1Шимун дозна дека Трифон собрал голема војска за да појде во јудејската земја и да ја уништи;
2откако виде дека народот е уплашен, тој влезе во Ерусалим и го собра народот.
3Тој ги храбреше луѓето и им велеше: »Вие самите знаете колку јас, моите браќа и домот на мојот татко направивме за овие закони и светињи, знаете за војните и за неволјите што ги претрпевме.
4Затоа за Израел изгинаа сите мои браќа, а јас останав сам.
5И сега, да не даде Бог, да почнам да си го жалам мојот живот во времето на ова угнетување, зашто јас не сум подобар од моите браќа.
6И јас ќе се одмаздувам за мојот народ и за Светилиштето, за нашите жени и деца, зашто сите народи се соединија од омраза против нас, за да нѐ уништат.«
7Се разгори духот на народот кога ги слушна тие зборови,
8па му одговорија со висок глас и му рекоа: »Ти си наш водач, место Јуда и Јонатан, твоите браќа;
9води ја нашата војска, и сѐ што ќе ни кажеш – ќе извршуваме.«
10Тогаш тој ги собра сите мажи способни за борба, побрза да ги заврши ерусалимските ѕидови и од сите страни добро го заврсти градот.
11Потоа го испрати во Јопија Јонатан, синот на Абсалом, и со него многу војска; тој ги изгони оние што беа во неа и остана таму.
12Меѓутоа, Трифон се дигна од Птолемаида со многубројна војска, за да влезе во јудејската земја: со него беше и Јонатан под стража.
13Шимун постави логор кај Адида спроти рамнината.
14Кога Трифон дозна дека Шимун го зазел местото на својот брат Јонатан и дека има намера да војува со него, испрати кај него пратеници да му кажат:
15»Ние го задржавме брат ти Јонатан за среброто што ѝ го должеше на царската ризница, поради потребите што ги имаше.
16Затоа, испрати сто сребрени таланти, испрати ги и двајцата негови синови за заложници, за да не се одметне од нас кога ќе го пуштиме на слобода.«
17Шимун знаеше дека гласниците го мамат, но сепак ги испрати и среброто и децата, за да не си навлече голема омраза од народот,
18кој би рекол, дека Јонатан не е ослободен затоа што не го испратил среброто.
19И така, тој ги испрати и децата и среброто, но Трифон го измами и не го ослободи Јонатан.
20Потоа Трифон појде, за да навлезе во земјата и да ја опустоши, но отиде по заобиколен пат кон Адора. А Шимун и неговата војска одеа по него насекаде каде што одеше.
21Оние, кои беа во тврдината, испратија луѓе по Трифон, за да му кажат да дојде кај нив преку пустината и да им донесе храна.
22Трифон ја подготви целата своја коњица, за да појде таа ноќ, но имаше голем снег, и не тргна поради снегот, туку стана и отиде во Галад.
23Кога се приближи до Баскама, го уби Јонатан, кој беше погребан таму.
24Потоа Трифон се врати и отиде во својата земја.
25Шимун испрати луѓе и ги зеде коските на својот брат Јонатан и ги погреба во Модин, градот на неговите татковци.
26Сиот Израел жалеше и плачеше по него многу дни.
27Шимун изгради споменик на својот татко и на браќата свои од делкан камен, однапред и одназад, го издигна високо, за да се гледа оддалеку;
28таму стави седум пирамиди, една спроти друга: на татко си, на мајка си и на четворицата браќа;
29им направи убави украси, стави наоколу високи столбови, а на столбовите, за вечен спомен, ја постави и бојната опрема, а до нив – извајани кораби, така што сите што пловеа по морето да ги видат.
30Тој гроб, што го направи Шимун во Модин стои и денес.
31А Трифон го поведе на пат младиот цар Антиох и го уби.
32Потоа се зацари и се круниса за Азија, и направи големо зло на земјата.
33Шимун градеше тврдини во Јудеја, ги укрепуваше со високи кули и со големи ѕидови, со врати и затворачи, а тврдините ги полнеше со храна.
34Потоа избра луѓе и ги прати кај царот Димитриј да го молат да им ги олесни давачките, зашто Трифон знаеше само да ограбува.
35Царот Димитриј му прати одговор на тие зборови и му го напиша ова писмо:
36»Царот Димитриј до Шимун, првосвештеникот и пријателот на царевите и до старешините на јудејскиот народ – поздрав.
37Ја примивме златната круна и палмовото гранче, што ни ги пративте и ние спремни сме со вас да склучиме целосен мир и да им напишеме на даночниците да ви ги простат долговите.
38И сѐ она што сме се договориле со вас да остане во сила; и тврдините што ги изградивте нека ви припаѓаат вам.
39Ви ги простуваме и вашите необмислени грешки до денес и данокот за венците, што требаше да го плаќате; ако и нешто друго било земено во Ерусалим, веќе да не се зема.
40И, ако меѓу вас се наоѓаат способни мажи за да бидат запишани во бројот на оние што ѝ припаѓаат на мојата телесна стража, нека се запишуваат. Нека владее мир меѓу вас.«
41Во сто и седумдесеттата година е симнат јаремот од Израел, што му го наметнуваа незнабошците;
42и Израелскиот народ во преписката и одговорите почна да пишува: »Во првата година на Шимун, големиот првосвештеник, водач и управител на Јудејците.«
43Во тоа време Шимун ја нападна Газа, ја заобиколи со војска, направи опсадна машина и ги привлече до градот, разби една кула и ја освои;
44оние, пак, што беа на машините, скокнаа во градот и во градот настана голема бркотија.
45Тогаш се искачија граѓаните со жените и децата, си ја кинеа облеката, викаа на високо и го молеа Шимун да ги поштеди,
46велејќи: »Не постапувај со нас според нашите лоши работи, туку според твојата милост.«
47Се смилува Шимун на нив и не војуваше со нив; само ги изгони од градот и ги исчисти домовите, во кои имаше идоли; така влезе во градот со песни и славословија.
48Потоа исфрли од градот сѐ што беше нечисто, и насели мажи што го пазат законот, го утврди и во него направи живеалиште и за себе.
49На оние, што беа во ерусалимската тврдина, не им даваа ни да излегуваат ниту да влегуваат, ни да купуваат ниту да продаваат; тие трпеа голем глад и многумина од нив умреа од глад.
50Тогаш тие извикаа кон Шимун и бараа мир; тој им го даде, но ги изгони од тврдината, а потоа ја очисти од осквернувањата.
51Во неа влезе во дваесет и третиот ден од вториот месец, во сто седумдесет и првата година, со славословија и палмови гранчиња, со гусли, кимвали и цитри, со псалми и песни, зашто беше скршен големиот непријател на Израел.
52Нареди тој ден да се празнува секоја година со веселба, ја утврди храмовата гора, која се наоѓаше близу до тврдината и се насели таму тој и тие што беа со него.
53Шимун виде дека неговиот син Јован стана веќе маж, па го постави за воен заповедник на сите војски, а тој се насели во Газара.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.