Мудрост Сирахова 45 - Свето Писмо (Гаврилова) 1990(MK1990)

Пофалба на другите предци.

1А тој човек беше Мојсеј, сакан од Бога и од луѓето, чиј спомен е благословен;

2по слава со ангелите го израмни, го направи со дела силен за страв на непријателите.

3По неговиот збор чуда стануваа, пред лицето на цареви Тој го прославувал, преку него на народот заповеди му дал и славата Своја му ја покажал;

4за неговата верност и кротост го освети меѓу сите луѓе за Себе го избра;

5Го удостои гласот Негов да го слуша; во магла го воведе

6и лице в лице му ги даде заповедите, законот на животот и знаењето, за да го научи Јакова на Заветот и Израел на Неговите заповеди.

7Тој го издигна Арон, по светост сличен на неговиот брат Мојсеј, од коленото Левиево;

8со него вечен завет заклучи и му даде на народот свештенство; со посебен благослов го украси, со појас на слава го опаши;

9го облече во прекрасна облека, го украси со ретки украси;

10во долна облека, во хитон и ефод.

11Го опкружи со многу златни калинки и со многу ѕвончиња, кога оди милозвучно да ѕвонат, така што ѕвонењето да се слуша во Светилиштето како опомена на синовите од Неговиот народ.

12Го облече во света облека од злато, пурпурна волна и од препреден висон, дело на вешти мајстори, целата извезена и градник – со Урин и Тумим,

13со црвена ткаенина – вешта работа, со скапоцени камења, изрезани како печат, во златен обруб, работа на каменорезец, изрезани за спомен на имињата според бројот на Израеловите племиња.

14На неговиот кидар – златен венец, знак на светињата, слава на достоинството, украс прекрасен, дело на вешти мајстори, радост за очите.

15Пред него немал такви никогаш никој;

16кој не припаѓал на неговото племе, не се облекувал така, туку така се облекувале само синовите негови и потомците негови засекогаш.

17Тие принесуваа жртви секој ден по двапати.

18Мојсеј му ја дал свештеничката власт во неговите раце и го помазал со свето масло;

19тоа е вечниот завет сѐ додека стојат небесата, да Му служат на Бога заедно и свештеник Негов да биде, да го благословува народот во името на Господа.

20Него Господ го избра меѓу сите живи, за да Му принесува жртви, кадиво и пријатни мириси, за спомен и за очистување на Неговиот народ.

21Тој му ги даде заповедите и судската власт, Јакова – да го учи на откровенијата и Израел – на Неговиот закон.

22Против него се подигнаа туѓинци, и му позавидоа, кога беа во пустината, луѓето коишто кон Датан и Авирам се придружија како и збирштината на Корах – во жестокост и гнев.

23Господ го виде тоа и се разгневи, и тие изгинаа од силата на Неговиот гнев;

24над нив Тој чудо направи, ги изгоре со пламенот на огнот Свој,

25Така ја зголеми славата Аронова, му ги даде во наследство негово – му ги додели првините од плодовите,

26пред сѐ, во изобилство леб за храна им даде, зашто тие јадат од жртвите на Господа, а ова му го дозволи само на него и на потомството негово.

27Но не му даде да има наследство од земјата на народот; не му даде дел меѓу народот, зашто Тој Самиот е негов дел и Негово наследство.

28Исто така и Пинхас, Елазаровиот син, трет е по слава, зашто ревносен бил во стравот Господен; кога народот отпаднал, тој постојанен бил и со душа смел, стоел со чиста душа, Го умилостивил Господа спрема Израел.

29Зато со него бил направен мирен завет – да биде раководител на светилиштето и на својот народ, но на него и на потомството да му остане достоинството свештеничко за сите времиња.

30Како што според заветот со Давид, синот на Јишај од коленото Јудино, царското достоинство преминувало од татко на син, така и наследството на свештенството му припаѓало на Арон и на потомството негово.

31Господ да ни даде премудрост во нашите срца, справедливо на народот да му судиме, за да не се загуби богатството негово и славата негова да остане на неговите потомци.

Blog
About Us
Message
Site Map

Who We AreWhat We EelieveWhat We Do

Terms of UsePrivacy Notice

2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.

Home
Gospel
Question
Blog
Help