани додека го одбиеш; само Господ да го утврди зборот што излегол од твојата уста.« И остана жена му и го хранеше синот, додека го исхрани.

24А кога го одби, отиде со него во Силом, земајќи со себе три телиња и лебови и една ефа брашно и мев со вино, па дојде во домот Господов во Силом, и момчето со нив; а момчето беше уште дете.

25И го доведоа детето пред лицето на Господа; и татко му принесе жртва, каква што Му принесуваше на Господа во определините дни. И го приведоа момчето и заклаа теле; и мајка му Ана го доведе момчето при Илија,

26и рече: »О, господару мој, да живее душата твоја, господару мој! Јас сум онаа жена, која стоеше тука при тебе и Му се молеше на Господа;

27за ова дете се молев, и Господ ја исполни молбата моја, за која Му се молев;

28и јас го предавам сега на Господа за сите денови на животот негов – нека Му служи на Господа.« И таа Му се поклони таму на Господа.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help