1 Царства 2 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Похвалната песна на Ана.

1И се молеше Ана и велеше: »Ми се зарадува срцето мое во Господа; се воздигна рогот мој преку мојот Бог; широко се отвори устата моја против моите непријатели, зашто се радувам поради спасението од Тебе.

2Никој не е така свет како Господ; зашто нема друг, освен Тебе; и нема тврдина како нашиот Бог.

3Не продолжувајте да говорите гордо; зборови охоли да не излегуваат од устата ваша; зашто Господ е Бог на знењето, и делата Негови се обмислени.

4Лакот на силните се прекршува, а слабите со сила се здобиваат;

5ситите работат за леб, а гладните почиваат; дури неплодната раѓа седумпати, а многудетната изнемоштува.

6Господ умртвува и оживува, кутнува наземи и крева;

7Господ го прави човекот сиромав и богат, го понижува и го воздига.

8Од прав го подига бедниот, од кал го крева сиромавиот, ставајќи го да седне со големците, и им го дава во наследство престолот на славата; зашто во Господа се основите на земјава, и Он врз нив ја утврди вселената.

9Ги услишува молитвите на молителот и ги благословува деновите на праведникот, зашто не преку сила човекот е јак.

10Господ ќе ги сотре оние што се препираат со Него; од небесата ќе згрми на нив. Господ е свет. Да не се фали мудриот со мудроста своја, да не се фали силниот со силата своја, да не се фали богатиот со богатството свое, туку секој, кој сака да се фали, нека се фали дека Го разбира и Го знае Господа. Господ ќе ги суди краиштата на земјата, ќе му даде сила на Својот цар и ќе го воздигне рогот на помазаникот Свој.«

11И го оставија таму Самуила пред Господа. Елкана замина за Арматем во својот дом, а момчето остана да Му служи на Господа при свештеникот Илија.

12А синовите на Илија беа лоши луѓе; тие не Го познаваа Господа

13и долгот на свештеникот кон народот. Кога некој принесуваше жртва, слугата на свештеникот доаѓаше со виљушката во раката, додека се вареше месото,

14и ја спушташе во котелот, или во котлето, или во тавата, или во грнето, и што ќе извади виљушката, тоа го земаше за себе свештеникот. Така постапуваа тие со сите Израилци, што доаѓаа таму во Силом.

15Дури и пред да изгори лојот, слугата на свешетеникот доаѓаше и му велеше на оној, што принесуваше жртва: »Дај месо за печење на свештеникот; тој нема да земе од тебе варено месо, ами дај сурово.«

16И ако некој му речеше: »Прво нека изгори лојот, како што е редот, и после земи си, колку што ти сака душата«, тој ќе речеше: »Не, дај сега, ако не, насила ќе земам.«

17И гревот на тие младичи беше многу голем пред Господа, зашто тие земаа од жртвопринесувањата на Господа.

18А момчето Самуил служеше пред Господа, облекувајќи ефод од висон.

19Горната облека негова му ја правеше мајка му и му ја донесуваше секоја година, кога доаѓаше со мажот свој, за да принесе годишна жртва.

20Илиј го благослови Елкана и жена му и рече: »Да ти даде Господ деца од оваа жена како замена за она, кое ти Му го подари на Господа!« И заминаа во своето место.

21И ја посети Господ Ана, и таа зачна и роди уште три сина и две ќерки; а момчето Самуил растеше при Господа.

22Илиј, пак, беше многу стар и слушаше сѐ, што правеа синовите негови со сите Израилци, и дека тие спијат со жените, кои се собираа при влезот во скинијата на сведоштвото.

23И им рече: »Зошто правите такви работи, зашто слушам лоши зборови за вас од сиот народ (Господов).

24Не, деца мои, не се добри гласовите што ги слушам за вас; немојте да правите така, бидејќи не се добри гласовите, што ги слушам; вие го развратувате народот Господов;

25ако човек згреши против човек, ќе се помолат на Бога за него; но ако човек згреши против Господа, кој ќе биде тој што ќе моли за него?« Но тие не го послушаа гласот на таткото свој, бидејќи Господ веќе беше решил да ги осуди на смрт.

26А момчето Самуил сѐ повеќе и повеќе растеше и напредуваше во наклоност пред Господа и пред луѓето.

27И дојде еден Божји човек при Илија и му рече: »Вака вели Господ: ‚Нели се открив во татковиот ти дом, кога тие уште беа во Египет, во домот на Фараонот?

28И меѓу сите племиња Израилеви нели го избрав него за свештеник, за да пристапува пред Мојот жртвеник, да кади тамјан, да носи ефод пред Мене? Нели му ги дадов Јас на татковиот ти дом сите жртви сепаленици од синовите Израилеви?

29А вие зошто ги газите со нозе жртвите Мои и лебните приноси Мои, кои заповедав да се принесуваат пред Мене, и зошто ги претпочиташ синовите свои повеќе од Мене, гоејќи се од првините на сите приноси од Мојот народ Израилот?‘

30Затоа Господ Бог Израилев вели вака: ‚Јас бев рекол тогаш – домот твој и домот на татко ти ќе одат пред лицето Мое за секогаш; но сега Господ вели – да не биде така, зашто Јас ќе ги прославам оние, кои Мене Ме прославуваат, а оние, што Ме обеславуваат, ќе бидат посрамени.

31Ете, настапуваат дни, во кои ќе ја пресечам мишката твоја и мишката на татковиот ти дом, така што никогаш да нема старец во домот твој;

32и ти ќе ја видиш несреќата во домот Мој, при сѐ што Господ му прави добрини на Израилот, и во сите денови нема да има старец во домот твој.

33Јас нема да ги отстранам сите твои од жртеникот Свој, та да ги изнемошувам очите твои и да ти ја измачувам душата твоја; но целото потомство на домот твој ќе умира на средна возраст.

34И еве ти знак, што ќе стане со двајцата синови твои Офни и Финес: и обајцата ќе умрат во еден ден.

35И ќе Си поставам верен свештеник; тој ќе постапува по срцето Мое и според душата Моја; и неговиот дом ќе го направам цврст, и тој ќе оди пред Мојот помазаник во сите денови;

36и секој, што ќе остане од домот твој, ќе дојде да му се клања за сребрена пара и парче леб и ќе рече: »Запиши ме за некоја левитска должност, за да имам прехрана.«‘«

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help