Јеремија 48 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Пророкување против Моава.

1За Моав вака вели Господ Саваот, Бог Израилев: тешко на Невон, бидејќи ќе биде опустошен; Киријатим ќе се осрамоти, и ќе се предаде; Мизгав ќе се посрами и ќе се вџаши.

2Ќе ја снема повеќе слава на Моав; во Есевон ќе преземаат зло против него: да отидеме за да го сотреме меѓу народите. И ти, Мадмено, ќе опустееш; меч ќе те гони.

3Се слуша пискот од Оронаим, пустошење и сотирање големо!

4Моав е сотрен; пискот кренаа децата негови.

5На искачување кон Лухит се слуша непрестаен плач; слегувајќи од Оронаим, непријателот слуша ужасен викот поради пропаста.

6Бегајте, спасувајте си ги животите свои и бидете како оголено дрво во пустиња.

7Бидејќи ти се надеваше на делата свои и на ризниците свои, затоа ќе бидеш фатен, и Хамос ќе појде во ропство заедно со свештениците и со кнезовите свои.

8И ќе дојде опустошител врз секој град, и нема ниеден град да се одржи; ќе загине долината и ќе запусти рамнината, како што вели Господ.

9Подајте му крилја на Моав, за да може да полета; градовите негови ќе станат пустиња, оти ќе нема во нив кој да живее.

10Нека е проклет секој, кој немарно го извршува делото на Господа, и нека е проклет кој го задржува мечот Негов од крв!

11Од младоста своја Моав беше спокоен, и се гордееше на својата слава, и не се преточуваше од сад во сад и во ропство не беше отишол; затоа во него си остануваше вкусот негов, и мирисот негов не се менуваше.

12Но, еве, идат дни, вели Господ, кога ќе пратам врз него преливачи, што ќе го преливаат и ќе ги испразнат садовите негови и ќе ги скршат стомните негови.

13Па ќе биде посрамен Моав заради Хамоса, како што беше посрамен домот Израилев поради Ветил, надежта негова.

14Зошто вие велите: – ние сме луѓе храбри и силни сме во бој?

15Моав е сотрен, и градовите негови горат, и одбраните младичи негови појдоа на клање, вели Царот – Господ Саваот е името Негово.

16Блиска е погибелта на Моав, и брза неговото зло.

17Сожалете го сите негови соседи, и сите што го знаете името негово, речете: како се здроби моќниот жезал и славната патерица!

18Слези од височината на величието твое и седни во жедната земја, ќерко, жителко на Дивон, бидејќи опустошителот на Моав ќе дојде при тебе и ќе ги разруши тврдините твои.

19Застани на патот и погледај ти, која живееш во Ароир, прашај го оној, што бега, и онаа, што гледа да се избави: што станува?

20Засрамен е Моав, зашто е сотрен; плачете и викајте, соопштете во Арнон дека Моав е опустошен.

21И суд дојде врз рамнината, врз Хелсон, врз Јаса и врз Мофат,

22врз Девон, врз Невон и врз Бет – Девлатаим,

23врз Киријат – Јарим, врз Бет – Гамул и врз Бет – Маон,

24врз Кариот, врз Восор и врз сите градови на земјата Моавска, далечни и блиски.

25Одбиен е робот на Моав и мишката негова е скршена, вели Господ.

26Опијте го, зашто тој се крена против Господ; нека се валка Моав во блуеницата своја, и сам ќе стане за потсмев.

27Зар не стана при тебе Израил за потсмев? Зар не те најде фатен меѓу крадците, па ти, кога зборуваше за него, само ја мавташе главата?

28Жители Моавски, оставете ги градовите и живејте по карпите и бидете како гулаби, кои вијат гнезда при влезот на пештера.

29Чувме за гордоста на Моав, гордост прекумерна, за неговата самоувереност и неговата надуеност, за неговото фалење и за горделивото негово срце.

30Ја знам Јас дрскоста негова, вели Господ, но тоа е безнадежно; лагите негови нема ништо да направат.

31Затоа, ќе плачам за Моав и ќе пиштам за целиот Моав; ќе воздивнувам за оние во Кир – Харес.

32Ќе плачам за тебе, лозо севамска, како што плачев за Јазера; твоите лозинки се префрлуваат преку морето, стигаат до езерото Јазерско; сотирачот ги нападна твоите летни производи и зрелото грозје.

33Радоста и веселбата се одзеде од Кармил и од земјата Моавска. Јас ќе направа виното во бурињата да заврши; никој веќе нема да гази во каците со песни; боен повик ќе име, а не радосен миг.

34Од пискотот на Есевон до Елеала и до Јаца тие ќе креваат глас од Сихор до Оронаим, до третата Егла, бидејќи и водите на Нимрим ќе пресушат.

35Ќе го сотрам Моав, вели Господ, оние што принесуваат жртви по незнабожечките светилишта и кои им кадат на боговите.

36Затоа срцето Мое ќе пишти за Моав како свирка, за жителите во Кир – Харес, срцето ќе им биде како свирка, бидејќи сите добра од нивните богатства пропаднаа;

37на секого главата ќе му биде гола и на секого брадата истрижена, кај сите на рацете ќе има зарези, а околу бедрата вреќиште.

38По сите покриви на Моав и по неговите улици ќе има само плач, бидејќи Јас го уништив Моав, како непотребен сад, вели Господ.

39Како е сотрен тој, ќе речат, плачејќи; како Моав се покри со срам, кога го сврти тилот, и ќе биде Моав за потсмев и ужас, за сите, што го опкружуваат,

40зашто вака вели Господ: ете, како орел ќе летне тој и ќе ги рашири крилјата над Моав.

41Градовите ќе бидат победени и трврдините освоени, а срцето на храбрите Моавци ќе биде во оној ден како срце на жена, што се измачува при породување.

42И ќе биде истребен Моав меѓу народите, бидејќи се крена против Господа.

43Страв, јама и клопка околу тебе – жителу моавски, вели Господ.

44Кој ќе избега од ужасот, ќе падне во јама; а кој ќе излезе од јамата, ќе падне во стапица; бидејќи ќе ја испратам врз него, врз Моав годината на нивната казна, вели Господ.

45Под сенката на Есевон застанаа оние што бегаа од сила; но оган излезе од Есевон, и пламен среде Сихон, па ќе го изгори крајот на Моав и темето на вознемирените синови.

46Тешко тебе, Моаве! Пропадна народот од Хамос, бидејќи синовите твои ти ги одведоа во ропство, и ќерките твои во – плен.

47Но во последните дни ќе ги вратам моавските заробеници, вели Господ. Дотука е судот за Моав.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help