1Спомнатиот Симон, кој стана предавник на храмовата ризница и на татковината, го наклевети Онија дека работи против Илиодора и дека бил виновник за лошите работи.
2Добротворот на градот, заштитникот на своите сонародници и ревнителот на Божјите закони, тој се осмелуваше да го нарекува државен непријател.
3И кога непријателството дојде дотаму, што преку некој од едномислениците на Симона, почнаа да се извршуваат убиства,
4Ониј, гледајќи дека борбата станува многу опасна и дека Аполониј, управителот на Келе-Сирија и Финикија, ја поттикнува злобата на Симона,
5отиде при царот, но не како обвинител на своите сограѓани, туку ја имаше предвид ползата на секого поодделно и на сиот народ.
6Тој согледуваше дека без царска помош не е можно мирно да се средат работите и дека Симон нема да се ослободи од своето безумие.
7По смртта на Селевк, кога Антиох, наречен Епифан, стана цар, Јасон, братот на првосвештеникот Ониј, се обидуваше да ја преземе првосвештеничката служба,
8ветувајќи му на царот, при една нивна средба, триста и шеесет таланти сребро, и од некои други приходи – осумдесет таланти.
9Освен тоа, ветил дека ќе плати уште сто и педесет таланти, ако му дозволи да има свое училиште за телесно воспитување на младичи и на ерусалимците да им дава антиохиско државјанство.
10Кога царот се согласи и тој доби таква власт, почна веднаш своите сонародници да ги подведува под елински начин на живеење.
11Ги укина слободите, кои им ги беше дал на Јудејците од човекољубиви чувства, по застапувањето на Јоана, таткото на Евполема, кој одеше како пратеник кај Римјаните за добивање и пријателство и сојузништво, па, со еден збор, уривајќи ги законските уредби, воведуваше нови обичаи спротивни на законот.
12Откако изгради под самата тврдина училиште за телесно воспитување на младичи, ги привлекуваше оние од нив, што беа полични, па ги водеше во дом на срамот.
13Така се појави наклоноста спрема елинизмот и приближувањето спрема туѓинците поради преголемата безбожничка расипаност на Јасона, на тој безбожник, а не првосвештеник,
14така што и свештениците престанаа да бидат ревносни спрема својата служба кај жртвеникот, и презирајќи го храмот и не грижејќи се за жртвите, брзаа на знак од ѕвечка за фрлање диск да земат учество во игрите спротивни на законот.
15Го сметаа за ништо она што нивните татковци го почитуваа; го признаваа за добро само она што го признавале Елините.
16Затоа ги постигна страшна казна: оние што им беа пример за угледување за тоа како треба да живеат и во сѐ да бидат слични на нив, тие им станаа непријатели и крвници;
17не е можно без казна да се однесуваме против божествените закони; тоа го потврдува и она што настана потоа.
18Кога во Тир се одржуваа, во присуство на царот, петгодишните натпревари,
19безбожниот Јасон испрати гледачи од Ерусалим, антиохијци, да однесат и триста сребрени драхми за жртва на Херкула; но, оние што ги зедоа, за да ги носат, молеа да не бидат употребени за жртви, бидејќи тоа го сметале како нешто неприлично, туку да ги потрошат за нешто друго.
20И така, парите, што ги испрати за жртва на Херкула, беа потрошени за градба на чунови со весла.
21Кога потоа Аполониј, синот на Менестеј, беше испратен во Египет, по повод зацарувањето на Птоломеја Филометор, Антиох се посомневал во него, сметајќи дека има лоши намери против него; затоа кога се упати во Јопија, тој дојде во Ерусалим.
22Тогаш беше пречекан многу свечено од Јасона и од градот, со факели и восклици, а оттаму заедно со својата војска појде во Финикија.
23Три години потоа, Јасон го испрати Менелаја, братот на спомнатиот по зло Симон, за да му ги однесе на царот парите и да го потсети на некои неодложни работи.
24А тој, откако му се претставил на царот, ја пофали неговата власт, и издејствува да му биде дадена првосвештеничка служба, откако рече дека ќе плаќа триста таланти сребро повеќе од Јасона.
