1Народот почна гласно да мрмори пред Господа; и Господ чу, па Му се разгори гневот, и меѓу нив пламна оган Господов и истреби еден дел од војската.
2И повика народот кон Мојсеја; Мојсеј Му се помоли на Господа и огнот престана.
3И го нарекоа тоа место »(оган)« тавера, зашто меѓу нив беше пламнал оган Господов.
4Продојдените меѓу нив почнаа да негудуваат, а заедно со нив и синовите Израилени седнаа, плачеа и велеа: »Кој ќе ни нахрани со месо?
5Ја помниме рибата што ја јадевме како подарок во Египетската земја, краставиците и дињите, и кромидот, и празот, и лукот;
6а сега душата наша се исушила: освен мана, ништо друго пред очите наши.«
7А маната прилегаше на кориандрово семе и изгледаше како кристал.
8Народот одеше да ја собира и ја мелеше со рачници, и ја толчеше во вагани, и ја вареше во котли, па правеше од неа питки; по вкус тие личеа на питулици, приготвени со елеј
9Кога ноќе паѓаше роса врз логорот, тогаш паѓаше и мана врз него.
10И чу Мојсеј дека народот плаче во колибите свои, секој пред вратата од шаторот свој; и гневот Господов силно се разгоре, и на Мојсеја му стана тешко.
11И Му рече Мојсеј на Господа: »Зошто го озлоби Твојот роб и зошто не најдов јас милост пред очите Твои, па го стави врз мене целото бреме на овој народ?
12Зар јас го зачнав во утробата своја овој народ, и зар јас го родив, па ми велиш: ‚носи го на раце, како што доилката го носи детето, до земјата, која Ти со клетва му ја вети на татковците негови?‘
13Од каде при мене месо, па да им дадам на сите овие луѓе, оти тие плачат пред мене и велат: ‚дај ни месо да јадеме.‘
14Јас сам не можам да го водам сиот овој народ, зашто таа заповед е тешка за мене.
15Штом така постапуваш со мене, подобро убиј ме ако сум добил милост пред Твоите очи, па да не ја гледам неволјата своја.«
16И му рече Господ на Мојсеја: »Собери ми седумдесет мажи од старците меѓу старешините Израилеви, за кои знаеш дека се негови старешини и надзиратели, па доведи ги кај скинијата на сведоштовото, за да застанат таму заедно со тебе.
17Јас ќе слезам и ќе зборувам таму со тебе, ќе земам од Духот, Кој е во тебе, и ќе им наредам ним, да го носат заедно со тебе товарот на народот, а не ти сам да го носиш.
18А на народот кажи му: ‚очистете се за утрешниот ден, и ќе јадете месо; зашто плачете пред Господа велејќи: – кој ќе не нахрани со месо; добро ни беше во Египет, – затоа Господ ќе ви даде месо, и ќе јадете месо;
19ќе јадете не ден, не два, не пет дена, не десет и не дваесет дена,
20но цел месец ќе јадете, додека не ви излезе од ноздрите и не ви омрзне, затоа што го презревте Господа, Кој што е меѓу вас, и плачете пред Него, велејќи: – што ни требаше да излегуваме од Египет?‘«
21И рече Мојсеј: »Шестотини илјади пешаци има во тој народ, меѓу кои сум и јас, а Ти велиш: Јас ќе им дадам месо, и ќе јадат цел месец!
22зар треба да се заколат сите овци и волови, па да им биде доволно, или ќе се собере сета морска риба, па да ги задоволи?«
23И му рече Господ на Мојсеја: »Зар е раката Господова кратка: сега ќе видиш, ќе се оствари ли зборот Мој кон тебе, или не!«
24Мојсеј излезе и му ги кажа на народот зборовите Господови, и собра седумдесет постари мажи меѓу старешините народни и ги постави околу скинијата.
25И Господ слезе во облак и говореше со него, и зеде од Духот, Кој беше над него, и им даде на седумдесетте мажи старешини. И кога слезе над нив Духот, тие почнаа да пророкуваат, но потоа престанаа.
26Двајца од мажите беа останале во логорот; името на едниот му беше Елдад, а на другиот – Модад; но и над нив беше слегол Духот, тие беа меѓу запишаните, само што не излегоа при скинијата, но и тие пророкуваа во логорот.
27Дотрча едно момче и му јави на Мојсеја, и рече: »Елдад и Модад пророкуваат во логорот.«
28Во одговор на тоа Исус син Навинов, служител на Мојсеја, еден од избраниците негови, рече: »Господаре мој, Мојсеју, забрани им!«
29Но Мојсеј му рече: »Зар завидуваш поради мене? О, да беа сите од народот Господов пророци, и да им го испратеше Господ Својот Дух!«
30Тогаш Мојсеј се врати во логорот, тој и старешините Израилеви.
31Потоа ветар дувна од Господа, и донесе откај морето потполошки и ги натрупа околу логорот на еден ден пат од едната страна и на еден ден пат од другата страна околу логорот, речиси до два лакта од земјата.
32Се крена народот, и целиот оној ден и цела ноќ и целиот иден ден се собираа потполошки; и оној, кој малку собираше, и тој набра десет гомери: и си ги наредија околу логорот да се сушат.
33Месото беше уште во нивните заби и уште не беше изедено, и се разгоре гневот Господов против народот, и Господ го порази народот со мошне голем пораз.
34И го нарекоа тоа место: гробишта на алчноста, зашто таму го погребаа народот, што се покажа алчен.
35И се кренаа луѓето од гробиштата на алчноста, па појдоа за Асирот, и во Асирот се сместија.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.