1Кога веќе стана доцна, великодостојниците побрзаа да се повлечат, а Вагој, откако ги ослободи оние што послужуваа пред лицето на неговиот господар, го затвори шаторот однадвор, па отиде и си легна. Сите отидоа да си починат, бидејќи беа многу уморни од долгата гозба.
2Јудита остана сама во шаторот. Олоферн, совладан од виното, падна на својата постела.
3Јудита ѝ рече на својата слугинка да стои пред нејзината спална и да ја чека додека не излезе, велејќи ѝ дека ќе излезе да се помоли, како што правеше секој ден. Истото му го рече и на Вагој.
4Кога сите си отидоа од кај неа и кога во спалната не остана ни мал ни голем, Јудита застана пред леглото негово, па рече во своето срце: »Господи, Боже на секоја сила, погледни милозливо во овој час врз делата на моиве раце за издигнување на Ерусалим;
5ова е вистинскиот час да го заштитиш Твоето наследство и да ја оствариш мојата замисла: да бидат поразени непријателите, кои се дигнаа против нас.«
6Тогаш пријде до столбот од леглото, кој беше кај главата на Олоферна и го симна од него мечот негов;
7се приближи потоа до леглото, ја дофати косата на неговата глава и рече: »Господи, Боже на Израилот, дај ми сила во денешниов ден!«
8Па со сета своја сила го удри двапати Олоферна по вратот и му ја отсече главата.
9Откако го фрли неговиот труп од леглото, ја откачи завесата од столбовите. По малку време излезе и ѝ ја даде Олоферновата глава на слугинката.
10Таа ја стави во својата торба. Потоа, како и обично, обете излегоа на молитва. Откако излегоа од логорот, ја заобиколија долината и се искачија до ветуилските височини и дојдоа до градската порта.
11Уште оддалеку Јудита ѝ извика на стражата при портата: »Отворете, отворете ги вратите! Со нас е Бог, со нас е нашиот Бог, за да му подари сила на Израилот и победа над неговите непријатели, како и денес што ни ја подари.«
12Штом градските мажи го слушнаа нејзиниот глас, побрзаа кон портата на градот и ги повикаа градските старешини.
13Се собраа сите, од мало до големо, бидејќи нејзиното доаѓање беше сосема неочекувано за нив; и, откако ја отворија портата, ги примија, запалија оган да свети и ги заобиколија.
14А таа им рече со силен глас: »Фалете Го Господа, фалете Го, фалете Го Господа, затоа што не ја оддалечи Својата милост од домот на Израилот, туку ноќва преку мојата рака ги скрши нашите непријатели.«
15Вадејќи ја главата од торбата, им ја покажа и рече: »Еве ја главата на Олоферна, водачот на асирската војска, еве ја и завесата, зад која лежеше пијан; Господ го порази со рака на жена.
16Жив е Господ, кој ме запази на патот по кој одев! Бидејќи моето лице го соблазни Олоферна за негова пропаст, но тој не ме посрами и не згреши со мене.«
17Сиот народ се вчудовиде, падна ничкум, Му се поклони на Бога, и еднодушно извика: »Благословен Си Боже наш, Ти Кој денес, ги уништи непријателите на Твојот народ!«
18А Озија ѝ рече: »Биди благословена, ќерко, благословот на Севишниот Бог нека биде со тебе повеќе отколку со сите жени на земјата; да е благословен Господ Бог, Создателот на небото и земјата, што те научи како да му ја отсечеш главата на водачот на нашите непријатели;
19твојата надеж нема да отстапи од срцето на луѓето, кои ќе си спомнуваат за твојата сила довека.
20Нека го направи Бог ова да биде за твоја лична слава, нека те награди со секое добро затоа што ти не го поштеди својот живот кога беше понизен нашиот народ; ти излезе пред нас, кога ние паѓавме, и одеше право пред нашиот Бог!« И сиот народ извика: »Амин! Нека биде така!«
Who We AreWhat We EelieveWhat We Do
2025 by iamachristian.org,Inc All rights reserved.