1Чедо мое, потсилувај се во благодатта, што ти е дадена од Христа Исуса,
2и сѐ, што си чул од мене пред многу сведоци, предај го на верни луѓе, кои се способни и други да научат.
3Па така, поднесувај страдања како добар војник на Исуса Христа.
4Оти ниеден војник не се вплетува во светски работи, за да му угоди на својот началник.
5А ако, пак, некој војува, сепак венец не добива, бидејќи не се борел според правилата.
6Земјоделецот што се труди, прв треба да вкуси од плодот.
7Разбери што ти зборувам; а Господ нека ти даде разум во сѐ!
8Помни Го Господа Исуса Христа од родот Давидов, Кој воскресна од мртвите, онака како што ви проповедав,
9поради кое страдам, дури до окови, како злочинец. Но словото Божјо не се врзува.
10Затоа сѐ трпам заради избраните, та и тие да добијат спасение во Христа Исуса со вечна слава.
11Верни се зборовите: »Ако со Него сме умреле, со Него и ќе оживееме.
12Ако трпиме, со Него и ќе царуваме; ако се одречеме, и Он ќе се одрече од нас.
13Ако не веруваме, Он останува верен, бидејќи Сам Себеси не може да се одрече.«
14Ова напомнувај го и сведочи пред Господа за да не се препираат, оти препирките ништо не помагаат, а дури им штетат на оние, што слушаат.
15Погрижи се пред Бога да се покажеш како достоен и беспрекорно работлив, кој верно го проповеда словото на вистината.
16А од непристојни и празни зборови клони се, зашто тие ги водат луѓето секогаш кон безбожност.
17И словото нивно ќе се пренесува како жива рана. Такви се Именеј и Филит,
18кои отстапија од вистината, говорејќи дека воскресението веќе станало, и со тоа им попречуваат во верата на некои.
19Но Божјата цврста основа стои непоколебливо, имајќи го овој печат: »Ги позна Господ Своите« и »Да отстапи од неправдата секој, што го произнесува името Господово!«
20Во голем дом има не само златни и сребрени садови, туку и дрвени, и земјани; и едните се за почесна употреба, а другите за нечиста.
21И така, ако некој се очисти од тоа, тој ќе биде сад за почест, осветен, приспособен за употреба на господарот и приготвен за секое добро дело.
22Избегнувај ги, исто така, и желбите на младоста, туку стреми се кон правда, вера, љубов и мир со оние, што Го призовуваат Господа од чисто срце!
23Глупави и празни расправии избегнувај, знаејќи дека тие породуваат кавги!
24А слугата Господов не треба да влегува во расправии; туку да биде кроток кон сите, поучлив и незлобив.
25И со кротост поучувај ги оние што се противат, та не би ли им дал Бог покајание, за да ја познаат вистината,
26и да се ослободат од мрежата на ѓаволот, кој ги уловил живи, за да ја исполнуваат неговата волја.
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.