25Откако го прими царското поставување, се врати во Ерусалим, без да донесе со себеси нешто достојно за првосвештеник, освен гневот на свиреп тиранин и бес на див ѕвер.
26Па така Јасон, кој го измами својот роден брат, од друг беше измамен и отстранет како изгнаник во Амонитската земја.
27Менелај ја доби првосвештеничката власт, но воопшто не се грижеше за парите што му ги ветил на царот, иако Сострат, заповедникот на градската тврдина, постојано ги бараше од него,
28зашто тој беше одговорен за собирање на даноците; поради таа причина обајцата беа повикани при царот.
29Менелај беше принуден првосвештенството да му го отстапи својот брат на Лисимах, а Сострата го заменил Кратит, заповедникот на Кипраните.
30Додека стануваше ова, бунт кренаа Тарсјаните и Малотјаните, затоа што нивните градови ѝ беа дадени како мираз на царската наложница Антиохида.
31Затоа набргу потоа царот отиде таму, за да ги измири, а за свој намесник го остави Андроника, еден од царските први советници.
32Тогаш Менелај, сметајќи дека му се укажала погодна прилика, украде златни садови од храмовата ризница и еден дел од нив му подари на Андроника, а другите ги продаде во Тир и во соседните градови.
33Откако разбра и се увери во тоа, Ониј го откри и се засолна во безопасно место – Дафна, што е во Антиохија.
34Затоа Менелај, штом се состана со Андроника, го замоли да го убие Онија. Тогаш Андроник отиде кај Онија, измамнички му ја подаде својата десница, а Ониј, иако се сомневаше во него, излезе од своето скривалиште; веднаш го уби, не водејќи грижа за правда.
35Од ова се разгневија не само Јудејците, туку и многу други народи, и негодуваа поради беззаконото убиство на тој човек.
36Кога царот се врати од пределите на Киликија, Јудејците и побунетите Елини од градот го известија за беззаконото убиство на Онија.
37Антиох, силно огорчен и побуден од сочувство, ги оплакуваше добродетелите на големата побожност на умрениот,
38разгневен на Андроника, му ја соблече достоинственичката облека, му ги искина алиштата и заповеда да го водат по целиот град и на истото место, каде што тој го уби Онија, да го погубат него – убиецот; така Господ му адде заслужена казна.
39А кога Лисимах, со знаење на Менелај, направи многу кражби на свети предмети, и затоа почна насекаде да се говори, народот се дигна против Лисимаха, зашто многу златни садови беа украдени.
40Откако разгневениот народ востана, Лисимах вооружи околу три илјади луѓе, и прв почна да врши насилства под водство на еден тиранин, стар по години, но не помалку застарен по своето безумие.
41Штом ги видоа насилствата на Лисимаха, едни од луѓето беа грабнале камења, други стапови, а трети земја и ги фрлаа врз главите на Лисимаховите луѓе,
42така што многумина од нив убија, некои ранија, а останатите ги натераа да се разбегаат, додека крадецот на светите работи го фатија кај ризницата.
43Затоа Менелај, беше изведен пред суд.
44Кога царот дојде во Тир, тогаш тројца пратеници од советот на народните старешини му поднесоа жалба.
45А Менелај, веќе фатен, му вети многу пари на Птоломеја, Дорименовиот син, ако се застапи пред царот за него.
46А Птоломеј, откако откако го одведоа царот под некој трем, божем да се освежи, го изопачи судското дело.
47Менелаја, виновникот на сите зла, царот го ослободи како невин од сите обвиненија, додека кутрите обвинители, ако беа говореле и пред суд на Скитите, ќе беа ослободени, царот ги осуди на смрт.
48И така, оние што говореа во одбрана на градот, народот и на светите садови, веднаш беа осудени со неправедна казна.
49Дури и Тираните, згрозувајќи се од таквата неправедна казна, дадоа голем прилог за нивниот погреб.
50А Менелај, поради алчност на властодршците, ја задржа власта што ја имаше, па напредувајќи во злобата, им стана уште пожесток непријател на граѓаните.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.